Трите најпознати операции на КГБ

Getty Images, Legion Media
За време на Студената војна КГБ со леснотија манипулираше со светското јавно мислење, им беше зад петите на највисоките чиновници на НАТО и го држеше во страв целиот Блиски Исток.

1. Операцијата „Тукан“

Во текот на седумдесеттите години од минатиот век КГБ беше толку моќно што своите цели ги постигнуваше дури и во водечките медиуми на западниот свет. Тоа, на пример, се случи со весникот „Њујорк тајмс“ за време на операцијата „Тукан“.

Оваа заедничка операција на советските и на кубанските специјални служби започна во 1976 година. Целта беше во целиот свет да се дискредитира чилеанскиот лидер Аугусто Пиноче, заколнат непријател на комунизмот.

Истата година весникот „Њујорк тајмс“ објави 66 статии кои беа посветени на кршењето на човековите права во Чиле. Од друга страна, овој весник посвети помалку од десет прилози за сличните проблеми во Камбоџа и на Куба.

Покрај тоа, КГБ исфабрикува „преписка“ на Аугусто Пиноче со шефот на Управата на националната разузнавачка служба на Чиле (ДИНА) Мануел Контрерас. Во неа детално е опишан план за неутрализирање на противниците на владиниот режим кои емигрирале во различни земји. Американските новинари им поверуваа на овие писма и дадоа дополнителен удар на престижот на латиноамериканскиот диктатор.

2. Операцијата РЈАН

Ова беше најголемата и најсложена разузнавачка операција во советската историја. РЈАН е кратенка за „ракетно-нуклеарен напад“ (рус. „ракетно-ядерное нападение“). Операцијата во 1981 година им беше дадена на службите на КГБ (комитет за државна безбедност) и на ГРУ (Главната разузнавачка управа).

Целта на РЈАН беше будно да се следат подготовките на САД за нуклеарен напад врз СССР и да се избере правилна стратегија за спротивставување на таквиот напад. Советското раководство почна да се плаши од ваков напад набргу по доаѓањето на власт во Вашингтон на заколнатиот антикомунист Роналд Реган и по заострувањето на политиката кон Советскиот Сојуз.

Во рамките на операцијата нагло порасна активноста на советските агенти надвор од границите на Источниот блок. Беа следени луѓето кои имаа овластување да наредат почеток на нуклеарен напад, кои се одговорни за лансирањето балистички и крстосувачки ракети, како и високи официјални лица во раководството на военото воздухопловство на членовите на НАТО. Покрај тоа, беше создадена цела мрежа „спијачи“, односно агенти чија задача беше да дејствуваат во случај на нуклеарна војна.

Оваа скапа операција беше запрена во 1984 година по смртта на нејзиниот иницијатор, генералниот секретар на Централниот комитет на КПСС Јуриј Андропов и министерот за одбрана Дмитриј Устинов.

3. КГБ против Хезболах

Припадниците на движењето Хезболах на 30 септември 1985 година пред амбасадата на СССР во Бејрут киднапираа четворица советски дипломати, од кои двајца работеа за КГБ. Киднаперите бараа сириските единици да се откажат од акцијата за „чистење“ на северен Либан што ја подготвуваше Хафез ал Асад.

Мохамед Хусеин Фадлалах во црн турбан опкружен со телохранители на 9 марти 1985 година доаѓа во џамија во јужното предградие на Бејрут (Либан) на погреб на 75 жртви од експлозија на миниран автомобил.

Едно од киднапираните лица беше убиено за да покажат колку се сериозни нивните намери. Москва изврши притисок врз Ал Асад и операцијата беше запрена. Но, Хезболах не брзаше да се ослободи од советските државјани и достави нови барања.

Раководството на КГБ почна да бара друго решение на овој проблем. Советските разузнавачи ги дознаа имињата на клучните киднапери и местото каде ги држат руските дипломати како заложници. Меѓутоа, брзo се откажа од идејата советскиот Спецназ да изврши офанзива врз зградата, зашто тоа ќе можеше да крене голем и непотребен прав кај јавноста.

Проблемот беше решен по волја на случајноста. Имено, еден киднапер и братот на друг киднапер загинаа во судир со либанските војници. Советскиот Сојуз не беше вмешан во овој настан, но почнаа да се слушаат гласови дека Русите без голема врева се пресметуваат со киднаперите.

КГБ реши да ја искористи оваа можност и го испрати својот агент Јуриј Перфилев во Либан за да се состане со основачот и со духовниот лидер на Хезболах ајатолахот Мохамед Хусеин Фадлалах. Фадлалах љубезно го пречека советскиот офицер, но во разговорот ги пресекуваше сите обиди за решавање на проблемите со киднаперите.

Тогаш Перфилев им рече нешто за кое немаше добиено овластување од своето раководство. Изјави дека резиденцијата на ајатолахот Хомеини во Кума се наоѓа во близина на советската граница и дека поради дефект за време на воена вежба една ракета може сосема случајно да долета до Кума. „И дај Боже, или Алах, во неа случајно да има боев полнеж“.

Заканата вроди со плод. Фадлалах извесно време молчеше како нем, а потоа рече: „Мислам дека сè ќе биде во ред“. По два дена киднапираните беа пуштени на слобода.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња