Како Американците спасија 800 руски ученици за време на граѓанската војна во Русија

Приморски државен музеј „В.К. Арсењев“
Обичниот летен распуст на Урал ненадејно се претвори во тригодишна прекуокеанска одисеја.

По завршувањето на наставата на 18 мај 1918 година 800 ученици од Петроград (денешен Санкт Петербург) заминаа на Урал за таму да го минат летниот распуст. Никој не ми можеше да замисли дека сите тие набргу ќе бидат во животна опасност, дека ќе ја обиколат Земјината топка и дека ќе се вратат дома по две и пол години.

Зафатени од виорот на граѓанската војна

Во ноември 1917 година болшевиците во Петроград организираа револуција по што набргу настапи гладна зима. Пролетта школските установи заедно со родителите одлучија организиранo да испратат 11.000 ученици во детските летни кампови ширум земјата, каде децата можеa да соберат сила и да го поправат нарушеното здравје. Од нив, околу 800 ученици заедно со неколку стотини воспитувачи беа упатени на Уралските планини.

Излезе дека не можеше да се избере полош момент за оваа дестинација. Додека возовите полни со деца итаа на исток, таму веќе во полн ек беше антиболшевичкото востание. За само неколку недели огромниот регион на Сибир и на Урал беше зафатен со граѓанска војна.

Овие деца беа немоќни очевидци на борбените дејствија зашто се наоѓаа во самото нивно жариште. На подрачјето каде беа сместени камповите, власта преминуваше од едни во други раце, денес тоа беа црвените, а веќе утре белите. „Улиците беа бришан простор, а ние се криевме под креветите и со страв ги набљудувавме војниците кои влегуваа во соба и со бајонети ги креваа нашите душеци“, напиша подоцна една тогашна ученичка.

Кон крајот на 1918 година петроградските ученици се најдоа во заднината на белите единици на Александар Колчак кои напредуваа кон запад, така што враќањето дома им беше целосно оневозможено. За ситуацијата да биде полоша, парите веќе беа при крај, како и залихите од намирници. Се ближеше зимата, а децата имаа само летна облека.

Спасување

Сосема неочекувано за судбината на учениците се заинтересира американскиот Црвен крст кој во тоа време работеше во Русија. Тој за децата од сите кампови изнајми еден камп во близина на уралскиот град Мијас и ја презеде грижата за нив – им даде топла облека, им ги организираше секојдневните активности, редовна исхрана, па дури им го организираше и наставниот процес.

Американците, колку што тоа беше можно, им соопштуваа на советските власти како тече животот во кампот и им ги испраќаа на вознемирените родители во Петроград писмата од нивните деца. Страните ги разгледуваа можностите за евакуација на учениците, но ништо од тоа не беше реализирано.

Кога летото 1919 година Колчак доживеа пораз и Црвената армија се приближи на подрачјето каде се наоѓаше кампот, американскиот Црвен крст реши да ги премести учениците што подалеку од борбените дејствија, најпрво во Сибир, а потоа на Рускиот остров во близина на Владивосток.

Пролетта 1920 година започна евакуацијата на американците единици од рускиот Далечен исток. Заедно со нив земјата ја напушти и мисијата на американскиот Црвен крст. Американците не сакаа да ги остават децата на цедило, а не можеа ниту да ги земат со себе. Тогаш им се обратија за помош на Јапонците и одлучија децата да бидат евакуирани во Франција.

Службеникот на Црвениот крст Рајли Ален успеа да изнајми јапонски товарен брод, а сопственикот на поморската компанија „Katsuda Steamship company, LTD“ Кацута Гинџиро со сопствени средства целосно го опреми за малите патници. На бродот беа монтирани кревети и вентилатори и беше уредена подвижна болница.

Бродот „Yomei Maru“ со знамиња на Јапонија и на САД и со огромен црвен крст нацртан на оџакот го напушти пристаништето на Владивосток на 13 јули 1920 година и заплови, како што излезе подоцна, на пат околу светот.

Прекуокеанско патување

Од најкусата патека преку Индискиот океан се откажаа по совет на лекарите, зашто тоа среде летото можеше да биде опасно по здравјето на децата.

Бродот преку Тихиот океан отплови за Сан Франциско, а оттаму до Панамскиот канал и потоа во Њујорк. „Yomei Maru“ и неговите мали патници привлекоа големо внимание кај американската јавност. На пристаништата ги пречекуваа куп новинари, а претседателот Вудро Вилсон и неговата сопруга им се обратија со поздравен говор.

„Различни њујоршки организации секојдневно се занимаваа со нашите деца. Со навистина голем ентузијазам беше организирана туристичка пловидба по реката Хадсон, како и дружење во паркот на Бронкс и екскурзија по градот во коли“, напиша подоцна капетанот на јапонскиот брод Мотоџи Кајахара.

Поради граѓанската војна која беснееше во Русија американскиот Црвен крст планираше петроградските ученици извесно време да останат во Франција каде веќе им беа подготвени места за престој, но децата на тоа бурно се спротивставија и заедно со воспитувачите им упатија колективна порака на Американците: „Ние не сакаме да одиме во држава, благодарение на која десетици и стотици илјади жители на Русија умираа и умираат од последиците на блокадата (советска Русија беше под економска блокада од страна државите од Антантата – Russia Beyond), а воената машинерија што тие ја испраќаат во Полска (во тек беше советско-полската војна – Russia Beyond), однесе и однесува стотици илјади млади руски животи“, пишува во соопштението под кое стојат 400 потписи.

На крајот беше одлучено децата да бидат испратени во Финска, која беше сосетка на Советска Русија. Најопасната делница на овој пат беше Балтичкото море каде пловеа десетици мини уште од Првата светска војна. Бродот мораше да се движи мошне бавно, постојано да го менува курсот и да запира и дење и ноќе.

На 10 октомври 1920 година „Yomei Maru“ стаса во пристаништето Којвисто, само десетина километри од границата, каде и заврши ова долго патување. Децата во групи беа преземани на граничните премини. „Откако излеговме од Владивосток заедно минавме низ жештини и студенила, а за овие три месеци децата се спријателија со членовите на екипажот и тажно изговараа 'сајноара, сајонара' (до гледање), напуштајќи го бродот“, пишува Кајахара.

Последните ученици од ова патување стасаа дома во февруари 1921 година. Возрасни и зрели момци и девојки се вратија на истата железничка станица во Петроград, од каде неполни три години претходно уште како деца тргнаа на летување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња