Како еден советски научник го дешифрираше писмото на Маите

Russia Beyond (Public Domain; Archive photo)
Јуриј Кнорозов најде клуч за читање на текстовите на оваа древна цивилизација, а Мексико за првпат го посети дури 40 години подоцна.

За овој молчалив интроверт се зборуваше дека е ексцентричен. Малку зборуваше за себе и затоа важеше за генијален чудак и за мистична личност. За него се ширеа мошне егзотични гласови и приказни. Тој многу ги сакаше мачките и во своите научни статии се обидуваше да објави свој портрет со саканата мачка по име Аспид (дури и ја запишуваше како соавтор во своите трудови, но уредниците го исфрлаа нејзиното име). Се занимаваше сo мистика. Неговата дипломска работа беше посветена на шаманизмот, а ги проучуваше и врските на курилскиот народ Аину со Индијанците и работеше на дешифрирање на писмото од Велигденските острови, како и протоиндискиот јазик.

Јуриј Конрозов за првпат го посети Мексико на почетокот на деведесеттите години од минатиот век кога веќе беше во години. Таму беше пречекан како позната личност. За него во Мексико до денешен ден знае секое дете, додека во Русија е главно непознат. Имено, Кнорозов успеа да ја реши главната мистерија на американскиот континент, над која неколку векови си ја трескаа главата сите научници од шпанскојазичниот свет – го дешифрираше писмото на цивилизацијата на Маите. Како му појде тоа од рака и зошто воопшто започна да се занимава со тоа:

„Дете од Сталиновата доба“

СССР, Ленинград 17 јули 1952 Советскиот историчар, етнограф, лингвист и епиграфист Јуриј Валентинович Кнорозов.

Јуриј Кнорозов е роден во 1922 година во Харков во семејство на руски интелектуалци. Го преживеал големиот глад во советска Украина во текот на триесеттите години од минатиот век и подоцна било констатирано дека е неспособен за служење воен рок.

Студирал историја на Харковскиот универзитет. Тој бил на втора година од студиите кога нацистите го зазеле градот. Малку се знае за неговиот живот под окупација, зашто во советско време не било вообичаено да се зборува за тоа, дури и малку се криел фактот дека еден дел од земјата останал окупиран. По окупацијата целото семејство се преселило во Москва и Кнорозов со одредени напори сепак успеал да се префрли на Московскиот државен универзитет, каде сериозно се заинтересирал за етнографијата.

Советската власт била сомничава кон жителите од окупираните територии, мислејќи дека можеби соработуваат со нацистите. Токму оваа „црна дамка“ во биографијата го трасирала животниот пат на Јуриј Кнорозов. Имено, нему му било забрането да се запише на постдипломски студии (а уште повеќе му било забрането да патува во странство). „Типично дете од Сталиновата доба“, зборуваше на шега Кнорозов.

Јуриј Кнорозов

Од Москва се преселил во Ленинград, каде по препорака на неговите професори е примен на работно место во Музејот на етнографијата на народите на СССР. Живеел аскетски, па дури и сиромашки. Добил сопче во зграда наспроти музејот и секогаш носел едно исто скромно одело. Работниот кабинет го делел со други научници, каде на својата работна маса, опкружен со правлив куп книги, во слободно време ја решавал најголемата мистерија на човештвото.

Советскиот научник се обидува да го пронајде клучот на мистеријата на цивилизацијата на Маите

Слика од страница од 16 вел на Диего де Ланд. Оваа „азбука“ покажува зборови од шпанскиот јазик и хиероглифски симболи на Маите што им одговараат (според неговото толкување).

Уште во Москва Кнорозов прочитал една статија на германскиот научник Паул Шелхас кој тврдел дека писмото на Маите е невозможно да се дешифрира. Младиот научник ова го доживеал како предизвик.

„Сѐ што има смислено еден човечки ум, може да го одгатне друг човечки ум“, ќе каже подоцна Кнорозов во едно интервју. Во Советскиот Сојуз пред него никој се нема занимавано со оваа тема, па тој се обидел да се проба во неа.

Уште додека бил студент на Московскиот универзитет тој помагал во средувањето на архивите на воените трофеи од Германија и меѓу материјалите од Берлинската библиотека нашол издание на три зачувани ракописи на „кодексот на Маите“ кои биле објавени во 1930 година. Покрај тоа, наишол и на друг важен документ: „Соопштение за случиувањата во Јукатан“ од 16 век. Го има напишано католичкиот бискуп Диего де Ланда кога Шпанците го освоиле Мексико и територијата на Маите. Во него ги наведува податоците за културата и за писменоста на оваа цивилизација, има нацртано триесеттина хиероглифи, па дури и своја верзија на латинско писмо.

Глифови на Маите изложени во музејот во Паленкео, Мексико.

„Мојот прв чекор беше да ја искористам таканаречената позициска статистика. Нејзината суштина е во броењето знаци кои заземаат определена позиција. Целта на овој метод е да се согледа кои знаци и колку често се среќаваат на определени места, да кажеме на крајот или на почетокот на зборот, а не колку вкупно ги има...“, го објаснуваше Кнорозов својот математички метод во интервју за весникот „Вечерни Ленинград“. Проучувајќи ги документите сфатил дека секој знак во писмото на Маите се чита како слог, па така предложил систем на читање на целиот јазик.

Во 1952 година Кнорозов ја објавува статијата „Древната писменост на Централна Америка“ во едно етнографско списание, каде го изложил својот метод. Работата ги заинтересирала научните кругови, па московскиот професор на Кнорозов му предложил на Јуриј да напише дисертација на оваа тема. Згора на тоа, на одбраната на дисертацијата професорот побарал да се прескокне степенот кандидат на науки и на својот штитеник веднаш да му се додели степенот доктор на науки, што во советската наука бил мошне редок случај.

Дешифрираното писмо на Маите им овозможило на научниците од нова перспектива да ја согледаат најмистериозната древна цивилизација на Северна Америка, подлабоко да ја проучат нејзината култура и начинот на живот, што имало неверојатно големо значење за целиот свет, а особено за шпанското говорно подрачје.

Ѕвездата на Латинска Америка се појави таму во текот на деведесеттите години од минатиот век

Споменик на Јуриј Кнорозов во Мерида, Јукатан, Мексико.

Светската јавност дозна за откритието на Кнорозов во 1956 година, кога неговата статија „Мистеријата на Маите“ беше објавена во списанието „Советски Сојуз“. Научникот објави и монографија за писмото на Маите, по што (за чудо) му беше дозволено да замине во странство на конгрес на американисти во Копенхаген, каде го прочита рефератот за своето откритие.

Во Ленинград на „поклонение“ на Кнорозов започнаа да доаѓаат мексикански студенти, научници, па дури и политичари. Го посети и Хакобо Арбенз Гузман, соборениот претседател на Гватемала (на чија територија исто така живееле Маите), и во музејската книга на впечатоци остави белешка за „љубезниот советски научник Ј. Кнорозов кому народот Маја многу му долгува“.

Кнорозов во текот на седумдесетте години од минатиот век објави и превод на достапни текстови од Маите. За научните заслуги ја доби и Државната награда на СССР. Го споредуваа со Жан Шамполин кој во 19 век ги дешифрираше египетските хиероглифи, што на советскиот научник, секако, неверојатно му годеше.

Пирамидата Кукулкана, Чичен Ица, Јукатан, Мексико.

Јуриз Кнорозов имаше огромна желба во живо да ги види зборовите на Маита, и таа желба му се оствари дури во неговите подоцнежни години, во текот на деведесеттите години од минатиот век, четири децении по големото откритие. Замина за Гватемала на лична покана на претседателот на државата, а потоа трипати го посети Мексико. На крајот конечно ги виде најважните архитектонски споменици на Маите: Паленке, Мериду, Ушмал, Дзибилчалтун и уште многу други. Покрај сето тоа, од мексиканскиот амбасадор во Русија доби почесен Орден на астечки орел со кој мошне се гордееше.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња