Мебелот што ја обележа советската епоха (ФОТОГРАФИИ)

Производи на фабриката за мебел „Житомир“

Производи на фабриката за мебел „Житомир“

П. Бојко/TASS
Секое парче стар мебел е приказна за себе. Се осврнавме на минатото и ги избравме петте најважни делови од мебелот кои пред неколку децении можеа да се видат во речиси секој советски дом.

1. „Ѕидна гарнитура„

Култните гарнитури мебел од романско или од југословенско производство беа модерни во текот на седумдесеттите и на осумдесеттите години од минатиот век. Ги имаше во речиси секоја дневна соба. Тоа беше време на тиково дрво, орев или махагони со бледи есенски бои и сјаен лак.

Предавачот на музичка школа Валериј Гусев со својата сопруга Валентина и ќерките Тања и Наташа. Совхоз „Красноармејски“, населба Октјабрское.

Во тие дамнешни времиња „ѕидните гарнитури“ (односно витрини и ормани до плафон) имаа пред сè задача да бидат функционални, односно да „примат“ големи количества ствари, а сите останати нивни квалитети беа споредба работа. Во нив имаше многу полици и со вратичка и без вратичка. Сето тоа беше полно со облека, книги, алкохолни пијалаци, блескави чешки садови, порцелански сервиси за чај, сино-бели фигуринки во стилот „гжељ“, пластични играчки, безбројни подароци добиени од роднините, детски фотографии и многу предмети кои на човека му било жал да ги фрли.

Со месеци се чекаше да стаса нарачаната гарнитура од три или од пет дела. Овој мебел вредеше цело богатство. Оној што имаше среќа да заработува 90 рубли месечно трпеливо чекаше во ред за нарачката да стаса и да заземе доста простор во станот.

Омилените „ѕидни гарнитури“ главно се правеа во Источна Германија или во Полска. Можеа да чинат нешто повеќе одошто целото семејство што заработуваше годишно (над 2.000 рубли).

2. Пијанино

Покрај лакираниот мебел во советските станови беа вообичаени и подните ламби и пијанино.

Наталија и Владимир Баслер со синот Сергеј во нов стан.

Музиката беше мошне важен аспект од советскиот образовен систем. Многу родители беа подготвени на секаква жртва само за на своето дете да му купат пијанино и да го запишат во музичка школа, дури и ако тоа дете немаше талент за музика.

Дипломата од музичка школа беше „задолжителна ставка“ така што советското пијанино, на пример „Лира“, „Красниј октјабр“ или „Зора“ мораа да бидат набавени како што се знае и умее. Да кажеме, советското пијанино „Ласточка“ чинеше 526 рубли, но беше со среден квалитет, додека познатата чешка марка „Петроф“ можеше да чини дури и 1.400 рубли.

3. Тепих како ѕиден украс

Звучи малку смешно, но факт е дека во една типична советска дневна соба на ѕидовите висеа огромни теписи. Така во свеста на неколку генерации деца од осумдесеттите години од минатиот век оваа декада е забетонирана како деценија на лош вкус.

Семејство советски бригадири.

На врвот на оваа мода дебелите и шарени теписи кои беа прицврстени на ѕидот претставуваа показател за луксуз и просперитет. Затоа тие ги красеа дневните соби во милиони станови ширум Советскиот Сојуз.

Еден тепих во просек чинеше 200 рубли. Поранешните републики на Советскиот Сојуз Азербејџан, Туркменистан и Киргистан беа водечки во производството на овој денес застарен „луксузен мебел“. Егзотичен тепих што го покрива целиот ѕид можеше да чини дури и 800 рубли.

Оној што не можеше да се „вивне“ во такви финансиски височини избираше ѕидни таписерии со некои животни, најчесто со лебед или со елен. Ѕидот на кој се закачуваше таписеријата или тепихот беше потопол и „помек“ така што овој украс често се закачуваше над креветот.

Многу чести беа ѕидните таписерии со репродукција на познатата слика на Иван Шишкин и Константин Савицки „Утро во боровата шума“.

И таписериите и теписите беа третирани како „семејно богатство“ и се пренесуваа од колено на колено, сè дури правнуците без пардон не ги изнесоа и ги оставија пред контејнер.

4. Трикрилно огледало

Многу жени во Советскиот Сојуз мошне сериозно го сфаќаа процесот на шминкање и сакаа да ги видат резултатите од сите агли. Ваква можност им даваше трикрилното огледало во дрвена рамка. Тоа, за волја на вистината, не беше евтино – чинеше 100 рубли, односно колку една просечна плата.

Трикрилната тоалетна масичка со комода беа направени по угледот на класичните женски будоари од 18 век. Благодарение на огледалото кое се врти за 180 степени ова парче мебел беше нешто многу повеќе од обично огледало.

Комодата служеше како повеќенаменска работна маса каде се чуваше сè што може да се замисли, од лак за нокти и аспирин до детски учебници и списанија за шиење и кроење. Меѓутоа, многу комоди беа толку лошо дизајнирани што не беше можно да се приближи столчето и удобно да се седне зашто преградата на неа беше премногу спуштена така што нозете не можеа да се вовлечат.

5. Фотелја на извлекување

Во текот на седумдесеттите години од минатиот век беше атрактивен иновативниот дизајн на фотелји. Тие можеа да се извлечат и да се претворат во кревет, што беше одлично решение за мал советски стан каде немаше место за обичен кауч.

Производи на Нарвската фабрика за мебел: ѕидна гарнитура и комплет „Лаура“.

Фотелјата на извлекување најчесто беше тапацирана со платно или со кожа. Беше практична во таа смисла што на тој начин често можеше да се обезбеди уште едно место за преноќување доколку дојат гости. Чинеше „само“ педесетина рубли, така што можеше лесно да се набави.

Оној што не можеше да си дозволи фотелја на извлекување, беше принуден да купи евтин, но практичен платнен полски кревет на отворање со метална конструкција. Тоа беше задолжителна ставка во инвентарот на едно типично советско семејство. Ваквиот мебел не беше удобен, но затоа беше долговечен, чинеше околу 15 рубли и често се користеше во градинките, во летните кампови, па дури и во кујните.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња