5 Американци кои предано ѝ служеа на Русија

Russia Beyond (Photo: Legion Media; Sputnik)
Американците им помогнаа на болшевиците да ја консолидираат својата власт во земјата, учествуваа во обемната сталинистичка индустријализација, па дури и се бореа во Црвената армија против нацистите.

Џон Пол Џонс

Американскиот капетан со шкотско потекло Џон Пол Џонс денес се смета за еден од „татковците на американската морнарица“. За време на Војната за независност тој стана еден од првите офицери на Континенталната морнарица на САД и беше многу поуспешен во поморските битки од другите.

Набргу по крајот на конфликтот, капетанот ги употреби своите таленти во далечната Руска империја, каде што беше унапреден во контраадмирал. Во јуни 1788 година, командувајќи со ескадра од 11 бродови, тој учествуваше во поразот на турската флота кај црноморската тврдина Очаков. Непријателот загуби 15 бродови и 6.000 војници; покрај тоа, беа заробени петнаесет илјади војници.

Во Русија Џон Пол Џонс го чекаше брилијантна кариера, но таа беше уништена од скандал од сексуална природа од висок профил, поради што морнаричкиот командант падна во депресија и наскоро почина (претходно, сепак, беше ослободен од сите обвиненија).

Џон Рид

Американскиот новинар и писател Џон Рид потекнува од богато семејство и студираше на Харвард, што, сепак, не го спречи да го посвети својот живот на борбата за триумф на социјализмот. Наоѓајќи се во Русија во 1917 година, тој беше сведок на болшевичката револуција, се сретна со Владимир Ленин и Леон Троцки, па дури и работеше извесно време во советскиот Комесаријат (Министерство) за надворешни работи.

Рид детално ги опиша револуционерните настани во својата книга „Десет дена што го потресоа светот“ од 1919 година. Неговото новинарско дело беше исклучително популарно во Русија, а Ленин, особено, вака го коментираше во воведот на изданието од 1922 година: „Еве книга која би сакал да биде објавена во милиони примероци и преведена на сите јазици. Таа дава вистинито и најживописно толкување на настаните толку важни за разбирање на она што всушност се пролетерската револуција и диктатурата на пролетаријатот“.

Роберт Робинсон

Во доцните 1920-ти Советскиот Сојуз презеде обемна индустријализација, за што активно канеше експерти од странство. Еден од нив беше Роберт Робинсон, единствениот црн работник во фабриката „Форд“ во Детроит во тие години.

Обидувајќи се да избега од расното вознемирување во својата татковина, Робинсон се пресели во Советскиот Сојуз, каде што живееше 44 години. Работеше во фабрика, се занимаваше со политика, па дури и глумеше во филмови. Но, ниту за овој Американец во неговата нова земја не се одвиваше сè како што треба.

Џозеф Берли

Биографијата на Џозеф Берли, припадник на 101 падобранска дивизија, е навистина уникатна - за време на Втората светска војна тој можеше да се бори и за американската и за советската војска.

Во јуни 1944 година беше заробен во Нормандија и заврши во концентрационен логор во Полска. Набрзо избега од таму и отиде на позициите на Црвената армија. Поранешниот американски падобранец потоа стана советски тенкист и се запозна со маршалот Георги Жуков.

Олдриџ Ејмс

Олдриџ Ејмс се смета за речиси највредниот и најплатен агент на КГБ. Девет години работеше за советските и руските тајни служби, заземајќи висока позиција во ЦИА.

Благодарение на неговите напори, Москва доби огромна количина доверливи информации и успеа да разоткрие голем број американски агенти, вклучувајќи седум полковници и потполковници, па дури и еден генерал на КГБ. Ејмс го ценеа како зеницата на окото и само неколку високи функционери на КГБ знаеја за неговите активности. Сепак, во 1994 година агентот беше откриен и уапсен од ЦИА.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња