Како руски палеоскулптор прави фигури на праисториски животни

Студия Дельвесто
Пред многу милиони години, на нашата земја шетале и летале необични листросауруси и иностранцевии. Можеме да дознаеме како изгледале благодарение на палеореконструкцијата.

Дали сте слушнале за листросаурусот Георг, на пример? Овој симпатичен тревопас е еден од ретките што го преживеале глобалното изумирање на видовите пред 250 милиони години.

Запознајте се. Ова е грабливец со остри песјаци. Долго време му втерувал страв во коски на животинскиот свет на Урал.

Вака пред 300 милиони години изгледал обичен жител на Пермскиот крај. Тоа е едафосаурус. Знаете ли зошто е изненаден? Се работи за тоа дека ниту тој, ниту листросаурусот, а камоли иностранцевија, никогаш не виделе двоножни суштества. А ние сепак можеме да ги видиме и тоа благодарение на палеореконструкцијата.

Палеоскулпторот Валентин Попов во своето студио „Делвесто“ создава толку реални и „емотивни“ фигури на изумрени животни што им е интересно на сите што ги набљудуваат, дури и на оние кои инаку не се заинтересирани за науката.

„Живи“ фигури

„Би сакал на секоја фигура да ѝ вдишам душа“, вели Валентин. По образование е биолог, завршил на Тамбовскиот државен универзитет, но не се пронашол во научната средина, туку во ликовната уметност. Валентин е основач на најпознатата работилница за палеокреконструкција во Русија „Делвесто“. Веројатно многу пати сте виделе реконструкции на древни луѓе и животни, но фигурите на Валентино се неверојатно динамични. Неговите следбеници на социјалните мрежи не престануваат да се восхитуваат: „како живо“, „небаре сега ќе потрча“, „колку внимание посветено на текстурата, браво!“

Основниот материјал за Валентин е силиконот, но сé зависи од фигурата. „На пример, голем гуштер со тврди крлушки би ги направил од цврст материјал. Кога треба да ставам влакно (обично природно), користам силикон. Добро ја имитира кожата, што може да се види на фотографиите. Сега почнав да учам 3Д моделирање. Планирам да ги цртам фигурите на компјутер, потоа да ги испечатам и да ги доработам“. За многу од фигурите Валентин нарачува 3Д модели на черепи од други мајстори.

Psittacosaurus sibiricus

„Во суштина, сè научив сам, само се обидував да се досетам како треба да работам. Кога пред 5 години почнав да се занимавам со ова, имаше малку достапни информации, а специјализираните курсеви беа многу скапи“, вели палеоскулпторот.

Synapsida Robertia, првото дело на Валентин Попов

„Имам некои тајни постапки како да ги направам животните да изгледаат како живи. За нашата човечка перцепција се важни мимикријата и динамиката. Дури и ако фигурата лежи или стои, таа мора да биде динамична“.

Загатките на пермскиот период

„Генерално правам суштества од различни епохи, но имам посебна наклонетост кон пермската фауна [пред 300-250 милиони години]. Ја има многу, но луѓето малку знаат за неа. Тоа е фауна која постоела многу пред диносаурусите. И многу е интересна“, вели Валентин. „Во Русија интензивно се развива палеоконструкцијата. За мене е важно жителите на Русија да дознаат повеќе за минатото на нашата земја и за животните што ја населувале во различни периоди“.

Nikkasaurus tatarinovi

„Секогаш проучувам научни извори кога се подготвувам да направам некој вид и се обидувам да се консултирам со стручњаци во областа“, вели Валентин. „Можеби за неколку години нашата претстава за еден вид ќе се промени и ќе ни изгледа поинаку. Има многу такви примери со реконструкцијата на диносаурусите. Ние ги следиме научните откритија“.

Предци на современите луѓе

Луѓето се појавиле релативно неодамна во историјата на нашата планета. Најстариот „вешт човек“ (Homo habilis) пред 2,8 милиони години. Додека „луѓето од современиот вид“ (Homo sapiens sapiens) се стари само 300 илјади години. Тоа е во контекст на историјата еден момент, но во тие 300 илјади години луѓето значително ги промениле својот изглед и однесувањето.

Неандерталецот е првата фигура на човек што ја направил Валентин. Тој го направил двојно помал (76 см), но, како и обично, фигурата ја осмислил со многу детали. „Во процесот на подготовката дознав“ – вели Валентин – „дека тие луѓе ја знаеле уметноста на шиењето. На повеќето места каде што живееле неандерталците било студено, било да е тоа Португалија или Алтај. Да не заборавиме дека тие живеат во леденото доба и дека едноставно не можеле да преживеат без топла, дебела облека“. За да ја направи оваа фигура, Валентин се консултирал со антропологот Станислав Дробишевски. Му било советувано да обрне внимание на облеката на современите северни народи, само да ја направи поробусна.  

Едно од најновите дела на Валентин е „човекот од Сунгир“ за приватна колекција. Сунгир е името на потокот што тече на периферијата на градот Владимир, каде што во средината на 1950-тите советските археолози пронајдоа живеалиште на древни луѓе. Ископувањата траеја 30 години, а она што е пронајдено и денес е предмет на проучување.

Вака отприлика изгледал човекот од Владимир пред 30 илјади години. Ловел ирваси и мамути и бил со прилично темен тен. Иако денес тоа е тешко да се замисли во средниот појас на Русија. „Еден ден можеби ќе направам целосна реконструкција на овој човек.

Тука се и митските суштества

Валентин не прави само праисториски суштества, туку и такви кои се непознати за науката. За изложбата во Гомељ, посветена на белоруските бајки, Валентин направи хохлик, лизун и бај. Изгледаат замислено и смирено, иако во фолклорот тоа се суштества кои ги плашат децата.

Според легендата, лизунот живее во бунар и може да лижне непослушно дете до крв.

Хохликот е ѓаволче, куќен дух што јури како виор и во куќата прави неред.

Додека бај шета по ѕидовите и ги успива децата со својата песна, за што од родителите добива каша и млеко.

За фотосесии на тема научна фантастика Валентин направи хуманоиди и разни вонземјани.

Покрај тоа, кога има вишок време, Валентин прави сувенири што може да ги собере во неговата дланка. На оваа фотографија можете да видите рабидосаурус, естеменозух, иностранцевија и скутосаурус.

Каде може да се види сето тоа?

До денес, Валентин има направено околу сто фигури на праисториски животни. Тие се претставени на бројни изложби.

Фигурите на студиото „Делвесто“ се дел од поставките во Музејот на историјата на универзумот во Подмосковје, центарот „Еволуција на Земјата“ во Новосибирск, Зоолошката галерија во Иркутск, Вјатскиот палеонтолошки музеј, а можат да се најдат и во приватни колекции.

Можете да ги видите и на палеонтолошки изложби во различни региони на Русија. Во моментов Валентин работи на сопствената изложба „Палеосфера“, која треба да се одржи по трет пат. Таму ќе бидат изложени и дела на други палеоуметници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња