10 забрани во СССР: Што им беше ускратено на мнозинството советски граѓани

Kira Lisitskaya (Photo: Vsevolod Tarasevich/Sputnik; CSA Images/Getty Images)
Советската држава почиваше на стремежот целосно да го регулира животот на своите граѓани со тоа што ќе им постави куп забрани. Она што денес се подразбира како неотуѓиво право и баналност достапна за секого во комунистичката реалност за многумина беше недостапен луксуз.

Патување во странство     

Само на мал број советски граѓани (меѓу кои имаше дипломати, морнари и пилоти) им беше дозволено да патуваат во странство за деловни цели. За сите останати, одењето зад „железната завеса“ беше или целосно невозможно или исклучително комплициран потфат. Луѓето го поминуваа својот одмор на советските брегови или во организирани туристички тури, додека за животот во странство можеа да дознаат нешто од ретките западни филмови што им беа достапни или од гласините што кружеа меѓу населението.

Доколку сепак се појавеше оправдана потреба некој да патува во странство, требаше прво да извади цел куп документи, да ѝ се допадне на комисијата и да помине интервју во месниот партиски одбор. Поради таквиот систем на селекција, документите требаше да се поднесат три до шест месеци пред патувањето. И дури ни убедлива причина за патувањето не гарантираше дека некој ќе добие дозвола. Конкретно, едно упатство за подготовка на туристи за патување гласеше дека во странство треба да се испраќаат само оние кои имаат „доволно животно искуство, политички се зрели и беспрекорни во личното однесување, кои во странство ќе можат да ги чуваат честа и достоинството на советскиот граѓанин“.

Самостоен избор на место на вработување по завршување на факултетот  

Од една страна, во Советскиот Сојуз беше невозможно човек да остане без работа по завршувањето на факултет или средно стручно училиште. Од друга страна, дипломираниот студент поради тоа имаше одредени обврски кон државата. Само оние кои имаа врски можеа веднаш да се вработат на посакуваното место. Сите други подлежеа на систем на распоредување: специјална комисија одлучуваше каде дипломецот ќе работи првите три години. Тоа можеше да биде претпријатие во градот каде што живее или, пак, некаде на периферијата на Советскиот Сојуз, илјадници километри од родниот град. Одбивање на наменетото работно место не доаѓаше предвид.

Честа промена на престојувалиштето  

Во Советскиот Сојуз не постоеше слобода на промена на местото на живеење. Државата строго го контролираше движењето на населението. Тоа го правеше преку регистрација на постојаната адреса на живеење која беше во личната карта. Од 1960 година престојот подолг од три дена без регистрација на местото на престојување се третираше како кривично дело, казниво со затворска казна од една година или со одбивање на процент од месечната плата.

Значи, ако некој фантазираше да живее на некое друго место, а не таму каде што се родил, преселбата беше возможна единствено со дозвола на властите, и тоа само во случај да има добри причини за тоа. Такви причини можеа да бидат, на пример, работа, школување или служба во војската.

Безделничење   

Луѓето без работа не се вклопуваа во советската идеологија. Секој требаше да работи нешто и на тој начин да ја гради советската држава. Од 1961 година кривичниот законик го содржеше членот „Паразитизам“. Врз основа на него беа судени лица кои четири месеци (освен жени со мали деца) ќе поминеа без работа.

„Паразитите“ беа принудно испраќани во прогонство на поправна работа во одделни региони во внатрешноста на земјата во траење од најмногу пет години. Притоа врз основа на овој член беа осудени не само лицата без работа и приходи, туку и оние кои имаа приходи, но не остварувани со работа или потекнуваа од работа што се вршела надвор од официјалните канали. Така, меѓу другото, казна им се закануваше на приватните таксисти, ѕидарите, музичарите итн.

Критика на власта  

„Антисовет“ - така во СССР ги нарекуваа оние кои не ги поддржуваа сите одлуки на власта и кои ја критикуваа. Притоа, ретко кој ќе се решеше за јавна критика, но дури и разговорите во кујната можеа да бидат причина да ве обвинат за „антисоветска пропаганда“ - во случај некој да ве пријави кај властите за такво нешто. За антисоветска критика можеше да се добијат и до 7 години затвор.

Купување и продажба на девизи

Продажбата и купувањето на странска валута беше ексклузивно право на државата. На граѓаните им беше забрането да поседуваат девизи, а од 1937 година тоа се третираше како делување против државата. Доколку по патување ви останеа малку странски пари, бевте должни да ги размените за таканаречени бонови - специјални потврди со кои можевте да платите за стока во синџирот продавници „Берјозка“. Тоа беа продавници за советските работници во странство и за членовите на нивните семејства (дипломатски, воени и технички стручњаци), каде што се продаваа американски фармерки, јапонски магнетофони, италијански чизми и друга дефицитарна стока.

Занимавање со карате и бодибилдинг

Каратето се здоби со популарност во 1960-тите кога голем број филмови со оваа боречка вештина се појавија во кината. Сепак, советската варијанта на каратето беше по нешто специфична: таа беше популарна меѓу криминалците и обичните милиционери не знаеја како да се справат со таквите обучени борци.

Каратето стана опасно и во политичка смисла. За време на нередите во Полска, каратистите дури успеаја да пробијат полициски кордон. Кремљ не сакаше такви борци да се појават во СССР, па каратето беше официјално забрането во 1981 година.

Истата судбина ги снајде и бодибилдерите, но од идеолошки причини. Имено, се сметаше дека пумпањето мускули само за да се постигне ефективен изглед е антисоветска активност. Бодибилдерите се криеја по подруми и се тргаа од полицијата. Забраната за бодибилдинг беше укината во 1987 година.

Купување недвижнини  

Еден од постулатите на советската политика беше обезбедувањето станбен простор за сите работни луѓе. Стан можеше да се добие на неколку начини: ако, на пример, се вработите во компанија која за своите вработени гради станови или ако добиете дете и се пријавите во програма за подобрување на условите за домување. На крајот секој добиваше стан, но го добиваа само на доживотно користење.

Во тој стан можевте да пријавите да живеат и други луѓе, да го замените со друго лице (со мала доплата). Но, не можевте да го продадете, да го купите, да го подарите или да го оставите во наследство. Речиси сите станови ѝ припаѓаа на државата.

Слушање странски радио-станици  

Во Советскиот Сојуз, меѓу другото, се емитуваа и странски радиостаници. Некои од нив емитуваа програма не само на руски, туку и на други јазици на народите во СССР. Но, „непријателските гласови“ немаа никаква цел, бидејќи властите користеа технички средства за да го попречат нивното емитување. За таа цел беа инсталирани околу 1.400 станици за попречување на радиобранови кои можеа да спречат 40-60% од странските емитувања.

Понекогаш, за време на затоплувањето на политичките односи, мерките за попречување на радиосигналите беа ослабувани или целосно запирани. Тоа, на пример, се случи во 1959 година: попречувањето на „Гласот на Америка“ беше намалено за време на посетата на генералниот секретар Никита Хрушчов на САД.

Купување странски гуми за џвакање  

„Ако веќе сте измислиле некакви гуми за џвакање на надувување, зошто ги ширите низ целиот свет наместо мирно да си правите балони дома?“ – негодуваше 1947 година во весникот „Култура и живот“ новинарот Илја Еренбург.

Гумата за џвакање се најде под советски „санкции“ како симбол на „гнилиот Запад“, но од истата причина беше уште попривлечна за младите. Советската влада потклекна дури по голема трагедија: во 1975 година, членовите на канадската хокеарска репрезентација одлучија во градскиот парк „Соколники“ да им поделат гуми за џвакање на децата, што доведе до стампедо и смрт на 21 лице. Во 1976 година во СССР започна производството на гуми за џвакање.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња