Македонија го доби својот прв Руски центар

Денес, 11.1.2016, во 11 часот беше отворен Рускиот центар кој започнува да работи во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. „Руска реч на македонски“ присуствуваше на настанот и ви ги пренесува најважните моменти од отворањето.

По двегодишни подготовки во Скопје беше отворен Рускиот центар кој од денес започна да функционира во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.Основач на Рускиот центар е универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Центарот се формира на иницијатива на амбасадата на Руската Федерација во соработка со непрофитниот субјект „Фондација Руски мир“, основана од претседателот на Руската Федерација на 21 јуни 2007 година и регистрирана во Руската Федерација. Рускиот центар е четврти во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по италијанскиот, турскиот и кинескиот.

На отворањето беа присутни голем број гости. Меѓу нив беа и архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан, министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска, амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак, академици, претставници на научната јавност, како и љубители на рускиот јазик, литература и култура и пријатели на Руската Федерација.

Настанот го отвори ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р Велимир Стојковски кој го потенцираше значењето на постоењето на Центарот. „Рускиот јазик е јазик на кој говорат 150 милиони Руси во Руската федерација, како и големите руски заедници во многу земји од Европа и од светот. Тоа е јазик на науката, техниката и уметноста. Јазик на кој твореле Ломоносов, Менделеев, Павлов, јазик на кој пишувале Толстој, Достоевски, Пушкин, јазик на големиот Чајковски, Прокофјев, Рахманинов. Рускиот јазик е јазик на големиот руски народ чија култура и достигнувања имаат огромно значење и се вградени во светската цивилизација“, истакна ректорот на УКИМ.

Рускиот центар е опремен со голема и богата библиотека во која освен белетристика има и стручна и научна литература, енциклопедиски изданија, како и прирачници од различни области. Исто така постои и богат фонд играни, сериски и документарни филмови, аудиовизуелни материјали, музички дискови, а за нив постои и посебно опремен аудиовизуелен кабинет со најсовремена технологија. Центарот располага и со две училници за изучување на рускиот јазик, сала за конференции, како и голем и светла галерија за изложби и други мултимедијални проекти.

Сиве овие предуслови значат и сериозни проекти, за кои говореше амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, н.е. Олег Николаевич Шчербак. „Верувам дека центарот ќе им помогне на македонските граѓани, особено на младите луѓе, подобро да се запознаат и да ги сфатат минатото и сегашноста на Русија, нејзините повеќевековни духовни корени и традиционални вредности кои многу се битни за нашите народи и денес“, потенцираше амбасадорот.

Од своја страна министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска потенцираше дека Руската Федерација е голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач на Република Македонија. „Наскоро ќе ја потпишеме и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот за периодот 2016-2019 година во чиишто рамки планираме реализација на повеќе комплексни активности, заеднички програми и проекти кои ќе бидат наш придонес во градењето на патот на заемното македонско-руското културно пријателство“, додае министерката.

Голем број од гостите на отворањето ја дадоа својата безрезервна поддршка за Центарот и нагласија дека се подготвени за помош и за соработка со оваа новоотворена институција. Рускиот центар е отворен за посетители секој работен ден од 10 до 15 часот, а е лоциран на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов’’ бр.28, локал 27, трети кат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња