Лажни преведувачки парови: живот – живот

Ена Налбантиќ
Лажните преведувачки парови (или како што уште се нарекуваат лажните пријатели на преведувачот) се интересна тема не само за оние што се занимаваат со јазикот и со преводот, ами и за секој читател воопшто. „Руска реч на македонски“ почна да ги забележува најчестите лажни преведувачки парови во рускиот и во македонскиот јазик и за секој од нив ви раскажува одделно.

Зборот „живот“ влегува во групата на лажните преведувачки парови како апсолутен меѓујазичен хомоним (хомоними – зборови кои имаат иста форма, но различно значење). Во рускиот јазик постојат три значења на овој збор, од кои две се современи, а едно е архаично. Првото значење соодветствува на македонскиот збор „стомак“, односно „дел од телото кој се наоѓа над карлицата, а во кои се сместени органите за варење на храната [Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007]. Второто значење е делумно преносно и се однесува на желудник или црева/цревен систем.

Третото значење на зборот е карактеризирано како застарено и се употребува многу ретко. Толковните речници го објаснуваат како „живот на човекот“, при што се наведуваат примери од древната руска литература и библиски или црковни текстови кои се преведени од старословенскиот јазик.

Во македонскиот јазик лексемата „живот“ соодветствува на руската „жизнь“. Со неа се означува: 1. способноста на луѓето, животните и растенијата да растат, се развиваат, функционираат, и постојано се менуваат сè до смртта. 2. живи суштества и нивните активности. 3. времетраење на нечие постоење, или функционирање (на нешто). 4. жив човек. 5. активност на човек во дадена област. 6. начин на живеење; одреден аспект од тоа живеење. 7. нечија животна приказна, особено во пишана форма; биографија. 8. Енергија, живост [Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005].

Како што може да се забележи зборот „живот“ во рускиот и во македонскиот јазик имаат исто значење само во еден сегмент од првото наведено значење во македонскиот дел. Сега сигурно се прашувате како еден ист збор можел да произведе две различни значења. Старословенскиот збор „животъ“ го има истото значење како и во македонскиот. Во низа словенски јазици тој ја задржал истата форма. Така на пример во бугарскиот и во српскиот во живо́т, во словенечкиот živòt, во чешкиот život, словачки živôt, полски żywot, горнолужички žiwot.

Се претпоставува дека измената во рускиот јазик дошла поради разграничување на зборовите. Се сметало дека стомакот е всушност изворот на живото – според аналогијата во стомакот жените го носат новиот живот, а истовремено тој претставувал и главен орган, зашто за опстанок бил потребен полн стомак. Со историскиот развој на рускиот јазик доаѓа до фонетски промени (за повеќе информации: Г. П. Цыганенко Этимологический словарь Русского языка. Киев, 1989.; Н. М. Шанский, Т. А. Боброва. Школьный этимологический словарь русского языка. Москва: Дрофа, 2004.; Семёнов А.В. Этимологический словарь русского языка. Серия "Русский язык от А до Я". Издательство «ЮНВЕС». Москва, 2003 г.) при што зборот „живот“ го добива значењето на стомак, додека македонското значење на овој збор се означува со лексемата „жизнь“ (оттука и животно /мак./, животное /рус./).

Во врска со овој лажен преведувачки пар постои и една анегдота која се раскажува во македонија, а која датира од осумдесеттите години на минатиот век кога во Скопје допатувала делегација од Советскиот Сојуз. Еден член од делегацијата добил напад на желудникот и кога дошол лекарот му рекол „живот болит“ (ме боли стомакот). Тогаш лекарот прашал дали пациентот е во трезна состојба (а, тој воопшто и не консумирал алкохол зашто имал чир на желудникот) кога се наоѓа во депресивна состојба и се жали колку му е тежок животот. Откако се разбрале со помош на преведувач, човекот бил згрижен и заминал од Скопје во добра стостојба.

Ете, колку може да биде интересен „животниот пат“ на еден збор и како може да развие различни значења. А, можеби постои и некаква врска со тоа дека патот до срцето на секој маж е преку стомакот, а таму, според старите верувања, се наоѓа и самото срце?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња