Запознавањето со Лев Толстој руските деца обично го започнуваат имено со ова дело. „Детство“ е дел од биографската трилогија и е еден од првите обиди за анализа на чувствата и мислите, за пронаоѓање на нивниот карактер. Авторот внимателно го следи својот јунак, малиот Николај (а, всушност себеси) во преодниот период на неговиот живот. Таткото ќе го однесе момчето од родната куќа во Москва и ќе го одвои од саканата мајка, која е олицетворение на чистотата и удобноста. Кога подоцна таа ќе почине завршува и среќното детство на главниот јунак. Толстој детално ја преиспитува огорченоста, срамежливоста, срамот, возбудата, со еден збор сето она што го доживува момчето.
Набљудувајќи го најпознатиот портрет на Толстој со седа брада, тешко е да го замислите како млад офицер во полна сила. Сепак, факт е дека писателот неколку години има служено на Кавказ, а за време на Кримската војна која се водела од 1853 до 1856 година има поминато речиси една година во Севастопољ, каде командувал со батерија. Тоа за него било тешко време, а стравотиите од војната нашле важно место во „Севастопољските раскази“. Првата од трите приказни била објавена во екот на војната и е одлично примена кај читателската публика која била желна за какви било известувања од фронтот. Во принцип тоа било првото реалистичко книжевно остварување за војната.
Толстој е едноставно незамислив без својот главен роман „Војна и мир“ кој неговата сопруга Софија Андреевна го има препишувано на рака неколку пати, внесувајќи безброј измени. Во „Војна и мир“ наидуваме на описи на воените настани, но и на нивната рефлексија врз животите на неколку генерации. Толстој ги има доловено Москва и Петербург и судбините на цели благороднички семејства, носејќи притоа маестрални психолошки портрети на најразлични јунаци. Со ист успех проникнал и во психата и во карактерот на младата Наташа Ростова и на стариот кнез Болконски, па дури и на Наполеон. Војната против Французите од 1812 година токму така и се доживува, низ призмата на делото на Толстој. Писателот првобитно имал намера да напише роман за декабристите, но, трагајќи по примери од востанието од 1825 година дошол до оваа војна и решил да истражи како таа направила пресврт во судбината на Русија.
Најголемиот руски поет Александар Пушкин има поема „Кавкаскиот заробеник“, а расказот на Толстој е напишан 50 години подоцна и без сомнение упатува на Пушкин. Двајца руски офицери се заробени од горјани, по грешка еден од кои кој не го покрил својот колега, се дал во бегство. Главниот јунак на сите начини се обидува да избега од ропството, а во тоа му помага ќерката на горјанинот во чијашто шупа го држат. Во Русија се смета за четиво за деца и за тинејџери, за приказна за војната, за честа и чесноста, за достоинството. Расказот има доживеано бројни изданија и екранизации, меѓу кои и филмот на Сергеј Бодров постариот од 1996 година, каде дејствието е пренесено во деведесеттите години од минатиот век и Чеченската војна.
Почитувачите на делото на Толстој најчесто се делат на оние што го сакаат „Војна и мир“ и оние што ја сакаат „Ана Каренина“. Уште еден по обем импресивен роман кој, меѓутоа, не опфаќа толку широк материјал. Толстој овој пат се фокусира на карактерот на среќата и на несреќата на семејниот живот. Обземен со оваа тема писателот се обидува да одговори на бројни морални прашања. Може ли да се остави детето поради саканиот човек и може ли да се прости прељубата поради среќата на детето. Покрај тоа, во романот постои јунак во кој може да се препознае самиот Толстој. Тоа е Константин Левин кој го напушта животот во високото општество и заедно со селаните ора земја.
„Смртта на Иван Илич“ зазема важно место во руската литература. Романот на Толстој претставува есенцијални размислувања на рускиот човек за смртта и обид да ѝ се погледне директно во лицето. Писателот детално го опишува умирањето на Иван Илич и на крајот, во последните моменти, пред самиот крај, излегува дека смртта повеќе ја нема. Како што, меѓутоа, го нема ни животот.
Овој мал по обем расказ предизвика неверојатно бурна реакција во општеството, беше омилена кај младината, а извесно време од страна на царската цензура беше забранета за издавање. Во ова доцно остварување на рускиот писател, еден маж во напад на љубомора ја убива својата жена. Потоа тој е ослободен, а неколку години подоцна, зборувајќи за овој настан на еден случаен сопатник во возот размислува за тоа како целокупното општество е расипанo. Згрозен од фактот за тоа дека девојките од својата рана младост ги учат да бидат добри сопруги и да им угодуваат на сопрузите, а кога станува збор за момчињата разузданоста пред бракот се смета за нормална. Толстој го транспонира сопственото разочарување во институцијата брак и неговата криза. Тој притоа повикува на откажување од сето телесно, а мисијата на жената ја гледа токму во раѓањето деца и грижата за потомството.
Последниот роман на Толстој кој писателот го смета за свое најдобро остварување. Ова е приказна за искупувањето на некогашниот разуздан офицер кој ја завел невината слугинка на својата тетка и на која ѝ оставил пари без проштевање и повторни заминал на служба. За него тоа била само епизода, а животот на девојката е, всушност, уништен. Таа останува бремена и е принудена да си замине и да се снаоѓа во животот. На крајот се среќаваат на суд. Тој во улога на поротник, а таа како обвинета за убиство. Откако ја слушнал нејзината страшна приказна, поранешниот офицер доживува неверојатен внатрешен пресврт. Тој тргнува по девојката која заминува на издржување на затворската казна со цел да ѝ го олесни постоењето. Романот ги рефлектира духовните талкања на самиот Толстој.
Толстој повторно се врти кон кавкаската тема и ја базира приказната на реален настан кој го заинтересирал четириесет години претходно, кога служел на Кавказ. Хаџи Мурат, десна рака на водачот на горјаните имамот Шамил преминува на страната на руската армија. Командниот кадар на војската го прифаќа како драг гостин. Хаџи Мурат на Русите им ветува дека на нивна страна ќе го преведе цел Дагестан доколку му помогнат да го ослободат семејството што Шамил го заробил. Но, во преданоста на пребегнувањето малкумина веруваат...
Во осумдесеттите години од деветнаесеттиот век Толстој доживува сериозен духовен пресврт, преиспитувајќи го својот однос кон верата и кон моралот. Во „Отец Сергије“ тој го опишува речиси примерниот духовен пат што човек може да го трасира. Страсниот млад офицер Степан ја раскинува свршувачката со преубавата свршеница откако дознава дека таа му била љубовница на императорот на кој и самиот тој му се восхитувал. Степан заминува во манастир каде станува праведник, отец Сергије. Меѓутоа, ниту во манастирот не успева да ја пронајде вистинската вера, а аџиите го одвраќаат од праведниот начин на живот, па го напушта братството и талка, барајќи го својот пат во работењето и грижата за болните. Толстој внимателно го следи психолошкиот портрет на јунакот во сите фази од неговиот пат.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче