Како изгледаа првите женски списанија во СССР

Russia Beyond (Степан Лутовинин / Архив семьи Левченко-Лутовининых / Russia in photo / Archive photo)
По револуцијата се појавија списанија за индустриски работнички, жени од село и политичарки. Во нив објавуваа најистакнатите партиски работници, а многумина ги водеше лично Надежда Крупскаја, советската прва дама. За што пишуваа списанијата за советските жени?

Женски списанија излегуваа и во царска Русија, но тие беа првенствено практични, пишуваа за модата, носеа вести од високото општество, се занимаваа со ракотворби и домаќинство, објавуваа книжевни новитети, додека само лесно ги начнуваа важните општествени прашања. Овие списанија беа достапни и читани во многу тесен круг образовани жени. По падот на монархијата, сè се промени.

По револуцијата во 1917 година, болшевиците го прогласија за своја задача описменувањето на широките народни маси и основаа средства за масовна комуникација кои беа под контрола на партијата и исполнуваа пропагандни задачи. Беше издаден и посебен декрет за „неопходноста од зајакнување на партиското раководство со женски печат“, болшевиците се ослободија од списанијата со совети за домаќинките. Целта на новиот печат беше „да ги ангажира работничките и жените на село во борбата за комунизмот и советската изградба“. За болшевиците беше важно жената да стане рамноправен член на општеството и работен елемент.

Повеќето од списанијата беа под надзор на сопругата на водачот на револуцијата Надежда Крупскаја, која беше на чело на политичко-просветниот комитет при Министерството за просвета и беше задолжена за целокупната агитациско-пропагандна работа. Во списанијата објавуваа текстови истакнати револуционерки како Инес Арманд или Александра Колонтај, сестрата на Ленин Ана Улјанова Елизарова, политичари, меѓу кои и првиот народен комесар за просвета Анатолиј Луначарски и секретарот на Ленин и уредник на „Правда“ Владимир Бонч Бруевич.

Ова се само некои од списанијата кои беа наменети за жени.

„Комунистка“ 

Декември 1920.

„Комунистка“ беше  политичко списание и печатено издание на партиското Одделение за работа меѓу жените. Излегуваше во релативно мал тираж од дваесет до триесет илјади примероци од 1920 до 1930 година, додека Сталин не го укина Одделението за работа меѓу жените.

Јануари 1928.

Задачата на списанието беше политичко воспитување на жените-членки на партијата. Пишуваше како да се организира пропагандна работа, како се станува раководител и како се подготвуваат нови партиски кадри. Историчарката на новинарството Елена Коломијцева наведува примери на рубрики како „Прашања на организација“, „Прашања на пропаганда“, „Прашања на комунистичкото воспитување“, како и наслови од типот на „Зајакнување на растот на партијата на Ленин“, „Обука на атеистички кадар“, „Поодлучно кандидирање за работа на раководни места“.

Март 1929.

Во „Комунистка“ беше разработен и општиот систем на женскиот печат и дефинирана неговата цел (комунистичко воспитување на жените), како и публиката, жените од село, работничките и женскио „партиски актив“, сегменти за кои беа потребни посебни публикации. „Комунистка“ даваше и совети за уредување на такви списанија и ги повикуваше дописничките меѓу работничките и жените од село да пишуваат статии.

Беше донесена одлука за лансирање посебни изданија на списанието во регионите, се појавија мноштво клонови, како што се „Црвена Сибирка“, „Работнички на Северниот Кавказ“ и други.

„Работничка“

Мај 1923.

Уште во далечната 1914 година, заради „заштита на интересите на женското работничко движење“, Ленин го иницира издавањето на првото пролетерско списание за жени, „Работница“ („Работничка“). Списанието беше затворено од полицијата, но беше обновено по револуцијата. Пишуваше за важноста на „исполнувањето на заветите на Илич“ и комунистичкото воспитување. Но, главните теми беа поврзани со прашањата на трудот.

Февруари 1927.

Списанието ја запозна читателската публика со хероините на производството и занимањата со кои би можеле да се занимаваат жените (на пример, еден од броевите ги советуваше жените да се ориентираат на професијата бравар, која не бара голема физичка сила). Имаше и совети за удобна облека за работа, избегнување на штетните високи потпетици и други теми.

Најважната тема на списанието беше револуцијата во секојдневниот живот. Жената мораше да се ослободи од машкото и семејното „ропство“ и да стане полноправен градител на комунистичкото општество и „величенствениот нов живот“.

Декември 1935 и 1936.

„Менталниот развој го кочат ситните грижи, тенџерињата, тестото, валканите кофи и слични гнасотии. Кога би го отфрлиле сето тоа, жените брзо би направиле чекор напред, би се чувствувале потполно слободни и среќни“, пишуваше Надежда Крупскаја во „Работничка“ во 1925 година.

Во 1917 година списанието излегуваше во тираж од 425 илјади примероци, додека во деведесеттите години на минатиот век достигна 23 милиони.

Август 1956.

Тоа е едно од малобројните такви списанија кои излегуваат и денес.

„Крестјанка“

Март 1929.

Списанието „Селанка“ излегуваше од 1922 до 2015 година и тоа во милионски тиражи (на пример, во 1989 година во 21 милион примероци). Неговата задача беше „агитација меѓу жените на село, пропаганда на комунистичките идеи, всадување на знаења потребни во секојдневниот живот и работа“.

Списанието пишуваше за тоа како да се води домаќинство и селско стопанство, како да се одгледуваат деца, како и за тоа како живеат жените на село и други места, но и како да се олесни животот на работниот човек. Се занимаваше и со тоа колку е важно да се зголеми количината на жито и како да се изведе тоа.

Април 1935.

Во „Крестјанка“ беа објавувани и раскази за жени, а за списанието пишуваа најдобрите советски писатели - од Максим Горки до Александар Твардовски. Имаше и „Весела страница“, која во еден вид книжевна форма ги исмеваше старите начела и оние што го нарушуваа новиот поредок.

„Батрачка“

Октомври 1929.

По смртта на Ленин, во периодот од 1925 до 1929 година излегуваше списанието „Батрачка“, нешто слично на „Крестјанка“. Се дистрибуираше меѓу работничките во земјоделството и шумарството. Од година во година, бројот на претплатници растеше и тиражот од десет беше зголемен на четириесет илјади примероци.

Мај 1928.

Списанието излегуваше во ограничен период, бидејќи самиот термин „батрак“, односно наемен работник, постоеше само во првите години на СССР и во времето на новата економска политика (НЕП).

Март 1928.

Во „Батрачка“ беа објавувани статии на тема женски труд и улогата на жената во општеството во кои се зборуваше дека жената пред сé треба да служи на интересите на пролетаријатот и комунизмот, а не на семејството. 

Илустрација „Договор за работа“, 1925.

Списанието содржеше текстови со совети за воспитување деца, основите на хигиената и спречување на сексуално преносливи болести. Списанието беше наменето за полуписмени работнички на село, па затоа им беше претставувано што е тоа сифилис и колку се штетни јаките алкохолни пијалаци од домашно производство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња