Според законите на Руската Федерација податоците во државните архиви не можат да бидат под печатот на државна тајна повеќе од 30 години. Но, како што изјави во емисија на радиостаницата „Ехо Москви“ историчарот Сергеј Кудрјашов, за пролонгирање на статусот на државна тајна не е предвидена никаква казна, така што многу државни агенции и понатаму не ги отвораат своите архиви.
Федералната служба за безбедност (ФСБ), наследничка на ПГПУ, НКВД и КГБ, не е исклучок во тоа. Таа сè уште чува голем број тајни кои се поврзани со делувањето на советската разузнавачка служба, и државата не прави никакви напори да ги обелодени. Еве неколку најинтересни случаи.
Getty Images
Шведскиот дипломат Раул Валенберг работел во Унгарија во периодот од 1944 до 1945 година, во последните години на Втората светска војна. Во заложбата да спаси што повеќе животи, Валенберг на луѓето со еврејско потекло им давал шведски пасоши и ги криел прогонетите во куќите што ги користела амбасадата. На овој начин тој спасил илјадници луѓе од смрт, така што Евреите денес го сметаат Валенберг како еден од најпознатите „праведници меѓу народите“.
До неговата трагична средба со советските агенти дошло на почетокот од 1945 година кога советските сили ја држеле под опсада Будимпешта. Валенберг го посетил маршалот Радион Малиновски кој раководел со акцијата за ослободување на Будимпешта, и тогаш го уапсиле припадниците на контраразузнавачката служба СМЕРШ и го обвиниле за шпионажа. Потоа никој повеќе не го видел Валенберг.
Советскиот министер за надворешни работи Анатолиј Громико во 1957 година му врачил на шведскиот амбасадор документ кој упатува на тоа дека Валенберг починал во 1947 година од инфаркт. Се претпоставува дека го држеле во московскиот затвор на Лубјанка. Тогаш Советскиот Сојуз за првпат признал дека Валенберг починал во Москва, но причината за смртта до денешен ден не е во целост разјаснета. Според официјалните извори, извештаите од сослушувањето исчезнале.
Многумина се сомневале во веродостојноста на документот кој го предал Громико. Имало многу „сведоци“ кои тврделе дека Валенберг е сè уште жив во текот на педесеттите години од минатиот век и дека се наоѓал во советски концентрационен логор, или дури дека успеал да избега. Дури во 2016 година шведската влада официјално објави дека Валенберг е мртов. Неговото семејство на 26 јули поднесе тужба против Федералната служба за безбедност на Руската Федерација, барајќи пристап до документите поврзани со смртта на Валенберг.
Извор: AP
Лаврентиј Берија, раководител на НКВД од 1938 до 1946 година, меѓу другото бил надлежен и за реализација на советската нуклеарна програма. Неговиот случај нема ништо заедничко со Раул Валенберг, освен тоа што советските тајни служби се вмешани и во неговата смрт. На Берија му се препишуваат многу интриги и крвави репресии. По смртта на Сталин во 1953 година тој доживува пораз во борбата за власт со другите советски лидери (Маленков и идниот генерален секретар Никита Хрушчов). Тоа бил крајот и на неговата кариера и на неговиот живот.
Берија е обвинет за шпионажа во корист на Велика Британија и за фалсификување на многу кривични постапки. Осуден е на смрт на 23 декември 1953 година и истиот ден бил егзекутиран. Барем така гласи официјалната верзија. Некои историчари, сепак, веруваат дека немало никаков судски процес и дека семоќниот раководител на тајната полиција едноставно е уапсен и стрелан истиот ден (26 јули 1953), и дека неговите ривали го фабрикувале целиот случај за овој потег да го прикажат како легитимна акција.
Оваа верзија е прикажана во документарниот филм „Лаврентиј Берија. Ликвидација“ снимен во 2014 година. Тој се засновува на фактот дека секој советски лидер кој бил вмешан во апсењето на Берија (Хрушчов, Маленков и други) го опишал настанот поинаку од останатите. Никој никогаш не споменува каде точно е убиен и погребан Берија. Смртта на еден од најконтроверзните соработници на Сталин сè уште е прекриен со превезот на тајната. Дури и кога неговите поранешни колеги од советските тајни служби би ја знаеле вистината, никогаш не би ја обелодениле.
Извор: Архивa
За разлика од тајните служби на Хитлер во кои неколку единици се занимавале исклучиво со паранормални појави (Ahnenerbe), советската разузнавачка служба главно била скептична кон мистицизмот. Верувањата во натприродни појави се третирани како бесмислени, и згора на тоа, како антимарксистички. Од друга страна, имало и некакви исклучоци.
Еден од нив бил и Глеб Бокиј, агент на ЧЕКА и ОГПУ (различни називи на една иста советска тајна полиција) од 1921 до 1934 година. Покрај тоа што бил основач на системот на советските концентрациони логори, Бокиј исто така се интересирал и за паранормални појави и контактирал со мистичарите во специјалното одделение на ОГПУ со кое раководел.
Тој заедно со окултистот Александар Барченко дури и се обидел да организира советска експедиција на Тибет во потрага по легендарната земја Шамбала. Но, властите сметале дека ваквата експедиција е напразно трошење време и пари, така што се откажале од проектот. И Бокиј и Барченко се стрелани во чистките кон крајот на триесеттите години од минатиот век.
Оттогаш НКВД, КГБ и другите советски тајни служби негираат учество во што и да е поврзано со паранормални појави. Од друга страна, и во Русија, како и на други места, постојат луѓе кои веруваат во натприродни појави и се сигурни дека постојат затворени архиви преполни со информации за дојденци од други планети, древни мистерии и останати манифестации за „другата страна“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче