Зошто Русија испраќа толку малку жени во космосот?

Во музејот на космодромот Бајконур.

Во музејот на космодромот Бајконур.

Максим Блинов/Sputnik
За повеќе од половина век во космосот престојувале само пет Русинки. Дали жените во Русија навистина не сакаат да летаат во космосот?

„Нашите истражувања за изминатaта половина век, сега веќе и повеќе, покажуваат дека во таа смисла не постојат принципиелни разлики меѓу мажите и жените (во космосот), рече уште во 2014 година Анатолиј Григорјев, научен раководител на Институтот за медицинско-биолошки проблеми. Кон овој став се придржуваат речиси сите земји кои развиваат сопствени космички програми.

Сепак, сѐ уште сме мошне далеку од паритетот помеѓу мажите и жените во космичките летови. Жените во целиот свет сочинуваат само 11% од вкупниот број учесници во орбиталните летови, а и тие жени најголем дел се од САД, каде досега ги имало 53. Русија има испратено во космосот само пет жени за 61 година, откако постои пилотираната космонаутика. Тоа е малку, особено ако се има предвид дека моментално активниот одред на космонаути на Русија има само една жена, Ана Кикина, која е примена во одредот во 2012 година. Зошто ситуацијата е онаква каква што е?

По кој принцип се избира?

Пилот космонаут Валентина Терешков пред полетувањето.

Советскиот Сојуз беше првата земја која испрати жена во космосот. Тоа беше 25-годишната Валентина Терешкова. Таа во 1963 година 48 пати ја обиколи Земјата.

Првиот женски одред космонаути не се избираше само според психофизичките особености (Терешкова во оваа смисла беше зад останатите кандидатки за лет во космосот и беше „најлоша меѓу најдобрите“). Голема улога тогаш одигра нејзиното потекло, биографијата, членството во партијата и талентот за јавни настапи (за тоа како е избрана детално имаме пишувано тука). Според тоа, испраќањето жена во космосот во првиот период беше пред сѐ политичка задача.

Ова го потврдува и затишјето што следуваше и кое траеше 19 години. Валентина Терешкова беше првата, го постави светскиот рекорд што до денешен ден никој не може да го собори, односно изведе самостоен лет (подоцна никој не испраќаше космонаут-жена на самостоен лет, ами секогаш во состав на екипаж). Сепак, таа се чувствуваше лошо во текот на летот и правеше грешки, што беше повод за запирање на испраќањето жени во космосот.

Пилот-космонаутот на СССР-а, Херој на Совјетскиот Сојуз Светлана Савицкаја во отворен космос. Вселенскиот брод „Сојуз Т-12“ во лет.

Следна во космосот беше испратена Светлана Савицкаја, и тоа дури во 1982 година. Таа по образование беше инструктор по летање и пред полетувањето во орбитата постави три светски рекорди во скокови со падобран од стратосферата и 18 рекорди во летови со млазни авиони. Во космосот леташе двапати, а во својот втор лет во јули 1984 година, беше првата жена во светот која излезе во отворен космос.

Инженерот на лет Елена Кондакова минува испитна обука на симулатор на орбиталната станица „Мир“, 1 септември 1994 година.

Со ова не завршија рекордите на советските космонаутки. Следната беше Елена Кондакова, која по струка е инженер. Во текот на деведесеттите години од минатиот век учествуваше во две космички мисии, од кои едната траеше пет месеци. Потоа ниту една жена долго не минуваше толку време во орбитата. Потоа во 2014 година, по 17 години, на Меѓународната вселенска станица стапи Елена Серова, исто така инженер. Таа беше четвртата Русинка во космосот.

Членови на резервната посада на МКС-39/40, руските космонаути Елена Серова и Александар Самокујаев и американскиот астронаут Бери Вилмот на симулатор на транспортен брод.

Петтата и последна во овој момент е 37-годишната актерка Јулија Пересиљд. Нејзиниот „сноп“ светла коса во бестежинска состојба стана меме на Интернет. Пересиљд засега е единствената жена која до самото полетување немала никаква врска со космосот.

Космонаутот Антон Шкаплеров, глумицата Јулија Пересиљд и режисерот Клим Шипенко (од лева кон десно) на Меѓународната вселенска станица.

Своевремено поради кариерата морала да спие на железничка станица, а сега полета на Меѓународната вселенска станица кадешто глумеше во долгометражен игран филм снимен во космосот, прв од ваков вид во светот, многу порано од Том Круз.

Подготвувани повеќе одошто испратени

На почетокот, кога започнаа првите пилотирани летови, Советите и НАСА стравуваа од проблеми што може да ги предизвика женската физиологија. На пример, лекарите сериозно претпоставуваа дека за време на месечниот циклус во бестежинска состојба крвта може наместо нанадвор да тргне во внатрешноста, низ јајцеводите во абдоменот.

Малата Лена е првото дете на светот чии татко и мајка беа космонаути. Ќерката на Валентина Терешкова и Адријан Николаев, првиот космонаут кој учествуваше во воен експеримент во вселената.

Вториот момент што ги загрижуваше стручњаците беше влијанието на бестежинската состојба на репродуктивната функција на жената. Меѓутоа, по првиот лет стана јасно дека тоа воопшто не влијае врз потомството. Терешкова роди здрава ќерка една година по летот во космосот. Исто така и Савицкаја подоцна. Ниту стравувањата поврзани со месечниот циклус не се остварија. Сето тоа веќе тогаш ги убеди научниците дека жените во космосот по ниту една основа не се разликуваат од мажите.

Академик Анатолиј Григорјев вели дека во Советскиот Сојуз навистина малку жени имаат летано во космосот, но многу повеќе се подготвувани за летови. Валентин Глушко, тогашен генерален конструктор на Научно-производствената корпорација „Енергија“, имаше идеја да развива женска космонаутика и сакаше во космосот да испрати екипаж кој ќе биде составен само од жени. Поради тоа кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век цел одред жени-космонаути беше испратен на лекарски прегледи во Институтот за медицинско-биолошки проблеми. На крајот беа избрани четири. Сите тие беа лекарки: гастроентеролог, лекар по интензивна нега, ендокринолог и специјалист од областа на хормонската регулација. Беше планирано женскиот екипаж да се испрати во космосот кон средината осумдесеттите години од минатиот век. Светлана Савицкаја требаше да биде капетан на екипажот.

Светлана Савицкаја (во средината) на тренинг во бестежинска состојба.

„Но, девојките немаа среќа. На орбиталната станица се случи непијатност, се разболе Владимир Васјутин. Женскиот лет беше одложен, а во следните три-четри години оваа програма беше целосно затворена. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век повеќе не постоеше ни желба таа да се обнови“, вели Анатолиј Григорјев.

Затегната кадровска ситуација

Сепак, отсуството на жени во космосот дури и во 2019 година определени космонаути го оправдуваа со физиолошките разлики. За волја на вистината, сега слични изјави предизвикуваат само скандал, како во случајот со изјавата на космонаутот Сергеј Рјазански во емисијата „Едноставно за компликуваното“. Тој тогаш изјави: „Мажите имаат примитивна физиологија. Нашето ниво на хормони е стабилно. Никој нема намера лансирањето на ракета, излегувањето во отворен космос или вонредна ситуација да го прилагодува на женскиот месечен циклус“. За оваа изјава го осудија колегите, свртувајќи му го вниманието на фактот дека агенцијата НАСА сето тоа воопшто не го зема предвид и дека тие испраќаат во вселената голем број жени-астронаути. На сето тоа Рјазански понуди друго објаснување: Русинките не сакаат да летаат во космосот зашто се ориентирани на семејството.

„Момчињата постојано треба да бидат во некакви авантури, подвизи итн. Девојчињата се поблиски до земјата, нив ги интересираат семејството и децата“, рече Рјазански.

„Од физиолошка гледна точка не постојат препреки за летови на жените во космосот“, тврди Марк Белаковски, космички лекар и иницијатор на проектот „Марс-500“ (експеримент на симулација на лет на Марс). „Сметам дека постојат два момента поради кои Русинките не се појавуваат во екипажите на Меѓународната вселенска станица. Тоа се националниот менталитет и субјективната проценка“.

Елена Серова за време на подготовките за лет во космосот во Ѕвездениот град во близина на Москва.

Кога станува збор за националниот менталитет, станува збор веројатно за врежан став дека космонаутиката е област со која се занимаваат мажи. Космонаутот Елена Серова објаснува дека уште од советско време постои премолчана традиција според која определени професии се исклучиво машки. „Тоа започна уште од времето на војната (Втората светска), кога во голема мера се намали бројот на жители и на жените не им беше дозволено да работат машки работи за да се зачува нивното здравје. Ова се предрасуди кои, за жал, кај нас се вкоренети“, смета таа.

Покрај тоа, според мислењето на популаризаторот на космонаутиката Виталиј Егоров, постои уште една околност поради која на жените им е потешко да станат космонаути и да полетаат во космосот: „Во руската космонаутика не постои поделба на стандардите на машки и женски. Сите спортски натпреварувања, вклучувајќи ја и Олимпијадата, подразбираат таква поделба, но во овој случај немаме такво нешто. Дури и ако жената е здрава и образована. Ќе биде тешко да ги исполни нормите што се поставени според машките нормативи. НАСА исто така има исти норми за мажи и за жени (барем еден дел од нив е ист), но тие се израмнети според женското ниво“.

Членовите на главниот екипаж на транспортниот вселенски брод „Сојуз ТМА-14М“: космонаутите на Роскосмос Александар Самокујаев и Елена Серова на обука на космодромот Бајконур.

Причината е во конзервативноста на руската космонаутика, сметаат експертите. Според тоа, без разлика какви изјави дава раководителот на Роскосмос, факт е дека на пониските нивоа „сите сакаат да работат како што навикнале досега, односно со мажи“.

Ваквиот став доведе до „затегната кадровска ситуација“, како што ја окарактеризира комисијата на Роскосмос за прием на нови кандидати. Сега се прават обиди ваквата ситуација да се смени. На пример, во експериментот „Месечина-2015“ кој подразбира симулација на лет на Месечината, вклучен е екипаж од шест жени. Тие осум дена минаа во затворен простор. „Намерно избравме ваков екипаж за да го свртиме вниманието на важноста од летови на жени во космосот. Учесничките во експериментот тоа одлично го одработија и се покажаа добро. Подоцна некои од нив учествуваа и во експериментот SIRIUS-17 [Scientific International Research In Unique Terrestrial Station], а некои сега помагаат и во истражувањето со четиримесечна изолација“, изјави Марк Белаковски.

Учесничките во експериментот за имитација на обиколување на Месечината „Луна-2015“ Ана Кусмаул, Ина Носикова, Полина Кузнецова, Татјана Шигуева, Дарја Комисарова и Елена Лучицка (од лева кон десно).

Државната корпорација „Роскомос“ во 2019 година објави формирање одред на космонаути и отворено ги повика жените да учествуваат „поактивно“. „Би сакале да не правиме некакви вештачки баланси, ами сметаме на тоа дека младите жени во Русија можат лесно да ги исполнат истите оние тешки стандарди кои важат за сите космонаути, и со самото тоа да го избалансираат екипажот зашто тој стана премногу машки“, рече тогашниот генерален директор на Роскосмос Дмитриј Рогозин.

Меѓутоа, и по ова ситуацијата со девојките не се поправи. Од 2.200 претенденти, повик добија 64 кандидати, и меѓу нив девет жени. Ниту една не успеа да ги мине тестовите за физичка подготвеност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња