Кој бил озлогласениот ДВОЕН ШПИОН кој работел за КГБ и за МИ6

Legion Media
Олег Гордиевски е еден од двојните агенти кои најмногу му нанесоа штета на КГБ.

Кога британскиот разузнавач Мајкл Бетани контактирал со КГБ со понуда за соработка и им предал доверливи информации, агентот на КГБ во Лондон ја одбил понудата, мислејќи дека тоа е мамка на МИ6. Пред Бетани повторно да ги контактира Советите, полковникот на КГБ Олег Гордиевски е известен за овој настан. Набргу Британецот кој сакал да работи за Советите бил уапсен во Велика Британија. Иако КГБ тогаш сè уште не знаело, британскиот разузнавач бил уапсен благодарение на Гордиевски, со оглед на тоа што овој агент на КГБ работел за МИ6 како двоен шпион.

Разочарување

Олег Гордиевски се смета за еден од двојните агенти кои на КГБ му нанеле најголема штета во историјата на советската шпионажа. Идниот предавник почнал да работи за Првиот главен директорат на КГБ во 1962 година, на врвот од студената војна помеѓу западниот и социјалистичкиот блок. Првиот директорат бил задолжен за тајни операции во странство, за шпионажа и за координирање на тајните агенти. Од почетокот на својата работа за КГБ Гордиевски се нашол во светот на шпионските игри.

Оваа работа давала привилегии кои другите луѓе во СССР не можеле да ги имаат. На пример, вработените во Првиот директорат имале уникатна можност да живеат и да работат во странство во земјите од капиталистичкиот блок. Гордиевски ја започна кариерата во Данска.

„Требаше да дојдам до документи на починати лица или на оние што ја имаат напуштено земјата, така што службата Ц [тајниот агент] да може да ги користи. Одев на гробишта каде барав гробови на новороденчиња, посетував свештеници за да добијам матични изводи и умреници“, рече Гордиевски во едно од многуте интервјуа што ги имаше дадено откако пребегна во Велика Британија.

Токму во Данската британска служба МИ6 му се обратила на младиот советски таен агент, кој, како што излегло, и самиот барал можност да ѝ служи на британската круна. „Сакав да работам за британската разузнавачка служба и барав можност за тоа. Имаше еден Англичанец, агент на МИ6 кој работеше под идентитет на дипломат, а кој сакаше да ме регрутира. Сакав да ме регрутираат, а и тој тоа го сакаше. Во 1974 година почнавме да се среќаваме, најпрво во едно мало кафуле, а потоа ме повика во безбедната куќа во која работевме“, изјави Гордиевски.

Пребегнатиот агент рекол дека е разочаран од советскиот систем откако Хрушчов ја започнал десталинизацијата и откако Берлин е поделен со ѕид. Иако е невозможно со сигурност да се каже што го навело Гордиевски да ја промени страната – дали тоа било искрено убедување дека советскиот систем е расипан, желбата за авантура, себичниот интерес или материјалната корист – едно е сигурно: до 1974 година агентот на КГБ кој беше задолжен за тајните агенти во Европа почна да работи за МИ6.

Сомнежи

Во 1982 година Олег Гордиевски започнал да работи во Лондон под идентитетот на дипломат. Кратката средба со советскиот политичар Михаил Горбачов, кој го посети Лондон во 1984 година, му донесе напредок во кариерата. Стана вршител на должноста на ќелијата на КГБ во Лондон, со шанса наскоро да стане и постојан шеф на оваа единица.

Кариерата на Гордиевски во самото КГБ нагло напредуваше, како и неговото значење како двоен агент за британската МИ6. Меѓутоа, апсењето на агент на ЦИА кој премина да работи за КГБ фрли сенка на сомнежите на Гордиевски. Шефовите во Москва почнаа да ја преиспитуваат неговата преданост.

„Ме предаде Олдриџ Ејсм некаде помеѓу 15 април и 1 мај 1985 година. Добив панична телеграма од центарот со јасно известување дека ме повлекуваат под изговор одобрување на мојата кандидатура на местото агент на КГБ во Лондон“ рече Гордиевски.

Иако Гордиевски се сомневал дека е откриен како двоен агент, сепак ја послушал наредбата и се вратил во Москва. По враќањето во престолнината на СССР Гордиевски бил сослушан од страна на неговиот шеф генерал Грушко.

„По испитувањето на Грушко двајца силни момци влегоа во собата и ми понудија да пијам со нив. Одбивав решително колку што можев, но тие не ме слушаа. Ми налеваа некаков коњак и се чувствував како некој друг. Мојата задача беше да го издржам [ефектот на дрогата]. Одвај успеав да го задржам присуството на јасно мислење. Тоа траеше четири часа додека испитувањето продолжи“, изјави Гордиевски.

Гордиевски се разбудил во станот и сфатил дека не е уапсен по сослушувањето. Заклучил дека го издржал испитувањето, но бил свесен дека ситуацијата е крајно неизвесна. Одлучил засекогаш да го напушти СССР и го започнал протоколот за бегство што Британците го смислиле во случај да мора да избега од советската правда.

Бегство

Планот за извлекување на двојниот агент од советската територија носел шифриран назив „Операција Пимлико“. За да ги извести Британците за својата потреба од извлекување, Гордиевски се ослободил од следењето на КГБ и тајно се сретнал со еден британски шпион во центарот на Москва. Тогаш операцијата Пимлико преминала во фаза на реализација.

Според планот, откриениот двоен агент требал да ја напушти Москва и да замине во Ленинград (денешен Санкт Петербург), а потоа со автобус на север до Виборг, руски град во близина на границата со Финска. Под изговор дека се чувствува лошо, Гордиевски го запрел автобусот и излегол среде пат.

„Не знаев каде точно треба да се најдам со Британците, имав само опис на местото на средбата“, рече тој.

По три часа чекање во шумата, бегалецот здогледал два автомобили со дипломатски таблички. Тоа бил британскиот спасувачки тим.

„Успеале само за минута да избегаат од погледите на следењето на КГБ. Влегов во багажникот и возилата продолжија да се движат пред колата на КГБ да се појави зад кривината. Мојот возач пушти гласна музика која ми го сврте вниманието“, рече Гордиевски.

За минување низ советските контролни пунктови британските агенти се потпреле на дипломатските таблички на колата. За чудо, овој план успеал и никој не ги контролирал.

„Ја минавме граничната контрола и, според договорот, возачот од рок-музика премина на Сибелиус. Сфатив: преминавме на финска територија“, вели Гордиевски.

Смелата операција за извлекување успеа и поранешниот агент на КГБ заврши во Велика Британија, каде живее и денес. Во СССР во отсуство е осуден на смрт поради предавство. Медиумите објавија дека пресудата не е поништена дури ни по распадот на СССР.

Откако го напушти Советскиот Сојуз Гордиевски се сретна со британската премиерка Маргарет Тачер и наводно ја убедил пред советските власти да се заложи за соединување со неговото семејство. Тоа не успеало и неговата жена и децата можеа да го посетат дури по распадот на СССР во 1991 година. Набргу потоа двојката се разведе.

Во 2021 година 82-годишниот Гордиевски живее од пензијата како државен службеник во Велика Британија, им дава интервјуа на медиумите и, според некогашните руски разузнавачи, заработува така што продава доверливи информации за советските и за руските тајни служби.

Во своите интервјуа Гордиевски секогаш истакнува дека не зажалил поради својата одлука да стане двоен агент.

Прочитајте исто така: Како руските двојни агенти стасале до самиот врв на МИ6 и на ЦИА?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња