Кратко резиме на романот „Мртви души“ од Николај Гогољ

Russia Beyond (Photo: Public domain; Азбука Классика, 2019)
Оваа „Руска Одисеја“ е обид да се одгатне мистериозната руска душа, но преку сатиричен приказ на руските карактери. Познавањето на дејството и смислата на оваа книга ќе ви бидат потребни доколку сакате да оставите впечаток на образована личност во општеството.
Чиновникот од низок ранг Павел Чичиков патува низ провинциските градови и купува од великопоседниците кметови, но само оние кои веќе умреле. Реакциите на великопоседниците се различни.

Поранешниот државен службеник Павел Чичиков е обичен човек, кој со ништо не се истакнува. Доаѓа во непознат провинциски град и се претставува како великопоседник. Ги посетува локалните земјопоседници и им се обраќа со многу чудно барање. Имено, Чичиков им предлага да купи од нив кметови (или „души“, како што се нарекуваат во книгата) кои веќе умреле... Работата е во тоа што во XIX век, пред да се укине крепосништвото, државните ревизии на кметовите се вршеле еднаш годишно. Кметовите кои умреле во меѓувреме биле третирани како живи до следната ревизија. Нема никаква логика во желбата на Чичиков да поседува „мртви души“, нему не му требаат ни живи луѓе. Нему му треба само нивниот број, за да може да го третираат како „крупен работодавач“, што би му го подигнало социјалниот статус (неговиот план е да ги продаде сите тие кметови на банката како живи луѓе и да добие големи пари за тоа).

1901. Н. В. Гогољ, „Мртви души“, издание на А. Ф. Маркс

Поголемиот дел од приказната се состои од патешествието на Чичиков од великопоседник до великопоседник. Сите тие се многу различни ликови (но секој од нив е типичен руски карактер) со различен социјален статус и сите тие реагираат на различни начини. Еден се плаши кога ќе слушне таков предлог, друг воопшто не се ни чуди, туку дури почнува да се пазари и да бара големи пари за „мртвите души“!

1901. Н. В. Гогољ, „Мртви души“, издание на А. Ф. Маркс

Конечно на Чичиков му поаѓа од рака да купи неколку „души“ и меѓу провинциското благородништво веќе кружат гласини дека е милионер. Дамите обрнуваат внимание на богатиот ерген... Но, тој привиден успех не трае долго. Штом ќе се дознае дека Чичиков купил мртви души, сè се менува и за него почнуваат да кружат најлоши можни гласини. Разочараниот Чичиков е принуден да го напушти градот.

Која е смислата на романот?

1901. Н. В. Гогољ, „Мртви души“, издание на А. Ф. Маркс

Првиот и целосен наслов на романот е „Авантурите на Чичиков или Мртви души“. Авторот го дефинира жанрот како епска поема, поради што овој роман често се споредува со „Одисеја“. Главната линија на дејството е проследена со опсежни лирски отстапувања во кои авторот ги изнесува своите набљудувања за Русите и Русија. Едно од најпознатите места се размислувањата за радоста што ја пружа брзото возење во „тројка“, т.е. во кочија влечена од три коња. Првата фраза стана поговорка: „Кој Русин не сака да брзо возење?“ И на крај, писателот се прашува: „Зар и ти, Русијо, не брзаш напред како брза и недостижна тројка?“ Тој се обидува да ја одгатне смислата на тоа брзо напредување на Русија, но прашањето е реторичко и нема одговор.

1901. Н. В. Гогољ, „Мртви души“, издание на А. Ф. Маркс

Гогољ првично планирал да напише голем роман во три тома, кој по структура би потсетувал на „Божествената комедија“ на Данте, и првиот дел веројатно бил замислен како „Пеколот“ на Данте, вториот како „Чистилиште“, а третиот како „Рај“. Меѓутоа, писателот успеал да го заврши само првиот (постоечки) дел. Во него, како и во „Пеколот“ на Данте, нема ниту позитивни ликови ниту оптимизам. Ги има само гревовите, нечистотијата на тажната руска реалност и човечкото лицемерие. Гогољ почнал да го пишува вториот том (Чистилиште), но се покажало дека тој не може да прикаже ниту еден лик со одредени позитивни особини. Таа неспособност да ја реализира својата намера толку го излудела Гогољ што го запалил вториот том на „Мртви души“, и потоа живеел само уште девет дена.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња