Толстој живее 82 години и го „фаќа“ преминот од XIX во XX век, почетокот на ерата на индустријализација и техничкиот напредок. За време на неговиот живот се појавуваат железницата, фотографијата, филмот, уредите за снимање и репродукција на звук, машините за пишување и, конечно, струјата. Тој успева да ги тестира сите овие откритија. И до какви заклучоци доаѓа?
Толстој е практично врсник на овој изум и со голем интерес ги стекнува своите први фотографски искуства. Таткото на руската фотографија Сергеј Левицки ги прави првите фотографии на Лав Толстој на хартија во 1856 година. Овде, писателот, сè уште млад, е фотографиран сам и во друштво на останатите автори на списанието „Современик“ - Иван Тургенев, Иван Гончаров, Александар Островски и други.
Подоцна, Толстој ги посетува фотографските ателјеа и прави свечени портрети. Тоа биле, во извесна смисла, првите „визит-карти“. Дури и ги приложува со писмата и така разменува фотографии со своите пријатели, на пример, со Александар Херцен. Фотографијата подолу е направена од фотографот Жерузе 1861 година во Брисел.
Во 1862 година Толстој го прави својот прв автопортрет. За ова „селфи“ тој впрегнува два коња за да го влечат огромниот и тежок фотоапарат. На фотографијата останува записот на неговата сопруга Софија Андреевна: „Се сликаше самиот себе“.
Фотографијата станува еден вид опсесија за Толстој. Денес не постои друга слична писателска архива која би можела да се пофали со толку многу фотографии. За тоа во голема мера придонесува сопругата на Толстој, Софија Андреевна. Таа била многу посветена на фотографијата, работела на неа повеќе од 20 години и сама ги развивала филмовите.
И пријателот на Толстој, Владимир Чертков, исто така прави цела серија психолошки портрети. На нив можат да се согледаат чувствата на писателот.
Ова се некои од последните фотографии на Толстој, направени 1910 година.
Со текот на времето интересот се намалува и се појавува одбојност. Во 1903 година Толстој му пишува на својот пријател Стасов дека му е „ужасно непријатно“ да им позира на фотографите. Тој во тоа бележење на самиот себеси на фотографска лента гледа нешто штетно, нешто што ја поттикнува суетата и приземните чувства.
Кога на преминот на XIX и XX век во Русија почнува да се развива фотографијата, многу фотографи тежнеат да ги овековечат историските сцени. Лав Толстој секако е една од најтипичните „глетки“ на своето време. На фотографијата подолу има интересна сцена „Нападот на фотографите “, каде може да се види како фотографите стојат во ред за да го фотографираат познатиот писател.
Сергеј Прокудин-Горски, рускиот пионер на фотографијата во боја, патува по цела Русија фотографирајќи згради, храмови и луѓе. Наминува и кај Толстој како голема руска знаменитост. Така настанува единствената фотографија на Толстој во боја.
Покрај фотографиите, зачувани се и филмски кадри на кои е забележан Лав Толстој во последните години од неговиот живот. Многу снимки се направени во Јасна Полјана, каде писателот е снимен како шета по имотот, во кругот на семејството и со ќерките и децата од селото.
На снимките се гледа колку Толстој бил популарен. Огромна толпа луѓе го пречекува на станицата кога пристигнува во Москва. Поклониците го пречекуваат и пред капијата на неговата куќа во Москва. Каде и да отиде, многу луѓе се собираат да го видат.
Рускиот писател високо ја оценува моќта на видео-снимките: „Ах, да можев да ги видам татко ми и мајка ми како што се гледам себеси сега!“, вели тој. Подоцна, во интервју за весникот „Вечерен Петербург“ истакнува дека „интересно е да се видиш самиот себеси речиси како жив: како човек да се подвојува“.
Писателот на „Војна и мир“ се грижил и за моралната компонента на напредокот. Тој доаѓа до заклучок дека техничкиот развој е неопходен, но само ако служи за благосостојбата на човештвото. „Кога човечкиот живот е неморален и кога односите меѓу луѓето не се засновани на љубов, туку на егоизам, тогаш сите технички усовршувања и зголемување на човечката моќ над природата: пареата, струјата, телеграфот, секаквите машини, барутот, динамитот - сето тоа остава впечаток на опасни играчки кои им се дадени на деца в раце“, пишува Толстој во својот дневник 1903 година.
„Штотуку разговарав на телефон со Л. Толстој“, ѝ пишува Чехов на сопругата во 1901 година. Писателот Максим Горки во тоа време е кај Толстој и е сведок на тој разговор. Тој пишува дека Толстој тогаш ентузијастички викнал во слушалката: „Денес ми е толку убав денот, толку сум среќен што би сакал и вие да бидете радосни. Особено вие. Многу сте добри, многу!“
Толстој од крајот на XIX век исто така многу го користи и телеграфот. Не испраќа често телеграми, за разлика од неговата сопруга, но добива безброј телеграми од различни делови на земјата.
Рускиот писател е загрижен за моралната страна на таквата иновација, како што е телеграфот, и за социјалната нееднаквост. „Зборуваме за прогресот на електричните телеграфи. Очигледно користа и примената на телеграфот е наменета само за повисоката, таканаречена образована класа. Народот, 9/10, може само да слуша како зујат жиците...“, пишува Толстој во статијата „Прогресот и дефиницијата на образованието“.
Додека гледа филмови, Толстој се жали дека му недостасува звукот за поцелосна слика и поблизок приказ на реалноста. Тој не доживува до звучниот филм, но има искуство со фонографот и грамофонот.
Фонограф (долу лево) во кабинетот на Толстој.
Државен музеј „Л. Н. Толстој“Во 1908 година пронаоѓачот Томас Едисон му праќа на Толстој фонограф како подарок. Писателот тогаш почнува со задоволство да диктира кратки мисли и писма. На почетокот снима сé по ред, но подоцна сфаќа дека не треба да претерува со таа иновација и решава да бележи само мудри мисли. Во есента 1909 година претставниците на фирмата Graphophone го снимаат гласот на Толстој на руски, англиски, француски и германски јазик.
Толстој го снима и своето читање бајки за деца. Тие снимки може да се слушаат на веб-сајтот tolstoy.ru.
Добра позната е и снимката од обраќањето на писателот до селските деца во училиштето во Јаснополјанското училиште кое самиот го организира.
Грамофонот му е донесен на Толстој во Јасна Полјана уште порано, во 1903 година. Лео Николаевич многу ја сака музиката. Во неговата куќа секогаш се свирело клавир, а покрај тоа, со задоволство слуша балалајка и цигански песни. На грамофонот има можност да ги слушне Бетовен, Шопен, Чајковски, арии од опери и виолинско трио. Според сеќавањата на присутните, тој долго се муртел и правел „хм“, но кога почнала песната за играта „По калдрма“, очите му светнале, ногата му се мрднала во ритамот на музиката и рекол : „Види го ти тоа!"
Не случајно возот стана „херој“ на романот „Ана Каренина“. Најважните сцени т.е. средбата на Ана со Вронски и нејзиното самоубиство се поврзани токму со железницата. Така Толстој ја оценува оваа новина: да, тоа е прогрес и комфор, но е и убиствена алатка. Уште на почетокот на романот, случаен лик умира под тркалата на воз. Патем, Толстој ја позајмува епизодата со самоубиството на Ана од реалниот живот. Имено, девојка која живеела во близина на Јасна Полјана се фрлила под воз, а тој настан длабоко го потресува писателот.
Толстој не е рамнодушен кон човечката смрт под влијание на напредокот или вина на напредокот. „Електричното осветлување е прекрасно, телефоните <...>, ама сето тоа нека е проклето, и не само тоа, туку и железничките пруги и целата фабричка жица и сукно на светот, ако заради нивно производство е потребно 99/100 луѓе да бидат во ропство и илјадници луѓе да умираат на својата работа“, пишува тој во статијата „Ропство на нашето време“.
Главната животна и филозофска концепција на Лав Толстој и неговите поддржувачи е „непротивење на злото со насилство“. Прашањата на насилството најмногу го загрижуваат познатиот писател и затоа, со сиот негов интерес за напредокот и техничките иновации, тој смета дека животот на само еден човек е повреден од целата струја и од сите други најнови придобивки на цивилизацијата.
Поради сплет на околностите, и самиот Толстој умира во близина на железничка пруга. Тој бега од дома со воз, но по пат тешко се разболува. Последните денови ги поминува во несвесна состојба во куќата на управителот на станицата на малата преодна станица Астапово.
Овде дознајте повеќе за тоа како Толстој ги поминува последните денови од својот живот.
Изложбата „Толстој и прогрес“ ќе биде отворена во Државниот музеј „Л. Н. Толстој“ во Москва до 14 август 2022 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче