Мајк Сотер, човекот поради кој Советите ја држеа американската флота за гуша

Public Domain
На списокот на странските агенти на КГБ од времето на Студената војна се наоѓаат десетина најдобри на сите времиња. Едните започнувале соработка од идеолошки убедувања, другите од лична корист или од корист за нивната држава. Но, еден таен агент отишол толку далеку, што благодарение на него поголемиот дел од американската флота можел да биде уништен во првите денови од војната.

Агентите на советската разузнавачка служба Борис Соломати сретнал еден необичен посетител за време на својата работа во Рим. Американскиот државјанин при првиот контакт почнал да се распрашува како може да се стане државјанин на Советскиот Сојуз. На прашањата поставени од вработените во амбасадата високиот Американец одговарал директно, не обидувајќи се да го избегне одговорот. Првата средба, меѓутоа, минала разочарувачки зашто американскиот државјанин не понудил никакви тајни информации.

Подоцна излегло дека Глен Мајкл Сотер бил од огромен интерес за советската разузнавачка служба. Високиот Американец не само што служел на американски носач на авиони, ами и работел како личен фотограф на командантот на шестата флота на САД адмиралот Кроу. Мајкл Сотер се согласил да работи за советската разузнавачка служба до заминувањето во пензија, а Советите за возврат му ветиле државјанство.

Додека работел како личен фотограф на адмиралот Кроу, Сотер добил пристап до големи количества материјал кој се однесувал на безбедноста на американската флота. Материјалите што ги доставувал Глен Мајкл, содржеле и долгорочни планови на американската флота од Средоземното море до Блискиот Исток. Во своите извештаи Сотер предавал сè што им било неопходно на советските генерали за ефикасно следење и распоред на американската флота, податоци за командните бродови, датуми на планираните воени маневри, тајни „плика“ со алгоритми на дејство во случај на избивање светска војна.

Адмирал Кроу

Добиената информација му давала на советското воено-политичко раководство отворен простор за претстојните воени дејствија, зашто во Кремљ и во генералштабот точно го знаеле следниот чекор на американската флота, како и каде е точката на враќање. Благодарение на Сотер Советите ја држеле американската флота за гуша.

Сотер преминува на мошне поодговорни позиции благодарение на своите квалитети. Тој ја прекинал службата во морнарицата поради истекување на договорот и се враќа во Америка. Сфаќајќи ја важноста на својата работа, успеал да се вработи во разузнавачкиот сектор на американската морнарица кој се занимавал со надгледување на советската флота во Европа и на Атлантикот. Сотер по дополнителните разузнавачки проверки во 1983 година добива дозвола да работи во одделението за анализа на фотографии добиени од космички извидувања.

Пристапот кон овие информации му овозможил да им достави на Советите список од 150.000 цели на територијата на СССР врз кои Америка планирала да удри во првите часови на војната. Тоа бил документ од уникатниот комплексен оперативен план за примена на нуклеарно оружје.

Златните времиња на работата на Сотер се движеле кон крајот поради големото откривање на агентурната мрежа во САД по пребегнувањето на советскиот агент Виталиј Јурченко. Постоел уште еден случај кој уште претходно фрлил сомнеж на Сотер: информациите кои ги давала неговата поранешна жена Италијанка со која се развел во 1982 година. Таа му рекла на еден италијански офицер дека нејзиниот маж работи за Русите. Оваа информација, секако, стасала и до агентите на ФБИ по што е повикан на информативни разговори. Тој лесно ги минал детекторите за лаги. Но, со оглед на тоа дека било очигледно оти сомнежите за Сотер растат, раководството на КГБ одлучило да го повлече својот агент. Сотер ги напуштил САД во пет до дванаесет, откако заминал со авион за Италија, од каде е префрлен во СССР во јуни 1986 година. Лично го пречекал началникот на КГБ Крјучков.

Со указ на Президиумот на Врховниот совет на СССР од 2 октомври доделено му е советско државјанство. Тој самиот си избрал ново име – Орлов Михаил Евгениевич. Орлов станал единствениот странски агент на надворешна разузнавачка служба кој во службата за безбедност добил чин мајор. Се оженил со Елена, својата втора жена, која предавала англиски јазик во школата за разузнавачи. Со неа ја добил ќерката Александра. Се запознал и со други агенти – Ким Филби и Џорџ Блејк со кои станал пријател.

Сотер од непознати причини го заврши животот со самоубиство во гаража во 1989 година, оставајќи писмо на својата сопруга и на колегите. Забележано е дека бил незадоволен од она што се случувало со Советскиот Сојуз пред распаѓањето, затегнатата ситуација и турбулентните настани. Сепак, личниот мотив за одлуката да го заврши животот со самоубиство со гушење со издувни гасови во гаража не се до крај расветлени. Погребан е на Кузнецките гробишта во Москва.

Прочитајте исто така: 3 мистериозни тајни на КГБ кои се чуваат во руските архиви

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња