Зошто Гогољ го запалил вториот том на „Мртви души“?

Кира Лисицка (Photo: Legion Media)
Едни претпоставуваат дека Гогољ го запалил речиси завршениот втор том на „Мртви души“ во напад на гнев, а други, пак, дека тоа го направил случајно. Наводно сакал да ги уништи само првобитните ракописи, но од невнимание во каминот ги фрлил и тетратките со препишаниот том. Како и да е, овој настан го потресол и самиот писател, па девет дена по овој настан починал.

Познатиот руски сатиричар планирал своето најпознато дело да го напише во три тома, во обликот на „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, каде исто така во извесна смисла ќе ги прикаже пеколот, чистилиштето и рајот. Првиот том се појавил во печатот во 1842 година, и тој денес е познат како романот „Мртви души“. А, всушност тоа бил „пеколот“ и излегол мошне добро. Гогољ во него прикажува цела лепеза негативни ликови и широк спектар разно-разни пророци. Кога ја прочитал првите глави на Гогољ (кои не влегле во конечната редакција), големиот поет Александар Пушкин рекол: „Боже, колку е тажна нашата Русија!“

Да се потсетиме на дејствието: благородникот од средна рака Павел Чичиков се доселува во едно гратче и се претставува како спахија со цел да биде прифатен во новата средина. Проблемот бил во тоа што тој немал ниту една „душа“, односно немал свои кметови (селани врзани за неговиот имот). Решил да се послужи со лукавство кое на извесен начин му го сугерирала руската бирократија. Имено, секој спахија имал список на свои кметови кој се обновувал еднаш на неколку години. Кога селанецот ќе почине, спахијата и понатаму плаќа данок на негово име зашто покојникот се третира како жив кмет сè до следната ревизија. Чичиков по ред ги посетува локалните спахии и ги моли да му ги продадат овие мртви души... „Колегите“ различно реагираат на овој негов предлог.

Илустрација на уметниците од здружението „Кукрински“ (Михаил Купријанов, Профириј Крилов, Николај Соколов) за романот на Н.В. Гогољ „Мртви души“ (Ноздрев и Чичиков).
Давид Шоломович

Самиот Гогољ своето дело го окарактеризирал како поема, иако е напишано во проза. На поема во нејзиното автентично значење тука упатува формата, зашто патешествијата на јунакот се повторуваат во „круговите на пеколот“, и тој како Одисеј талка од привидение во привидение. Покрај тоа, во оваа „поема“ присутни се и обемни лирски дигресии на тема Русија и руски народ. Се смета дека ова дело е врвот на творештвото на Гогољ и дека е еден од најважните клучеви за разбирањето на руската душа. Всушност, главниот тука не е Чичиков, ами Русија.

На што требало да биде посветен вториот том?

Вториот дел Гогољ го замислил како своевидно „чистилиште“ на Данте, а третиот како „рајот“. „Продолжението ми е во мојата глава почисто и повеличествено“, му напишал Гогољ на својот пријател Сергеј Асаков.

Ликовите во вториот дел повеќе не се толку негативни. „Зошто да се прикажува едно исто – сиромаштијата и несовршенството на нашиот живот, ископувајќи ликови од заборавот, од оддалечените делови на државата?“, вака Гогољ го започнал вториот том.

На пример, на самиот почеток на вториот том се појавува нов лик – Тентетников. Тој во животот се додева и не работи ништо, но авторот споменува дека Тентетников порано бил полн со разно-разни сништа и планови, но сите тие се урнале поради ситничавоста и бескорисноста на неговата „служба“, односно работното место во денешна смисла.

Н.В. Гогољ, портрет со четка на Ф. Молер (1840 година, Третјаковската галерија).

Покрај тоа Гогољ сакал да го пронајде и да го покаже патот што води кон благосостојба. На пример, тој со устата на јунакот вели дека секој чиновник треба да се ослободи од корупција, вредно да работи и да не краде, и дека е потребно раководството да ги наградува таквите чиновници.

Додека во првиот том Гогољ ја опишува нечистотијата и валканите патишта, во вториот практично се воодушевува на руските пространства и на пејзажите.

Чичиков и во вториот том продолжува да ги посетува спахиите и да купува мртви души, но во одреден момент му е украдено ковчежето со сите документи. Покрај тоа, се дознало дека некој го пријавил Чичиков поради махинации. Тогаш главниот јунак, кој во првиот дел не покажува некакви особено изразени чувства, паѓа во очај и си ја корне косата. Тука ракописот е прекинат, така што никогаш нема да дознаеме што му се случило понатаму.

Зошто Гогољ сметал дека вториот том не излегол добро?

Михаил Петрович Клодт, Крајот на „Мртви души“ (Гогољ го пали ракописот), масло на платно, 104х83, 1887 година.

Вториот том на „Мртви души“ е последното дело на кое работел Гогољ. Поминале неколку години од објавувањето на првиот том и писателот во меѓувреме доста се променил. Бил во фаза на духовно превирање и на верско преиспитување проследено со силни неврози и напади на „загрижувачко вознемирување“.

„Ме прашуваш како оди пишувањето на 'Мртви души'? И оди и не оди. Пишувам мошне бавно и тоа воопшто не изгледа онака како што би сакал“, му пишува Гогољ на својот пријател, поетот Николај Јазиков. Душевните немири во голема мера ја отежнувале работата. Гогољ повеќе не можел да пишува „како во младоста, односно како било, како што ќе понесе перото“, како што велел тој. Во секој ред вложувал голем труд.

Единствената личност која го прочитала целиот втор тон на „Мртви души“ бил протојерејот Матеј, со кого Гогољ се допишувал и водел големи и прилично остри дискусии за различни прашање. Матеј негативно ја оценил сработената работа и рекол дека напишаното дело е штетно, па дури и го замолил Гогољ да го уништи ракописот.

Но, и самиот писател чувствувал дека вториот том не излегол добро. Приказот на негативни ликови и целосна безнадежност според него изгледале многу подобро. „Појавувањето на вториот том во оној вид во кој е напишан попрво би нанел штета, одошто што би донел корист“, пишува тој во „Одбрани места од преписките со пријателите“. „Да се прикажат неколку прекрасни карактери кои покажуваат возвишено благородство на нашиот сој не води кон ништо. Тоа само побуди празна гордост и фалење...“

На 24 февруари 1852 година Николај Гогољ го запалил плодот на својата работа, односно речиси завршениот втор том на „Мртви души“. Едни претпоставуваат дека тоа го сторил во напад на гнев, а други, пак, дека тоа го направил случајно. Наводно сакал да ги уништи само првобитните ракописи, но од невнимание во каминот ги фрлил и тетратките со препишаниот том. Како и да е, овој настан го потресол и самиот писател, па девет дена по овој настан починал.

Зачуваните глави од вториот том се реконструкција врз основа на пет сврски што не изгореле. Овие расфрлани глави очигледно припаѓале на различни авторски верзии. Во нив имало и голем број празнини. Покрај тоа, тие меѓусебно се разликуваат и според содржината, и според тонот, па дури и по мастилото и по хартијата на кои се напишани. Овие страници не можат да дадат заокружена претстава за делото, така што авторската замисла не е до крај решена.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња