Како фабриките-кујни ги ослободија советските жени од „здодевното“ готвење

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain; Александар Родченко/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru; Јосиф Будневич, Геннадиј Кошкинцев/ТАСС)
Кон крајот на дваесеттите и во текот на триесеттите години од минатиот век СССР го доживеа врвот на изградбата на фабрики-кујни, а сѐ со цел на жените максимално да им се олесни во домашната работа, а мажите да се одвикнат од чашка повеќе.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!


Во дваесеттите години од минатиот век советската власт интензивно работела на индустријализација на земјата. Новите фабрики изискуваа голем број работници, меѓу кои беа и жените. За да се организира централизирана исхрана, а работниците да се ослободат од готвење дома, се појави проектот фабрика-кујна. Освен тоа, раководството се бореше против пијанството и сметаше дека работниците треба помалку време да поминуваат дома, а повеќе да работат, па дури и слободното време да го минуваат заедно со другите работници. Притоа најпожелно место за ваквите дружења беа исто така фабриките-кујни. Така овие постројки за подготовка на оброци станаа место на кои луѓето можеа да се хранат, да купат јадење за носење и да се забавуваат на нешто покултурен начин. Имено, во состав на фабриките имаше продавници, пошта, аптеки, спортски сали и библиотеки.

На почетокот фабриките-кујни беа сместени во веќе постоечки згради, но набргу беше развиена посебна архитектонска програма за изградба на специјални згради. Тоа беа огромни комплекси кои по аналогија на „дворците на култура“ (домови на културата во СССР) се нарекуваа „дворци на исхраната“.

Каноните за изградба на „дворците на исхраната“

Една типична фабрика-кујна имаше два или три ката, како и подрум со фрижидери и со магацин за намирници. Зградата исто така имаше и полуподрум со машина за сечење леб и со соба за вработените. На приземјето се наоѓаа производните капацитети, лабораторија, гардероба за посетители, како и просторија за ужинки и продавница за полуфабрикати. На првиот кат беа сместени мензите, а на вториот салите за прослави.

Фабриките-кујни се градеа или со високи прозорци од под до плафон, или со низи прозорци. Во двата случаја мораа да бидат светли со цел посетителите да можат да јадат на природна светлина. Ова беше естетска компонента, но исто така, на овој начин се заштедуваше струја. Покривите на фабриките беа рамни, со цел во летниот период таму да можат да бидат поставени маси и столови за ручање.

Првите фабрики-кујни

Првата фабрика-кујна е отворена во 1925 година во зградата на еден поранешен станбен дом на фабрика за производство на цицана ткаенина во градот Иваново-Вознесенское (денес Иваново). Овој град и денес е познат не само по невестите, ами и по текстилната индустрија. Без да се промени надворешниот изглед, зградата однатре претрпе значителни промени. Опремата за подготовка на храна беше набавена во Германија, во зградата беа поставени фрижидери, дигалки, електрични машини за садови, сушилки и машини за сечење леб.

Во фабриката во Иваново кон крајот на дваесеттите години од минатиот век секој ден ручаа до 600 луѓе. Исто така се произведуваше готова храна за осум фабрички мензи. Народниот комесар за здравство од тоа време Николај Семашко за оваа фабрика-кујна рече дека е тоа „бомба фрлена на стариот начин на живот“. Процени дека проектот е успешен и наскоро вакви фабрики почнаа да се отвораат ширум СССР.

Позната стана Московската фабрика-кујна број 1 отворена во 1928 година на Ленинградската авенија. Зградата симболично се наоѓаше наспроти ресторанот „Јар“, омиленото место за забава на аристократијата и на креативната интелигенција во времето пред револуцијата.

Фабрика-кујна број 1. Москва, Ленинградска авенија, 7, 1931 година.

Проектот за зградата во духот на советскиот модернизам за првпат од темел ја постави архитектот Алексеј Мешков. Во зградата беше изградена сала за ручање за 1.200 луѓе. Освен фабриката-кујна во зданието се наоѓаше и сала за 250 лица во која можеше да се купи појадок, ручек и вечера. Беа отворени и продавници, штедилници, пошта и телеграф. До 1936 година во Москва имаше веќе 25 фабрики-кујни или барем толку беа наведени во адресарот „Цела Москва“ (1936 година).

Ленинград (денешен Санкт Петербург) исто така не заостануваше. Во 1930 година во овој град истовремено беа отворени четири фабрики-кујни. Најголемата беше со површина од над 20 илјади метри квадратни во комплекс во Кировскиот реон кој сервираше храна за работниците на фабриката „Красниј путиловец“.

Фабрика во облик на срп и чекан

Фабрика-кујна во Самара

Во 1929 година администрацијата на градот Самара реши да изгради фабрика-кујна за заводот за одбранбена индустрија „Маслеников“. Проектот беше доверен на првата жена-архитект во СССР Екатерина Максимова, која дотогаш веќе имаше работено на слични градби во Москва и во други делови како член на групата стручњаци на партнерството „Народна исхрана“.

Максимова сметаше дека „во иднина фабриката-кујна треба да... ја ослободи жената од здодевните домашни обврски и да ѝ овозможи комплетен живот и самоизразување рамноправно со мажите“.

Натпис на постер: „Долу кујнското ропство!“

Максимова проектираше здание во стилот на конструктивизмот во облик на срп и чекан – советскиот симбол на единството на селаните и работниците. Овој симбол што во 1918 година го осмисли уметникот Евгениј Камзолкин стана дел од грбот на Советскиот Сојуз. Кај Максимова необичниот облик овозможи поделба на зданието според функцијата.

На првиот кат се наоѓаа техничките простории и работните кабинети на работниците. Меѓу катовите имаше шест скалила чии одморалишта беа украсени со разнобојни витражи. На покривот имаше тераса на која налето на убаво време можеше да се руча. Освен салата за ручање во зградата имаше кујна, библиотека, пошта и школа за спорт.

Дали фабриките-куни беа успешен проект?

Фабриките-кујни како места за народна исхрана имаа низа предности во однос на подготовката на храната дома или исхраната во малите кафе-ресторани. Имено, набавката на намирници на големо и високата ефикасност поради механизираниот начин на подготовка овозможија производство на оброци по цена на домашната храна со значителна заштеда на време. И додека претходно работниците за време на ручекот едноставно одеа настрана и јадеа парче леб и друга едноставна храна што ја имаа земено со себе од дома, сега сите работници со блескав прибор од чисти порцелански чинии во светлите мензи ручаа јадења подготвени според заедничкиот стандард.

Бригада комсомолци го проверуваат квалитетот на храната во една фабрика-кујна во Москва

И покрај сите предности, изградбата на фабрики-кујни беше запрена кон средината на триесеттите години. Подигањето огромни зданија со високотехнолошка опрема беше скапо. Исплатливоста беше ниска. Во нешто подобра ситуација беа фабриките-кујни кои на големо продаваа храна за мензите на други фабрики. Навистина, во тоа време многу фабрики почнаа самите да отвораат мензи и на работниците да им обезбедуваат оброци. Освен тоа, во тоа време интензивно се развиваше прехранбената индустрија, во СССР започна производството на конзерви кои во голема мера ја олеснија подготовката на храна дома.

Фабриките-кујни функционираа сѐ до распадот на СССР. Во деведесеттите години од минатиот век во земјата се врати приватниот бизнис, а на приватниците не им одговараше рентабилноста што ја нудеа фабриките-кујни. Во нивните зданија почнаа да се отвораат продавници и други претпријатија кои носеа поголем профит.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња