Како функционираше КГБ?

Kira Lisitskaya (Photo: Moussa81, THEPALMER/Getty Images)
Сè што сакавте да знаете за злогласната советска служба за безбедност.

Од својот настанок па до распадот на Советскиот Сојуз, КГБ беше важна политичка сила во советската политика и општество. Неговите маестрално изведени разузнавачки операции и саботажи на странска почва му обезбедуваа на Советскиот Сојуз статус на суперсила, додека неговиот немилосрден прогон на советските дисиденти значително го наруши угледот на организацијата во СССР.

Меч и штит

Историјата на КГБ започнува во 1954 година, кога лидерот на Советскиот Сојуз Никита Хрушчов сакаше да ја замени со нова институција НКВД (Народниот комесаријат за внатрешни работи), кој функционираше за време на Сталин, дозволувајќи му да ја користи својата моќ и да врши чистки во доцните 1930-ти.

Новоформираната КГБ - скратено од Комитет за државна безбедност - одговараше директно на советското политичко раководство, иако формално беше под надлежност на Советот на министри, владата на СССР, која де факто имаше помала моќ од Централниот комитет на комунистичката партија (ЦККП).

Прокламираната официјална задача на КГБ беше „да ја заштити социјалистичката држава од напади на надворешните и внатрешните непријатели и да ги штити државните граници на СССР“.

Во пракса, новоформираната служба за безбедност стана мечот и штитот на Централниот комитет на КП, фактичкото политичко раководство на земјата. Нејзините задачи беа заштита на Централниот комитет, обезбедување на стабилноста на советскиот политички систем, сузбивање на опозицијата и дисидентите, собирање информации, контраразузнавачка активност во СССР, спроведување тајни операции во странство и заштита на советските граници, да наведеме само некои од нив.

Управи и одделенија

Што се однесува до структурата, КГБ беше организирана во десет главни управи, пет специјални одделенија и неколку административни служби за поддршка на нивната работа. Секоја главна управа имаше своја тесна специјалност. Различните управи се занимаваа со навидум неповрзани безбедносни прашања кои заедно сочинуваа комплексен пристап кон безбедноста во и надвор од СССР.

На пример, седмата главна управа извршуваше разузнавачки задачи. Агентите на управата ги следеа странските дипломати, обичните гости и високите странски функционери каде и да се движеа во Советскиот Сојуз. Накратко, седмата управа беше очите и ушите на КГБ во СССР.

КГБ беше позната по многу креативните методи на прислушување на персоналот на американската амбасада во Москва. Во една прилика, советските агенти го постигнаа тоа со модифицирање на машините за пишување што се користеа во амбасадата.

„Во машината за пишување имаше парче алуминиум што се протегаше од едниот до другиот крај на машината. Она што Советите го направија преку каналот за испорака беше, во суштина, да ја расклопат машината за пишување и да го заменат тој дел со друг што изгледаше исто, но беше „обработен“. Внатре во алуминиумската шипка беше вградена фина електроника, која однадвор изгледаше како излеана од едно парче, но всушност беше шуплива. Електрониката ги складираше податоците за секое притиснато копче во мала меморија внатре во шипката, и кога таа меморија ќе се наполнеше, содржината се пренесуваше преку радиосигнал до блискиот советски приемник“, рече Џим Гослер, поранешен директор на канцеларијата за тајни информатички технологија на ЦИА (во пензија) за документарен филм на „Нетфликс“.

За американските дипломати, надгледуваните машини за пишување беа само врвот на сантата мраз. Целата зграда беше полна со уреди за прислушување.

Кога Русите кон крајот на 1970-тите ја изградија новата американска амбасада во Москва, КГБ уште во фазата на изградба ја наполни со прислушкувачи.

„Единствениот начин зградата да биде безбедна од разузнавачка гледна точка беше да се урнат едно три горни ката на зградата и повторно да се изградат со примена на американска работна сила и американски материјал донесен од САД“, рече Реј Парак. поранешен виш технички разузнавачки службеник во ЦИА (во пензија) во споменатиот документарец.

Другите управи се занимаваа со контраразузнавачка работа (втора главна управа), шифрирање и дешифрирање (осма главна управа), безбедност на партиските водачи (деветта главна управа) и политичка стабилност на советската држава (четврта главна управа).

Меѓутоа, во првите редови на советската борба со Западот во Студената војна беше првата главна управа, позната по шпионските мрежи и тајните операции со висок ризик во странство.

Во првите редови

Првиот директор на ЦИА Ален Далс еднаш ја опиша КГБ како „повеќе од тајна полициска организација, повеќе од разузнавачка и контраразузнавачка служба“. Тоа е инструмент за субверзија, манипулација и насилство, за тајно мешање во внатрешните работи на другите земји“.

Навистина, агентите на КГБ направија неколку сензационални потези во странство и влијаеја на текот на Студената војна. Агентот на КГБ Богдан Сташински е познат по убиството на двајца антисоветски украински националисти кои се криеја во Западна Германија со специјално дизајниран пиштол со отровна пареа кој не оставаше траги на присилна смрт кај жртвите. Се шпекулираше дека КГБ ѝ помогнала на бугарската тајна полиција во ликвидацијата со отровно оружје маскирано во чадор на писателот-дисидент Георгиј Марков кој побегна од Бугарија во 1978 година.

КГБ беше вклучена и во големи операции во странство, вклучително и во тајната операција за организирање на нападот врз добро обезбедениот дворец Таџ Бек во Кабул и убиството на авганистанскиот лидер Хафизула Амин за да се испровоцира промена на режимот во земјата 1979 година. Пред тоа, службата учествуваше во задушувањето на унгарската револуција 1956 година, апсејќи неколку нејзини водачи.

Во екот на Студената војна, КГБ водеше шпионски прстени и мрежи на агенти во различни делови на светот. Агенцијата интензивно оперираше на територијата на САД и регрутираше американски воени офицери и разузнавачки агенти, како што се офицерот на американската морнарица Џон Ентони Вокер Џуниор и агентот на ЦИА Олдрич Ејмс, со цел да дојде до воени тајни на САД. Иако е невозможно да се утврди нивниот точен број, некои истражувачи сметаат дека за време на Студената војна за КГБ работеле милиони доушници.

Ерата на КГБ заврши во 1991 година со распадот на СССР и крајот на Студената војна. Озлогласената безбедносна служба која 37 години ги штитеше интересите на Комунистичката партија во СССР и во странство е распуштена. На нејзино место се појави модерната Федерална служба за безбедност (ФСБ), која наследи многу од задачите на КГБ во современа Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња