Гумите за џвакање ја доживеаја судбината на многу други нешта што не се вклопуваа во советската претстава за тоа што е правилно. Тие не беа официјално забранети, но нивната употреба беше осудувана.
Гумената слатка беше „забрането овошје“ за советските деца и тинејџери. Тие силно ги сакаа гумите за џвакање и беа подготвени да направат многу нешта за да ги добијат. Некои дури не се двоумеја да ги измолат од странските туристи, ризикувајќи да се најдат во видното поле на органите на редот.
Гостин од Финска и советски деца
Евгениј Јасенов/TASSСé до 1970-тите во СССР не се произведуваа гуми за џвакање. Поединци кои беа во странство го познаваа, па дури и го пробаа овој производ. Тоа беа главно дипломатски работници и нивните семејства, раководители и преведувачи, додека обичните советски граѓани не беа запознаени со гумите за џвакање. А советските идеолози ја критикуваа гумата за џвакање, гледајќи во неа бесмисленост на капиталистичкото уредување и симбол на непријателската американска култура.
Со олабавувањето на железната завеса по смртта на Сталин, во советскиот секојдневен живот постепено почнаа да продираат елементи на западната култура. Во 1955 година советските граѓани дури добија извесна можност да патуваат во странство. Додуша, на многумина не им се укажуваше таква можност и патувањето беше условено со голем број критериуми: беспрекорен углед, препораки, пополнување детален прашалник од пет страници со податоци од лична природа, па дури и лекарско уверение.
Советски туристи во Версај, 1969.
Владимир Војтенко/TASSИсторичарот на уметност Михаил Герман подоцна раскажуваше: „Лекарско уверение набавив преку врски. Дури и на здрави нерадо им издаваа. Можеше да бидеш доволно здрав за воена служба, [...] а недоволно за патување во странство“. Дури и кога патуваше во странство, советскиот човек имаше право да носи и разменува ограничена сума пари. Сите сакаа да ги искористат тие пари за да купат нешто значајно од облеката или техника, така што за гуми за џвакање и слични ситници им остануваа малку пари. Затоа и не донесуваа во големи количини.
Не се знае точно кога гумите за џвакање масовно се појавија во Советскиот Сојуз. Првиот бран веројатно е поврзан со одржувањето на IV Светски фестивал на млади и студенти во Москва. Во тоа време, во главниот град имаше голем број странски гости кои понекогаш како сувенир подаруваа гуми за џвакање, добивајќи за возврат советски ситници, на пример, значки.
Норвешки момци и советски девојки, учесници на IV Светски фестивал на млади и студенти во Москва 1957 година.
Максимов/SputnikАко пријателската размена се претвореше во комерцијален потфат, тоа се нарекуваше „фарцовка“, односно шпекулација. Токму на тој начин голем број предмети од Запад влегоа во СССР пред и по овој фестивал. Препродавачите можеа да завршат во затвор, но тоа не можеше да ја спречи советската младина.
Наредниот „бум“ се случи за време на Олимпијадата 1980 година.
Атмосферата во пресрет на Олимпијадата беше доста затегната, бидејќи капиталистичките земји ја бојкотираа и советските власти не ја исклучуваа можноста за диверзија. Слободниот влез во Москва беше запрен, на децата им беше препорачано да го напуштат градот, бидејќи Олимпијадата се одржуваше за време на летниот распуст. Властите исто така сметаа дека луѓето кои останаа во градот треба да бидат предупредени да бидат претпазливи.
Денес е тешко да се утврди од каде се појавија гласините. Но, по градовите на СССР каде што се одржуваа натпреварите почнаа да кружат приказни за тоа дека во одредени училишта и фабрики наводно пристигнале милиционери со предупредување дека е опасно да се стапува во контакт со странци и дека гумата за џвакање која некој странец се обидува да ви ја подари може да биде отровна, па дури и полна со жилети. Се зборуваше за ученик кој добил таков подарок и завршил во болница. Исто така, се укажуваше на тоа дека прифаќањето на гума за џвакање претставува чин на „понизност пред Западот“, како и дека оној што ќе добие таков подарок се наоѓа на само неколку чекори од тоа да биде врбуван како шпион.
Меѓутоа, меѓу младите имаше и такви на кои никакви закани и забрани не делуваа. За многумина гумата за џвакање беше симбол на привлечниот и недостапен западен живот. Освен тоа, поседувањето ретка стока значеше повисок статус меѓу врсниците. Во интервју за весникот „Пионерска правда“ кон крајот на 70-тите години, еден ученик призна дека, меѓу другото, гумите за џвакање му требале за другите да бараат од него.
СССР почна да произведува сопствена гума за џвакање по трагичните настани 1975 година на стадионот „Соколники“. Тогаш на стадионот се судрија младинските хокеарски тимови на СССР и Канада. Спонзор на канадскиот тим беше производителот на гуми за џвакање „Вригли“, па некои навивачи очекуваа дека на тој натпревар ќе се делат гуми за џвакање. По натпреварот, советските гледачи се упатија кон излезот, сакајќи да стигнат до автобусот на Канаѓаните што беше паркиран зад стадионот. Меѓутоа, излезот беше затворен, а светлата на стадионот неочекувано ги исклучија. Според една верзија, светлото било намерно изгасено за странските новинари да не можат да го снимат воодушевувањето на советските тинејџери од гумите за џвакање. Поради блокираните врати и изгаснатите светла започна туркање во кое загина 21 лице. Тринаесет жртви беа на возраст помлади од 16 години.
По овој инцидент на стадионот „Соколники“, во 1977 година во Ереван започна производството на првата советска гума за џвакање. После тоа, гумите за џвакање во својот асортиман ги вклучи и едно од најголемите советски кондиторски претпријатија „Рот фронт“. На тезгите се појавија гуми за џвакање со вкус на јагода, портокал, нане и кафе, по пет парчиња во едно пакување.
Сé до распадот на СССР гумата за џвакање беше предмет на шпекулација и препродажба, но со почетокот на нејзиното масовно производство, воодушевувањето почна да опаѓа. Во 1990-тите, кога увозната стока го преплави рускиот пазар, странската гума за џвакање брзо потисна советската, а децата и тинејџерите добија нов предмет за размена, па дури и собирање: сликички од гумите за џвакање „Турбо“. Самата гума за џвакање не претставуваше никаква вредност. Веќе по пет минути беше сосема безвкусна. Но, заедно со гумата за џвакање се добиваа сликички со автомобили и мотоцикли, врз основа на кои момчињата се запознаваа со странското производство на автомобили. На улиците можевме да видиме само „Волга“ и „Лада“, а на сликичките сé што имаше, од „Ламборгини“ и „Бугати“ до „Опел“ и „Тојота“, се сеќава Артур, кој ги собирал овие сликички во 1990-тите. Децата си играа со нив и ги „тепкаа“. Во гумите за џвакање „Турбо“ имаше неколку стотици различни сликички и многумина се обидуваа да ги соберат за колекција, со оглед на тоа дека можеа да ги користат како влог во други игри.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче