На почетокот на XIX век руската аристократија обожавала сé што е француско. Во снежната Русија од Париз биле носени не само француски романи и шешири, туку и деликатесни производи. На руската аристократија особено ѝ се допаднале француските пенливи вина од покраината Шампањ. „Вдовицата Клико“ и „Моет“, најпознатите пенливи вина на истоимените трговски куќи, пијат ликовите на романот „Евгениј Онегин“ на Александар Пушкин.
Пенливото француско вино толку им се допаднало на Русите што во секојдневниот живот станало синоним за луксуз, добро расположение и вкус. Полека сите тие вина почнале да се нарекуваат шампањ. Имале само една мана - биле прескапи.
Пенливите вина не биле апсолутна новина во Русија. Во втората половина на XVIII век на Дон се произведувало црно вино наречено „Цимљанско“. Темноцрвениот шумлив пијалак бил добро познат и омилен меѓу винската публика. „Цимљанско“, по своите карактеристики, се разбира, не можело да се спореди со шампањот, но поради неговата цена било многу достапно и имало многу почитувачи. Така, во горенаведениот роман на Пушкин „Евгениј Онегин“, „Цимљанско“ се служи за време на ручекот кај скромните селски спахии Ларини.
За производство на вино се користеле две сорти црно грозје, кое се сушело под настрешници до првото заладување, потоа се мелело и се оставало да ферментира. Виното се флаширало пред крајот на ферментацијата.
Козак продава цимљанско вино, 1875-1876
Иван БолдыревМногу винари во Русија се обидувале да произведат пенливо вино кое нема да заостанува зад шампањот, но никогаш не успеале во тоа. Првата фабрика ја отворил Петар Симон Палас на Крим на почетокот на XIX век, но била затворена поради проневера. Новиот сопственик на винаријата одлучил едноставно да залепи француски етикети на шишињата, но виното сепак не станало подобро. И кнезот Воронцов се обидувал да организира производство на домашен шампањ, но неговите лозја не ја преживеале Кримската војна. И сето тоа време високото општество било принудено да нарачува шампањ од Европа додека Лев Голицин не се зафатил со таа работа.
Кнезот Голицин потекнувал од богато семејство со благородничко потекло и бил исклучително образован. Патувајќи низ Европа, тој се запознал со француските винари, открил таков вид талент во себе (се зборувало дека Голицин можел да ја одреди сортата на грозје по формата на листот или мирисот) и бил понесен од идејата да создаде руско пенливо вино со ист квалитет како францускиот шампањ. Во 1878 година тој го купил имотот Нов Свет на Крим, каде што засадил 600 сорти грозје. Голицин знаел кои сорти ги користат француските винари за производство на шампањ, но тие не одговарале на руската клима и почва. Иста сорта на различна почва дава сосема различен вкус и хемиски состав на грозјето. Затоа кнезот од бројните засадени сорти лично ги избрал оние кои во кримски услови биле најпогодни за производство на висококвалитетен пијалак.
Првиот шампањ на Голицин бил произведен на почетокот на 1880-тите и бил толку успешен што кнезот за само една деценија стекнал неверојатна репутација на дворот. Во 1891 година Александар III го назначил за главен винар на царските имоти на Крим и Кавказ. На Светската изложба во Париз во 1900 година виното на Голицин освоило Гран-при, засенувајќи ги француските шампањи.
Лозјата на Голициновиот Нов свет
Голицин бил водечки винар, креативен и страствен, но лош трговец. И покрај импресивниот успех на неговите пенливи вина, во 1905 година тој останал без пари. Познатиот руски новинар и писател од тоа време Владимир Гиљаровски пишува дека Голицин „фрлаше пари на сите страни, никого не одбиваше, особено не студентската младина, на улицата „Тверскаја“ имаше продавница за вино од грозје од неговите кримски лозја Нов Свет и на мало продаваше чисто, природно вино за 25 копејки (неверојатно евтино) по шише“. „Сакам работникот, занаетчијата и ситниот службеник да пијат квалитетно вино“, велел Голицин.
По извесно време Голицин за среќа добил достоен наследник - Антон Фролов Багреев, кој со завиден успех го завршил Петроградскиот универзитет и добил препораки од големиот руски хемичар, творецот на табелата со хемиски елементи Дмитриј Менделеев лично и благодарение на тој факт, започнал да стажира во Европа. Во Франција и Португалија внимателно го проучувал производството на различни видови вино и по враќањето во Русија во 1905 година станал хемичар во винаријата Абрау Дјурсо.
Антон Фролов Багреев
Истата година Русија била зафатена од бран протести и избувнала првата револуција. Демонстрантите барале проширување на граѓанските слободи, подобрување на условите за работа и ограничување на царската власт. Фролов учествувал во демонстрациите на работниците на винаријата Абрау Дјурсо и ја потпишал петицијата против самодржавјето, поради што бил отпуштен и завршил во Сибир.
Прогонството на Фролов, сепак, траело кратко, така што тој веќе 1906 година работи како винар-хемичар на Крим, а од 1911 година бил опсипан со почести. Во 1919 година, за време на новата болшевичка влада, Фролов раководел со производството на шампањ во Абрау Дјурсо.
По револуцијата, во фабриката не биле зачувани никакви информации за претходната технологија на производство на шампањ, така што Фролов морал повторно да ја создава. Првите примероци на вино се направени во 1923 година. Производството на шампањ по класична технологија барало многу време и го направило шампањот скапо задоволство, недостапно за поголемиот дел од населението. Тоа е првенствено поврзано со времето на одлежување. Според традиционалната технологија, виното се истура во шишиња, се додава шеќер и квасец, се затвора и се одлежува од 9 до 12 месеци. За тоа време квасецот ослободува јаглерод диоксид и пијалакот станува пенлив. Долгото одлежување го намалува тиражот и ја зголемува цената.
Фролов се зафатил да создаде технологија на забрзано производство и успешно ја решил оваа задача кон средината на триесеттите години на минатиот век. Наместо во шишиња, шампањот се правел во специјални резервоари и ферментирал околу еден месец. Токму таа технологија подоцна беше искористена за да се направи познатиот „Советски шампањ“. За името изби цел скандал кога се обидоа да извезат „Советски шампањ“ во Франција. Локалните производители се спротивставија на употребата на зборот „шампањ“.
Дискусиите за правото на руските вина на името „шампањ“ сè уште не престануваат. Едно е секако несомнено, а тоа е дека Фролов Багреев не само на советските граѓани, туку и на целиот свет им подари квалитетно и достапно вино кое според неговата технологија денес, меѓу другото, се произведува и во Франција.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче