Петмина странци кои придонеле во создавањето на Руската Империја

Јаков Брус

Јаков Брус

Russia Beyond (Photo: Public domain; Fyodor Alekseev/State Historical Museum)
На почетокот на 18 век царот Петар ја совладал моќната Шведска и ја вовел Русија во кругот на водечките европски сили. Во тоа му помагале и странски стручњаци.

1. Јаков Брус

Јаков Брус

„Човек со голема честитост, со голема ученост“, вака за еден од најблиските соработници на царот Петар Први, Јаков (Џејмс) Брус, напишал британскиот амбасадор во Русија сер Чарлс Витворт.

Претставникот на стар шкотски род, Брус бил успешен како математичар, астроном, дипломат, инженер и преведувач, а некои дури и сметале дека се разбира и во црна магија.

Главната страст на Шкотланѓанецот била, сепак, артилеријата. Кога во Северната војна против Шведска во периодот од 1700 до 1721 година под своја команда ја имал целата артилерија на руската војска, успеал да ја подигне на сосема ново ниво.

Брус создал нови модел на вооружување, неуморно работел на зголемување на сигурноста, на силата, на мобилноста и на дострелот на оружјето кое, освен тоа, почнало да се прави по општ стандард. Освен тоа, не заборавил да се занимава и со одржување обуки за самите артилерци кои во неговите очи биле вистинска елита на руската војска.

Резултатите од дејноста на грижливиот Шкот набргу биле видливи. Веќе во 1702 година со успех е завршена опсадата на шведската тврдина Нотенург, по која следувало заземањето на Нијеншанц, Дерпет и Нарва. Ефикасниот оган на артилеријата под команда на Брус била еден од клучните фактори за победа на руската војска во Полтавската битка во 1709 година, кога фактички го определила понатамошниот тек на целата војна.

Дванаесет години подоцна Јаков Брус заедно со Андреј Остерман се нашол на челото на руската делегација на преговорите со Швеѓаните во градот Ништат. Според условите на мировниот договор, Русија ги добила „под своја целосно неприкосновена вечна сопственост“ Ингерманландију, Лифландију (централна и северна Латвија), Естландију (Естонија), како и југоисточниот дел на Финска. Истата 1721. година земјата на Петар Први е прогласена за империја.

2. Георг Вилхелм де Генин

Георг Вилхелм де Генин

Како и Јаков Брус, германскиот инженер Георг де Генин, кој во Русија пристигнал во 1697 година, му служел на „богот на војната“ – артилеријата. Во текот на војната против Швеѓаните која започнала набргу по неговото доаѓање тој ги обучувал војниците на артилериските вештини, а исто така и лично учествувал во освојувањето на Виборг и на низа други шведски утврдувања.

Откако во Генин видел извонредни организациски способности, царот Петар Први му ја доверил изградбата на завод за производство оружје и барут во Санкт Петербург и во Карелија, каде, меѓу другото, претприемчивиот Германец ја основал првата бања во земјата – Минераљние Води.

Задоволен од постигнатите резултати, императорот на Генин му подарил свој портрет украсен со дијаманти и го испратил да ја унапреди индустријата на Урал. Таму Вилим Иванович, како што го нарекувале во Русија, не само што го обновил и го модернизирал постојното производство, ами за дванаесет години од темел изградил девет нови фабрики, учествувајќи во основањето на толку големи регионални центри како што се Перм и Екатеринбург.

3. Патрик Гордон

Патрик Гордон

Во 1661 година, кога Патрик Гордон дошол на служба кај таткото на Петар Први царот Алексеј Михајлович, веќе бил успешен воин. Шкотскиот наемник, имено, учествувал во неколку воени кампањи по полско и под шведско знаме.

Во текот на борбата за власт помеѓу принцезата Софија и принцот Петар во 1689 година, Гордон, кој командувал со 2 Московски (Бутирски) одбранбен полк, решително го подржал Петар, обезбедувајќи му победа без пролеана крв. Оттогаш Шкотот се стекнал со безгранична доверба кај идниот руски император.

Петар сонувал за создавање суштински нова помоќна армија која би била во состојба да им парира на војските на водечките европски сили, за што имал корист токму од знаењето и од искуството на Патрик (Петар Иванович) Гордон. Како исклучителен воен стручњак, тој не само што го советувал царот за сите воени прашања, ами се занимавал и со школување и со обука на Семјоновскиот и на Преображенскиот полк, формирани по углед на западните полкови, кои токму на негова иницијатива започнале да се нарекуваат гардиски.

Гордон и лично ги предводел руските сили во борбата во текот на Азовските походи против 1695 и во 1696 година, но не му било судено да го доживее најголемиот судир во кој неговите штитеници брилирале. Шеесет и четиригодишниот „кум“ на руската гарда починал во 1699 година наспроти самиот почеток на Северната војна против Шведска.

4. Франц Лефорт

Франц Лефорт

Синот на женевски трговец, Франц Лефорт, бил еден од најблиските соработници и пријатели на царот Петар Први. Тој во целост го делел царевото уверување дека е неопходна итна европеизација на Русија и интензивно му помагал во тој процес.

Лефорт ги пронаоѓал најдобрите воени и цивилни стручњаци и ги привлекувал во руската служба, велејќи им дека „по Божја милост живееме под таква власт која никогаш не била помилостива кон странците“. Тој бил на почетоците на формирањето на руската морнарица, како и на новата армија, создадена според европскиот модел. По волја на царот на Франц Јаковлевич му се доделени чиновите генерал и адмирал.

Лефорт починал ненадејно во 1699 година на само четириесет и три години, не доживувајќи го почетокот на судбоносната за Русија Северна војна. „Само тој ми беше верен. На кого можам сега да се потпрам?!“, рекол тогаш Петар, длабоко погоден од загубата на пријателот.

Денес името на овој женевјанин го носи една од најстарите населби на руската престолнина.

5. Хенрих Јохан Фридрих Остерман

Хенрих Јохан (Андреј Иванович) Фридрих Остерман

Роден во Бохума, Хенрих Јохан Фридрих (Андреј Иванович) Остерман бил навистина исклучителна личност. Совршено владеел германски, холандски, латински, француски и италијански јазик, а исто така лесно научил руски, кога во 1704 година бил повикан на служба кај царот Петар.

Од обичен преведувач во управата за надворешни работи Остерман напредувал до шеф на руската делегација (заедно со Брус) на мировните преговори со Швеѓаните во Ништат во 1721 година. Исцрпен по повеќегодишниот конфликт Петар Први бил подготвен на сериозни отстапки (меѓу другото и да го врати освоениот Виборг), но Андреј Иванович покажал решителност и упорност, склопувајќи со Швеѓаните мировен договор под максимално поволни услови за Русија.

Царот бил мошне задоволен и го дарувал Остерман со титулата гроф. Дипломатот го израдувал Петар и во 1723 година кога со Персија склопил мошне поволен трговски договор. Освен тоа, Андреј Иванович го советувал царот за прашањата поврзани со внатрешната политика.

По смртта на царот во 1725 година Остерман продолжил да управува со надворешната политика на државата, а исто така и спровел голема реорганизација на Воената морнарица. Привилегираната положба Германецот ја изгубил со смртта на нему благонаклонетата царица Ана Ивановна во 1740 година.

За време на владеењето на Елизавета Петровна Андреј Иванович бил обвинет за велепредавство и бил осуден на смрт. Смртната казна била заменета со прогонство на Урал, каде Остерман починал во 1747 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња