Русија ќе потроши над 15 милијарди долари за светското првенство во фудбал

Извор: Константин Завражин / Росијскаја газета

Извор: Константин Завражин / Росијскаја газета

Русија ќе потроши за светското фудбалско првенство повеќе од 660 милијарди рубли (15,5 милијарди долари), изјави во вторникот претседателот на Русија Владимир Путин. Првиот човек на ФИФА Сеп Блатер, од своја страна, искажа безрезервна поддршка на руските напори откако увери дека сета загриженост во однос на бојкот на првенството од западните земји е неоснована.

На 28 октомври во Москва претседателот на Русија Владимир Путин одржа седница на надзорниот одбор на Автономната непрофитна организација (АНО) „Организационен  комитет „Русија-2018“, кој е одговорен за подготовката за светското првенство во фудбал кое за четири години ќе се одржи во Русија. На седницата зедоа учество клучните министри во руската влада, како и првиот човек на ФИФА Сеп Блатер. 

Милијарди долари и искуството од Сочи 

Гаспром-Арена – најскапиот фудбалски стадион во светот
Гаспром-Арена е новиот стадион на санктпетербуршки Зенит, на кој треба да се одржи полуфиналето на светскиот шампионат во фудбал во 2018, а кој се гради од 2007 година. На новата арена се потрошени 1.1 милијарда долари. Нашиот репортер се обиде да открие зошто овој стадион чини толку многу.

„Русија ќе обезбеди извршување на сите работи во определените рокови на највисоко ниво на квалитет“, изјави Путин.  Во скоро време, изјави тој, ќе биде пуштен во употреба специјален информативен портал за контрола на сите етапи на подготовка за првенството, сличен на оној кој самиот успешно се препорача во олимпиското Сочи.  „Сите корисни претходни подготовки, идеи, најдобри практики треба во целосна мера да се искористат и при подготовката за светското првенство. Ова се однесува на логистиката, учеството на волонтери, продажбата на билетите, приемот на спортистите и гостите“, рече претседателот Путин. 

Подготовката за одржување на првенството, според зборовите на претседателот Путин, ќе чини 664 милијарди рубли (над 15,5 милијарди американски долари). Во прв ред тие ќе бидат наменети за развој на енергетската, информативната и транспортната инфраструктура. Според зборовите на министерот за транспорт на Русија Максим Соколов, навивачите ќе можат бесплатно да патуваат меѓу градовите во кои се одржуваат натпреварите, едноставно со покажување на билетот за натпреварот. „Меѓу градовите-учесници тие ќе можат да патуваат со железничкиот транспорт по покажување на билетот за меч. Ние имаме такво искуство со железницата. Ова ќе бара околу 2 милијарди рубли (47 милиони американски долари) во субвенции“, изјави Соколов. 

Претседателот на Русија исто така истакна дека регионалните власти уште сега треба да размислат за трошоците поврзани со користењето на „наследството“ од светското првенство. „Потребно е раководителите на регионите претходно да размислат и во своите буџети за 2019 година да ја пресметаат поддршката за јуниорските спортски екипи, младинските спортски екипи кои ќе ги користат терените што ќе бидат изградени за првенството“, изјави Владимир Путин.

„Невозможно е да се бојкотира фудбалот“ 

Првиот човек на ФИФА, од своја страна, ја искажа целосната поддршка за плановите на Русија, а исто така ги коментираше и повиците на низа политичари од западните земји да се бојкотира светското првенство или целосно да ѝ се одземат на Русија правата за негово одржување. 

Воопшто, невозможно е да се бојкотира фудбалот“, изјави Сеп Блатер. - ФИФА цврсто останува на ставот тоа првенство да се одржи во Русија. Тоа е заеднички потфат и не е само за народот на Русија, туку за целиот свет, ова е најголемото шоу на светот. Фудбалот ги обединува луѓето, а не ги разединува.“ 

Светското првенство во фудбал 2018 года ќе се одржи во 11 руски градови на 12 стадиони, од кои три - „Откритие Арената“ во Москва, „Казањ-Арената“ и олимпискиот стадион „Фишт“ во Сочи се веќе готови. Финалниот меч се планира да се одржи на московскиот стадион „Лужники“ кој сега се наоѓа под реконструкција. Претседателот Путин и првиот човек на ФИФА Блатер ја посетија легендарната арена во придружба на градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин. Собјанин му се заблагодари на Блатер за тоа што успеа да го зачува историскиот облик на „Лужники“. „Но, внатре сè ќе биде суперново, суперсовремено,“ потврди тој. „Сè ќе биде на време, ова ќе биде еден од најдобрите стадиони на светот“, убеден е градоначалникот. 

Министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко, од своја страна, смета дека најважниот проблем на Русија при подготовката на мундијалот е недостатокот од хотели. „Во повеќето градови-организатори засега се забележува сериозен дефицит на сместувачки капацитети, изјави министерот за спорт. – Сметаме дека Русија во текот на првенството ќе ја посетат повеќе туристи од 700 илјади колку што ги имаше на првенството 2014 година во Бразил“.

Според материјали од Комерсант и Росијскаја газета.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња