Ова не сте го знаеле: Десет факти за Црвената (Советската) армија

Голема татковинска војна, 1942 година.

Голема татковинска војна, 1942 година.

Марк Марков-Гринберг/TASS
Излегува дека војниците на Црвената армија носеле свастика, како награда за храброста добивале панталони, а во борбите користеле камили.

1. Денот на основањето на Црвената армија во советскиот период се празнуваше на 23 февруари. На овој датум во 1918 година црвеноармејците ја поразиле кајзеровата војска кај Нарва и Псков.

Но, факт е дека декретот за основање на Работничко-селанската Црвена армија е донесен уште на 28 јануари 1918 година и празникот требало да биде на овој датум. Но, следната година властите поради бирократско одолговлекување задоцниле со одбележувањето на првата годишнина, па било одлучено прославата да се помести во февруари.

Псковскиот одред на Црвената гарда заминува на својата положба во февруари 1918 година.

2. Сукнениот шлем, познат под називот „будјоновка“ (по командирот Семјон Будјони), стана еден од главните симболи на Црвената армија. Според една верзија, дизајнот на шлемот е смислен во 1918 година, за една година подоцна да стане дел од униформата.

Според друга верзија „будјоновките“ се креирани уште во 1915 година за време на Првата светска војна. Било планирано победничката руска војска со овие шлемови да маршира во покорените градови Берлин и Истанбул. Но, војната не течела според планот, односно онака како што се надевал императорот Николај Втори. Сукнените шлемови собирале прав во магацините сè дури црвеноармејците не ги откриле.

Коњаници на Работничко-селанската Црвена армија.

„Будјоновките“ се отфрлени во 1940 година по Советско-финската војна, кога излегло дека не се погодни за војување на големо студенило. Тогаш наместо нив се воведени капите ушанки.

3. Тешко е да се поверува дека во Црвената армија се користела свастиката. Овој древен ариевски симбол бил обележје кое на ракавот го носеле калмицките национални единици (будисти по вероисповед) кои војувале на Југоисточниот фронт против „белите“ единици на Антон Деникин. Во овој вид свастиката се носела до 1920 година.

4. Црвената армија на почетокот од Граѓанската војна немала доволно оружје и муниција. Немала ни соодветни награди.

Пред воведувањето медали и ордени истакнатите борци и командири како награда добивале часовник, чизми, седло или кошула. Еден борец добил златна табакера која припаѓала на императорката Екатерина Велика. Во Првата коњичка армија се сметало дека е голема чест како награда да се добијат црвени панталони со широки ногавици кои тогаш ги носеле револуционерите.

Михаил Иванович Калинин држи говор. Тој во текот на граѓанската војна ја водел пропагандата на фронтовите каде држел говори во единиците на Црвената армија и пред мештаните.

5. Во Црвената армија немало офицери сè до 1943 година. И самиот збор „офицер“ бил поврзуван со Белото движење против кое болшевиците се бореле со сите свои сили во граѓанската војна. Црвената армија наместо офицери имала „командири“. Тие наместо еполети (кои исто така биле забранети) носеле нашивки во боја на јаката и шеврони на ракавите.

Офицерските звања заедно со еполетите повторно биле воведени по спектакуларната победа во Сталинград. Се смета дека Сталин на овој начин сакал да ја поврзе Црвената армија со јуначката историја на руската царска војска.

Командирите на Црвената армија Август Корк, Јан Гамарник, Климент Ворошилов, Семјон Будјони пред Мавзолејот на Ленин.

6. Извесно време во Црвената армија во борбите се користеле камили. Тие се појавиле во 28 резервна армија кај Астрахањ во 1942 година, во почетниот период на Сталинградската битка.

Над триста „пустински бродови“ служеле за транспорт на товар и на артилерија. Овие камили минале долг пат од Волга до Берлин. Се зборува дека црвеноармејците една од нив, камилата по име Кузнечик, ја довеле до Рајхстагот, и дека таа плукнала на него.

7. Најмногу борци во својата историја Црвената армија имала во 1945 година, кога таа броела 11.365.000 лица. Исцрпената советска економија не можела да издржува толку голем број војници, а во мирновременскиот период кој настапил не ни била потребна толкава армија.

Во текот на три години по победата, интензивно се вршела демобилизација, така што во 1948 година во Црвената армија останале 2.874.000 војници. Во меѓувреме немало регрутација, а младината наместо тоа го служела воениот рок во обновување на уништената економија.

8. Во 1946 година Црвената армија официјално го сменила името, и оттогаш се нарекувала „Советска армија“. Сталин изнел став дека зборот „советски“ треба да го потврди патот на социјализмот што го избрал народот.

Воена парада на Црвениот плоштад по повод 20-годишнината од Победата над нацистичка Германија во Големата татковинска војна 1941-1945 година.

9. Најдолгата опсада во историјата на Советската армија е изведена во Авганистанската војна. Подоцна го добила името „Запирање на Руха“. Три години и десет месеци 682 мотострелачки полк се наоѓал на мало плато, на местото на запуштената селска населба Руха.

Советско-авганистанска војна.

Војниците од три страни биле опкружени со планини, а од четвртата биле изложени на оган од стрелечко оружје и од минофрлачи на единиците на Ахмад Шах Масуд со 13.000 вооружени лица.

Полкот бил изведен од местото во 1988 година. Во текот на целата опсада биле убиени 386 лица.

10. Најобемната и највпечатлива воена вежба во историјата на Советската армија беа маневрите „Запад 81“. Во неа учествуваа 100.000 војници на копнените единици, на военото воздухопловство, на десантно-падобранските сили и на воената морнарица. Според големината оваа воена вежба може да се спореди со големите воени операции во Втората светска војна.

„Запад 81“, оперативно-стратешка воена вежба на армијата и на воената морнарица на СССР и на земјите од Источниот блок. Тенкови за време на смотра на терен.

„Запад 81“ имаше цел да им покаже на земјите од НАТО дека Советската армија дури и без примена на нуклеарно оружје може за само неколку дена да ја совлада главницата на непријателските сили.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња