Карикатура: Нијаз Карим.
Прва важна околност за нив беше што Европската заедница немаше капацитети ни да ги следи камо ли разрешува крвавите пост-југословенски последици. Потребна беше помош од преку океанот. Втората можност им ја пружи конфронтацијата која долго постоеше меѓу Србите и Албанците, кои станаа главен противник на Милошевиќ. На нивна карта заигра и Вашингтон и резултатот е познат – Косово е нова албанска држава. Трета шанса, за американска подлабока пенетрација во регионот, беше оспорувањето на името на Македонија. Тоа прашање беше на некој начин комплементарно и со американското фаворизирање на Албанците, како главен регионален стратегиски партнер, бидејќи неспорни беа и нивните аспирации кон дел од Македонија, каде се доминантно население.
Американскиот интерес за поголема улога на Балканот е инспириран и од фактот дека со распадот на СССР и на Варшавскиот пакт, опстанокот на НАТО беше, макар начелно, доведен во прашање. Ако веќе едниот пакт го нема, другиот нема raison d’etre. Така, меѓутоа, не мислеа и во Вашингтон. Напротив, таму сфатија дека Балканот уште долго ќе си остане “буре барут“ а тоа е можност за подолгорочен ангажман на алијансата.
Русија, после распадот на СССР, престана да ја игра својата балканска улога
Сето тоа беше возможно бидејќи Русија, после распадот на СССР, престана да ја игра својата балканска улога. Низ историјата, на еден или друг начин, Москва беше фактор во регионот. Повеќе пати тука војуваше, заклучно со финалните операции во Втората светска војна. Минималното учество во силите за одржување на мирот во Босна и кратката операција, сврзана со аеродромот во Приштина, не заслужуваат поголемо внимание. Потоа, Русија како да го загуби политичкиот интерес за регионот. Една од причините за таквиот однос веројатно е и доминантното американско присуство, кое може да води во меѓусебна конфронтација. Не треба да се заборава дека при инцидентот на приштинскиот аеродром, американскиот генерал Кларк нареди напад на руските сили што, за среќа, не беше прифатено од британските команданти.
Добро е што Русија ги проширува своите економски интереси на Балканот ама е важно и нејзиното политичко присуство. Тоа може да помогне за побалансирано средување на регионот. Голем дел од проблемите сè уште се тука. Грчко-турските односи, иако од време на време имаат знаци на подобрување, остануваат обременети со историско наследство кое ќе трае и ќе ескалира. Босанскиот лонец уште долго ќе крчка. Целосна стабилизација на Косово, кое останува надвор од системот на ООН, не е засега реална опција...
Еден од главните генератори на криза во регионот лесно може да биде оспорувањето на името на Македонија
Сепак, еден од главните генератори на криза во регионот лесно може да биде оспорувањето на името на Македонија. Тоа е сериозен и комплициран проблем зад кој се кријат пошироки аспирации и интереси. Откако Македонија се појави како целосно независна држава, повторно се отвори “Македонското прашање“ кое беше актуелно пред повеќе од еден век а, во времето на Југославија, се сметаше дека е – решено. Започна процес на негово целосно затворање, менаџиран од Вашингтон. Причина е македонскиот народ, неговиот национален идентитет, јазикот... Целта е тој да се обезличи со прекрстување.
Клучот на проблемот е што името е само покритие за разнебитување на македонскиот народ и негово бришење од светската листа на народи, заедно со се што е изворно македонско. Така е бидејќи името на државата е со папочна врвца поврзано со националниот идентитет на македонскиот народ, од кого државата и го добила името, е не од регионот.
Не само соседите, туку и Вашингтон, следен од Брисел, мора да сфатат дека - а) Македонци има, и тие се тука со векови; б) народот зборува македонски јазик, и со генерации е така; в) се пеат македонски песни, се раскажуваат македонски приказни, легенди, митови...г) Македонците имаат свои традиционални носии, обичаи... и сето било така од памтивек.
Само откако тоа ќе се разбере, може да се сфати позицијата на Македонија и нејзината борба за опстанок и на народот, и на државата. За Македонците, прашањето за името на државата е прашање да се биде, или не. Промена на името по автоматизам ќе доведе до промена и на националниот идентитет на народот а без Македонци, државата станува непотребна. Затоа, Македонија нема, ниту може да има втора опција, освен да издржи. Во никој случај, земјата не смее да попушти и да се прекрсти бидејќи тоа ќе значи почеток на нови војни на Балканот.
За да се постигне целта, земјата е уценета од Брисел, со паралелна блокада на нејзините евро-атлантски интеграции, се со цел да се прекрстат и државата, и народот
Политиката на Вашингтон, подржана од Брисел, за промена на името на државата, е нереална бидејќи значи – а) токму оспорување на Македонците како посебен народ; б) доведување во прашање на нивниот јазик; в) не признавање на нивната историја, култура... кои беа долго и сè уште се негирани од дел од нивните соседи. Ако не беше така, решението ќе беше можно и меѓу Скопје и Атина, и меѓу Скопје и Софија. Недоразбирањата ќе се надминеа. Залакот, меѓутоа, е многу поголем.
Ако за Вашингтон и Брисел, навистина проблем беше само името на државата и неговите евентуални “иредентистички претпоставки“ (отфрлени и од таканаречената “Бадентерова комисија“ на ЕУ), без оглед дали тоа, нели, симболизира некаков антички бренд, ќе се најдеше прифатливо решение. Ама, ако цената е да се жртвува целиот народ, со прекрстување, тоа не може да прифати никој нормален политичар во Македонија. А точно тоа се бара. И, за да се постигне целта, земјата е уценета од Брисел (прво името, потоа членство), со паралелна блокада на нејзините евро-атлантски интеграции, се со цел да се прекрстат и државата, и народот. Тоа е класично користење на сила, од страна на водечките западни “демократски држави“, за постигнување на политички цели.
Обидите да се оспори постоењето на Македонците, или да се тврди дека се тие измислица на Тито или на Коминтерната се апсурдни, неразбирливи и надвор од умот. Колку и да биле тие важни и моќни, сепак, не можеле да “креираат“ цел народ. Народот или постои, или не. Трето нема. А Македонците се тука – со векови. Само “слепите“ не ги гледаат, и “глувите“ не ги слушаат. Ги игнорираат само тие што размислуваат политички а не етногенетички. Сите други ги прифаќаат такви какви што се. Кон крајот од 1940-тите, пред смртта, дедото ни нагласуваше дека и татко му, и дедо му биле Македонци. Зашто би не лажел? Тој беше роден во 1867 година а дедо му најдоцна некаде околу 1820-тата. Пред 200 години. Со брат ми бевме мали, ама запаметивме.
И да не го разбираат сето ова Вашингтон и Брисел, а се им е јасно, начинот на кој ја третираат Македонија е историски срам. Зошто тие, кои секојдневно зборуваат за владеењето на правото, за демократија и слични марифети, не прифаќаат апсолутна вистина, каква што е постоењето на еден народ?
Русија направи голем исчекор со признавањето на Македонија под нејзиното историско име. Тоа е цврст столб во меѓусебното пријателство
Поради сето наведено, Македонија нема никаков маневарски простор да прифати било каква промена на името на државата. Тоа особено не го дозволува фактот дека Македонците се оспорувани веќе долго време како одвоен етнос. И за Македонија, и за регионот е најдобро тоа што поскоро да го разберат и Вашингтон и Брисел. Инаку, поради анализираните причини, и опишаните услови, проблемот останува непремостлив. Прекрстувањето ќе значи фрлање на Македонците на буништето од историјата.
Русија направи голем исчекор со признавањето на Македонија под нејзиното историско име. Тоа е цврст столб во меѓусебното пријателство. За Македонија е исклучително значајно ваквата, принципиелна руска политика и да продолжи понатака, и да зајакнува. Се работи за мал словенски народ од каде дошла писменоста за сите и Москва не смее да биде индиферентна.
Експериментите на Балканот започнаа со создавањето на Република Српска, продолжија со отцепувањето на Косово од Србија а сега, како изгледа, се концентрирани на – Македонија. Големи стратегиски грешки се веќе направени. За да се спречат нови, потребен е ангажман и на Москва.
Скопје, јули 2013
Текстовите во рубриката „Блогови“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче