Кои странци се погребани на Црвениот плоштад во Москва

NASA/Bill Ingalls
Покрај ѕидините на Кремљ се наоѓаат гробови на околу 200 луѓе, вклучувајќи и неколкумина западни политичари. Кои се тие и како се нашле тука?

Сите знаат дека на Црвениот плоштад до денешен ден се наоѓа мавзолејот на Владимир Ленин кој почина во 1924 година. Меѓутоа, тој е само дел од (централната) голема некропола покрај ѕидините на Кремљ. Своевидните почесни гробишта настанале тука по Револуцијата од 1917 година.

Важни партиски работници и револуционери беа погребувани тука сè до 1985 година. Од двете страни на Мавзолејот се наоѓаат гробови во низа со споменици-бисти. Покрај тоа во заеднички гробници се погребани сите војници кои го дале својот живот за Револуцијата.

Кон крајот на дваесеттите години од минатиот век во Москва започнал да работи крематориум. Урните со прав на важни луѓе во Советскиот Сојуз почнале да се заѕидуваат во ѕидините на Кремљ. Во колумбаријата во ѕидот се наоѓа правта на писателот Максим Горки, на војсководецот Георгиј Жуков, на космонаутот Јуриј Гагарин и на космичкиот конструктор Сергеј Корољов.

Првите странци се појавиле во некрополата мошне рано. Да кажеме, во заедничката гробница покрај ѕидините на Кремљ се закопани петмина комунисти од повеќе земји кои загинале во близина на Москва во 1921 година. Германците Оскар Гелбрих и Ото Струпат, Бугаринот Иван Константинов, Австралијанецот Џон Фриман и Британецот Вилијам Џон Хјулет кои се бореле за правата на рударите во Русија и кои дошле на конгресот на Црвената интернационала на синдикатот. На патот кон Москва од Тула, каде се сретнале со рударите, учествувале во едно кобно тестирање на нов аеровагон кој излетал од шините.

Меѓу речиси 200 луѓе погребани покрај Кремљ, се наоѓаат определен број странци, пред сè водачи на работнички движења во својата земја.

1. Унгарецот Антон Хорак (?-1918)

По Првата светска војна во Русија се нашле десетина илјади унгарски заробеници меѓу кои имало и селани, работници и други ниски слоеви население. Тие решиле да им се приближат на болшевиците и да им помогнат во борбата за власт и за социјална правда. Антон Хорак стапил во редовите на Црвената армија и загинал за време на Граѓанската војна за време на задушувањето на побуната на левите есери од страна на болшевиците. Погребан е покрај ѕидините на Кремљ во заедничка гробница.

2. Норвежанката Августа Осен (1878-1920)

Августа Осен

Норвешки комунист била еден од организаторите на движењето на солидарност со Советска Русија. Во 1920 година била повикана во земјата на советите на конгрес на Коминтерната, како и на Првата меѓународна конференција на жени-комунисти во Москва. Загинала во несреќен случај за време на воздухопловна прослава во Москва кога ја закачило крилото на еден авион кој се урнал. Погребана е во заедничка гробница со неколку други комунисти кои починале во 1920 година.

3. Американецот Џон Рид (1887-1920)

Џон Рид

Американскиот новинар бил веројатно најголем миленик на болшевиците меѓу странците. Рид лично се знаел со Владимир Ленин и со Лев Троцки и бил сведок на Револуцијата од 1917 година која ја овековечил во својата книга „Десет дена што го потресоа светот“. Потоа стана еден од основачите на Комунистичката партија во Америка. Во Советска Русија се вратил во 1919 година, работел во Коминтерната и патувал по земјата, собирајќи пари за нова книга. Рид починал во 1920 година во Москва од тифус. Погребан е во заедничката гробница покрај ѕидините.

4. Американецот Чарлс Емил Рутенберг (1882-1927)

Чарлс Емил Рутенберг

Поранешниот столар, Американецот Рутенберг станал генерален секретар на новата Комунистичка партија на Соединетите Американски Држави. Тој бил воодушевен од Револуцијата и преку океанот дури и организирал демонстрации на работниците под паролата „Рацете настрана од Советска Русија“. Рутенберг починал во својата земја, но на молба од страна на болшевиците неговиот прав е пренесен во Русија и е погребан кај ѕидините на Кремљ.

5. Британецот Артур Макманус (1889— 1927)

Артур Макманус

Шкотскиот металски работник уште на почетокот на втората деценија од минатиот век учествувал во работнички штрајкови и бил член на Социјалистичката работничка партија, како и на раководството на новата организација на Советот на избрани работнички претставници во претпријатијата. Бил исклучително вдахновен од Револуцијата од 1917 година во Русија и се залагал за создавање Комунистичка партија на Велика Британија која би ги обединила сите леви политички сили. Кога ваквата партија не била создадена, Макманус доаѓал во СССР на конгреси на Коминтерната. Поради поттикнување немири има поминато неколку месеци во затвор и починал во 1927 година. Неговата прав е пренесена во СССР и е погребана во ѕидините на Кремљ.

6. Американецот Вилијам Дадли Хејвуд (1869-1928)

Вилијам Дадли Хејвуд

Американскиот рудар Хејвуд бил член на Федерацијата на рудари на Соединетите Американски Држави и активен член на локалните леви партии и работнички организации, работел на подготовка на штрајкови. Како и многумина комунисти бил противник на влегувањето на САД во Првата светска војна. Тој и неговите соработници биле уапсени под обвинение за шпионажа и поттикнување дезертерство од војска. Осуден е на 20 години затвор, но набргу со кауција бил ослободен за да поднесе жалба. Тогаш пребегал во Советска Русија, впрочем, од Револуцијата од 1917 година бил воодушевен уште во затворот. Во СССР многу работел во револуционерните работнички организации, и напишал автобиографија и книга за историјата на работничкото движење во САД кои се објавени на руски јазик. Починал во Москва во 1928 година.

7. Унгарецот Јено Ландлер (1875-1928)

Јено Ландлер

Унгарскиот комунист во младоста бил поттикнувач на неколку работнички штрајкови, по што станал еден од лидерите на Унгарската советска република, која постоела неколку месеци, како и прв човек на Унгарската Црвена армија. По падот на републиката емигрирал, учествувал во работата на Коминтерната и почина од болест во Кан во 1928 година. Неговата прав е погребана во ѕидините на Кремљ. И Унгарецот Јено Хамбургер бил погребан на ова место во 1936 година. Но, по Втората светска војна урната со неговата прав е вратена во татковината.

8. Германката Клара Цеткин (1857-1933)

Клара Цеткин

Името на оваа Германка, комунистка и активистка во борбата за правата на жената било познато на секое советско дете уште од раните денови. Нејзиното име и денес го носат многу улици во градовите во Русија, а еден од главните празници во земјата е Меѓународниот ден на жената 8 март. Цеткин била протерана од Германија кога на власт дошол Хитлер. Починала во 1933 година во близина на Москва.

9. Јапонецот Сен Катајама (1859-1933)

Сен Катајама

Јапонскиот комунист станал симпатизер на социјализмот додека се школувал во Соединетите Американски Држави. Почнал да организира синдикати и работнички движења, како и лева партија. Додека Русија војувала против Јапонија во 1904 година заедно со рускиот социјалист Георгиј Плеханов бил избран за претседател на Конгресот на работничката интернационала. За време на репресиите поради организација на работнички нереди ја напуштил Јапонија и во 1918 година се преселил во Советска Русија, каде работел во Коминтерната. Починал во Москва во 1933 година.

10. Германецот Фриц Хекерт (1884-1936)

Фриц Хекерт

Како угледен активист на работничкото движење, Хекерт бил дел од раководниот кадар на Комунистичката партија на Германија. Добро го познавал Ленин и бил воодушевен од успехот на револуцијата во Русија. Хекерт, како и Цеткин, бил принуден да ја напушти Германија по доаѓањето на Хитлер на власт. Живеел во Москва и објавувал трудови во советскиот печат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња