Теписи на ѕид – „олдскул“ од СССР

Руските дизајнери ја обновија модата на поставување теписи на ѕидовите како интересна „олдскул“ традиција. Извор: PhotoXPress.

Руските дизајнери ја обновија модата на поставување теписи на ѕидовите како интересна „олдскул“ традиција. Извор: PhotoXPress.

Многумина странци кои имаат посетено некој руски дом сигурно се запрашале: да не одат Русите по ѕидови? Ако не одат, тогаш зошто имаат на ѕидовите теписи? Постојат многу одговори и сите тие се делумно точни. „Руска реч на македонски“ ви претставува еден од најнеобичните обичаи од советските времиња, чии траги и денес се присутни во многу станови ширум земјата.

За време на најинтензивната урбанизација на СССР милион луѓе ги напуштиле своите селски куќи, спални и бараки и се вселувале во нови стани во евтини згради изградени од бетонски панели. Овие згради се познати како „хрушчовки“, бидејќи биле градени во времето кога на чело на Советскиот Сојуз бил Никита Хрушчов. Поради бетонот овие ѕидови назима биле многу ладни и затоа луѓето почнале да користат волнени теписи како топлотна изолација, особено во северните делови и на рускиот Далечен Исток. „Не ни беше важен изгледот“, вели Сергеј, блогер од Сибир. „Кога надвор температурата е -40°C, а пламенот од чкорчето покрај ѕидот во дневната соба ќе почнува да се свива надолу под дејство на ладната воздушна струја, секако дека е подобро да се стави тепих, одошто да се настине ноќе.“

Руски симболи: Оренбуршка марама
Оренбуршката марама од нежни козји влакна е руски симбол исто како и тулското медено колаче, хохломата, традиционалните руски керамички производи или како вологодската тантела.

Ѕидовите на „хрушчовките“ не само што биле ладни, туку и тенки – толку тенки што понекогаш било тешко да се заспие доколку некој во кујната гледа телевизија, а да не зборуваме за соседите кои се караат и за нивните деца кои врескаат. Значи, теписите имале улога и на звучен изолатор. 

Теписите имаат покажано уште една особеност: можат да бидат убав украс, особено оние што се правени во јужните советски републики – Таџикистан, Туркменистан и Казахстан. Изнудениот обичај така се поклопил со старата аристократска традиција која потекнува од Исток: украсување на домот со скапоцени теписи. 

Теписите во средновековна Европа стасале од муслиманските земји на Средниот Исток како вид декорација. Во Персија (древен Иран) ѕидните теписи имале голема вредност поради сложениот начин на изработка, а останале симбол на високиот општествен статус и во Европа каде се појавиле во 16 век. Истото важи и за Русија, чии цареви добивале скапи теписи од амбасадорите на земјите од Истокот. Ѕидовите, подовите и плафоните на спалната соба на царот Алексеј Михајлович во 17 век биле украсени со величествени теписи и таписерии. Овој тренд бил прифатен и од благородништвото, а тоа продолжило и во текот на следниот век, кога Петар Велики ја основал царската таписериска работилница за изработка на гоблени кои ќе ги украсуваат неговите одаи. Во 19 век теписи почнале да купуваат и имашните селани и граѓаните кои на тој начин сакале да покажат дека се богати колку благородниците.

Бидејќи теписите можеле да бидат прилично скапи, семејствата што во советско време поседувале тепих се сметале за имашливи. Просечната месечна заработувачка изнесувала помеѓу 120 и 150 рубли, а цената на еден тепих се движела од 125 рубли во 1961 до 300-500 рубли во седумдесеттите години од минатиот век. Овие цени важеле за моделите изработени во Советскиот Сојуз, додека кинеските и виетнамските биле значително поскапи и нивната вредност достигнувала дури и до 1.500 рубли. 

Кога надвор температурата е -40°C, а пламенот од чкорчето покрај ѕидот во дневната соба ќе почнува да се свива надолу под дејство на ладната воздушна струја, секако дека е подобро да се стави тепих, одошто да се настине ноќе.

Сергеј, блогер од Сибир

Но, не можело да се купи тепих на тој начин што ќе се отиде во продавница и ќе се одбере модел. Во тоа време советските граѓани морале да се придржуваа кон пропишаната процедура за набавка на скапи и атрактивни парчиња мебел и предмети за декорација на станот. Постоеле посебни списоци на потенцијални купувачи каде предност имале оние што се пријавиле порано. Обично на испорака на саканиот тепих се чекало долго – и до една година. А, оние што биле најимашливи купувале теписи и за подовите. 

Во СССР теписите станале важен детаљ од секојдневниот живот, а доказ за тоа е појавата на своевидно суеверие поврзано со нив. Имено, се верува дека тепихот не треба да се забива со клинец в ѕид, зашто тоа може да предизвика караници во семејството. Ова суеверие потсетува на старото руско верување дека оној на кого ќе му се истури сол ќе се скара со личноста која го видела тоа, Корените на овие две верувања лежат во фактот што и солта и теписите биле многу скапи, така што не зачудува фактот дека треба посебно да се чуваат, зашто во случај на штета неминовно ќе дојде до расправа за вината. Тука треба да се спомене и тоа дека Русите имале обичај теписите да ги закачуваат со помош на мали клинчиња или со помош на завртки. 

Се надеваме дека дознавте нешто ново во врска со руските теписи. На крајот од овој преглед мораме да споменеме дека денес младите руски дизајнери, уметници и ексцентрици ја обновија модата на поставување теписи на ѕидовите, па дури и смислија шеговит назив „Неговото височество волненство“. Според тоа, можеби и не е лоша идејата на ѕидот од вашиот стан да ставите тепих!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња