Колку заработуваа Гагарин и другите руски космонаути?

Андријан Николаев, Јуриј Гагарин, Павел Попович и Герман Титов, 1962 година

Андријан Николаев, Јуриј Гагарин, Павел Попович и Герман Титов, 1962 година

Александар Моклецов/Sputnik
Колку Советите го вреднуваа првиот лет на човекот во вселената? Дали е точно дека на советските космонаути им се даваше сè што им беше потребно за живот, вклучувајќи долна облека и машинка за бричење? И колку заработуваат космонаутите во Русија денес?

Финансирањето на вселенската сфера, вклучувајќи ги и платите на првите космонаути, во Советскиот Сојуз се чуваше во тајност. Но, денес точно знаеме колку добиваа луѓето за оваа ризична професија.

Покрај декласифицираните документи, зачувани се и дневниците на еден од раководителите на подготовката за вселенски летови, Николај Каманин, во кои тој не штеди на податоци за тоа кој колку добива. „Мајорот Гагарин, на пример, добива само сто рубли помалку од мене“, пишува тој. Колку тогаш добиваа Гагарин и другите?

Гагариновата награда

Платите на советските космонаути на почетокот на вселенската ера изнесуваа од 350 до 450 рубли месечно (додека просечната плата во СССР изнесуваше околу 80 рубли). Јуриј Гагарин, според дневникот на Николај Каманин „Скриената вселена“, со сите додатоци добивал 632 рубли месечно (во тоа време 575 долари месечно, односно 6,9 илјади долари годишно).

А за првиот лет на човекот во вселената доби премија од 15 илјади рубли, односно 187 просечни плати во СССР.

Исти примања имаа и другите космонаути од првата половина на 1960-тите: Герман Титов, Валентина Терешкова, Андријан Николаев, Владимир Комаров, Алексеј Леонов и други.

Јуриј Гагарин во својот стан 1966 година

Во тоа време космонаутите не беа само наградувани само со пари. За нивната херојска работа добиваа многу „подароци“. На пример, покрај исплатените пари, Гагарин доби и четирисобен стан, целосно наместен и опремен со најсовремена техника. Нему му беше наменет и автомобил „Волга“, кој во тоа време беше исклучително престижен. Само „Чајка“ беше попрестижна од него, но тој автомобил не се продаваше на приватни лица. Патем, од премијата за првиот лет, Гагарин можеше да си купи уште околу три „Волги“.

Јуриј Гагарин на бензинска пумпа, 1966.

Освен сето тоа, Гагарин на располагање доби и куќа за родителите. А покрај тоа: капут, костуми и шешири два кроја, по 6 кошули и вратоврски, 6 пара долна облека, по 2 пара чевли, ракавици и воени униформи, куфери и машинка за бричење. Сопругата, децата и родителите на космонаутите добиваа приближно исти такви комплети.

Гагарин купува фотоапарат „Кварц“, 1964.

Вистина, многу брзо овој великодушен начин на наградување се промени. Од 1967 година, со одлука на партијата беше воведено рангирање на премиите. Тие зависеа од сложеноста на летот. За обичен лет се добиваше премија од 2 илјади рубли, а летовите кои „решаваа нови задачи во освојувањето на космосот“ (лет околу Месечината, слетување на Месечината и сл.) носеа од 5 до 15 илјади рубли. Така, според висината на примањата, стана јасно дека летовите на космонаутите, кои некогаш беа херојски подвиг, со текот на времето станаа обична работа, иако ризична. Во 1975 година, космонаутот Георгиј Гречко за 30 дена лет со бродот „Сојуз-17“ доби 5 илјади рубли. Тоа е значително помалку од она што го доби Гагарин, но беше доволно за нова „Волга“.

Колку заработуваат космонаутите денес

Дали претходно сте ја виделе оваа фотографија? Таа веќе стана легендарна кога треба да се покаже колку Русите не сакаат да се смешкаат.

Или оваа?  

Кетрин Колман, Дмитриј Кондратјев и Паоло Несполи

Или, можеби, оваа?  

А можеби руските космонаути не се смешкаат, затоа што се платени значително помалку од нивните странски колеги? Тоа би можело да објасни многу нешта.

Денес, платата на руските космонаути сè уште се смета за ниска во споредба со платите на астронаутите на NASA или на Европската вселенска агенција. По враќањето од Меѓународната вселенска станица во 2019 година Олег Артемјев, руски тест-космонаут, изјави дека меѓу неговите колеги нема ниту еден кој ја избрал оваа работа заради парите. Ако ги погледнеме бројките, лесно е да се поверува во тоа: платата на рускиот космонаут се движи од 129 до 166 илјади рубли (во моментов од 1.600 до 2.000 долари). Притоа астронаутите на NASA заработуваат во просек од 8.000 до 9.000 долари, додека платите во Европската вселенска агенција се движат од 7.000 до 8.000 долари.

Но, како може еден космонаут да прима само 2.000 долари? Тоа навистина не е можно. Постои важна нијанса: платата на космонаутите во Русија не се формира како онаа на западните астронаути. Најголемиот дел е составен од додатоци, практично за сè по ред.

На пример, руските космонаути добиваат додаток за еден лет во вселената (од 55% до 120% од платата). Исто така е важно дали се работи за прв лет на космонаутот или тој веќе има неколку летови. Има и додатоци за годините поминати во работата, за научен степен, прекувремена работа, имање дополнителна специјалност, достигнувања, успеси итн. Ако при извршување на задача космонаутот постави светски рекорд во одредена област, тој добива сума од 50 негови плати.

Олег Артемјев зборуваше и за тоа дека космонаутите добиваат 400 долари за еден ден поминат во вселената (тој исто така истакна дека дневницата на американските астронаути е само 5 долари, додека нивната „земна“ плата е поголема).

Тоа значи дека за 4 месеци престој (што се смета за краток престој) на Меѓународната вселенска станица, космонаутот добива само 48.000 долари дневница. Тоа се плаќа за секојдневна, пропишана, може да се каже рутинска работа, предвидена со задачата за летање. Додека секоја работа надвор од тоа - како што е управувањето со спојувањето на бродот со станицата, качувањето и истоварувањето, излегувањето во отворена вселена - исто така се плаќа посебно.

Така што за само една експедиција, руски член на екипажот на Меѓународната вселенска станица може да заработи 9-10 милиони рубли (над 120.000 долари). А по враќањето на Земјата го очекува надоместок предвиден со договорот.

Вистина, повеќе не се добиваат автомобили, станови или викендички за лет во вселената, како што беше порано, во советската ера.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња