Зошто Лев Толстој, татко на тринаесет деца, мразел секс?

P. Mokienko/MAMM/MDF
Рускиот писател истовремено бил голем проповедник на моралот и голем љубител на жените. Со текот на времето ги отфрлил телесните врски и бракот, за пред смртта да избега од својата жена.

Лев Толстој бил оригинална и контроверзна личност. Десетина љубовни афери во неговата биографија се преплетуваат со проповедање морал, чедност и семејни вредности. Можеби со своите моралистички сентенции се обидувал да ги искупи сопствените гревови?

Срам и блуд

„Кога моите браќа за првпат ме одведоа во јавна куќа го извршив тој чин, а потоа стоев покрај креветот на таа жена и плачев“, вака подоцна Толстој го опишува својот прв секс. Имал само 16 години.

Лев Толстој, 1848 година

Првото романтично чувство и телесна привлечност кон лице од женски пол почувствувал кога имал 13 години. Тоа е исто така опишано во неговиот дневник: „Едно силно чувство, слично на љубов, почувствував кога имав само 13 или 14 години. Не сакам да верувам дека тоа беше љубов, зашто стануваше збор за една полничка собарка (за волја на вистината имаше мошне привлечно лице), а освен тоа периодот од 13 до 15 години за момчињата е најнезгоден: не знаеш на што да се фрлиш, а сладострастието во тој период дејствува необично силно“.

Идниот писател започнал да води дневник на 18 години, кога се нашол во болница поради венерична болест. Ова за него бил голем потрес и затоа му требало да се собере и да ги среди своите чувства. За волја на вистината, ниту болеста не можела да ја сузбие неговата желба за телесни уживања. Тој во дневникот често пишува за сладострастие и размислува за сопствената похота.

Толстој учествувал во Кримската војна и имал 26 години кога неговиот корпус во 1854 година привремено отседнал во Букурешт. Во дневникот тогаш со негодување напишал дека се „расипал“: „Во повеќе наврати спиев со жени, лажев, ја покажував својата суета и, што е најстрашно, под непријателскиот оган не се однесував онака како што очекував од себе“.

Младиот писател Лев Николаевич Толстој. Репродукција на фотографија од 1856 година.

Неколку години подоцна тој заминува на својот имот во Јаснаја Пољана и таму, страдајќи од безделништво, пишува како секојдневно го мачат сладострасни желби и како поради сето тоа се чувствува одвратно. „Одлучив за овие два месеци да најдам љубовница, каде и да е и како и да е“, „чувствувам ужасна похота која предизвикува дури и физичка болка“, „Се шетав низ градината. Мошне убава и згодна селанка. Неподносливо сум одвратен со таа немоќ на тежнеењето кон порок. Подобро би било јас да сум порок“.

Судејќи според дневникот на писателот, може да се дојде до заклучок дека Толстој бил неверојатен заводник. Многумина истражувачи изведуваат таков заклучок и шират гласови за големиот број деца родени во незаконските интимни врски на Толстој со селанки (а, всушност се знае само за едно дете). Од друга страна, таквиот разуздан живот со посети на јавни куќи бил вообичаен за младите аристократи во тоа време. Напротив, необично било некој да обрнува внимание на тоа, толку да се потресува и да се прекорува себеси.

Борба со похотата

Софија Берс, 1862 година

Познатиот руски писател постојано го преиспитувал својот став кон телесните уживања и самиот себеси си пропишувал каков треба да стане како човек. На пример, во 1855 година го напишал следново: „Човек главно тежнее кон духовниот живот, а за достигнување на духовните цели потребна е положба во која задоволувањето на телесната привлечност не противречи кон задоволување на духовните стремежи или да се поклопува со нив <...> Значи, еве го моето ново правило, покрај оние кои одамна си ги поставив себеси: треба да се биде работлив, разборит и скромен“.

Толстој се трудел да ја потисне похотата и за таа цел одлучил постојано да се занимава со нешто. Од 1856 година бара девојка со која ќе се ожени и на тој начин ќе го прекине разузданиот живот. Меѓутоа, не успева да воспостави вистинска врска со нити една кандидатка од аристократските кругови. Дури шест години подоцна 34-годишниот Толстој конечно ја запознава 18-годишната Софија Бес, и таа му „одговара“.

Пред свадбата се обидува да ја „исчисти совеста“ и ѝ го покажува на младата невеста својот дневник зашто не сака во нивните односи да има какви било тајни. Се заколнува дека нема да ја изневерува. Софија пролева многу солзи читајќи ги описите на неговите авантури, но се согласува да се омажи. Веднаш по венчавката Толстој заминува со сопругата во Јаснаја Пољана.

Среќен или несреќен брак

Грофот Лев Толстој (1828-1910), руски писател и филозоф, во својата градина со својата сопруга Софија, околу 1906 година.

Лев Толстој не бил само моралист, ами и фаталист. Се смета дека кон својата сопруга се однесувал како вистински тиранин. Имено, трудејќи се да не го „разгневи Бога“ тој ја принудил својата сопруга да роди тринаесет деца едно по друго.

Познат е случајот кога Софија имала гноен оток. Лекарот по прегледот препорачал операција, но Толстој долго се мислел, сметајќи дека „не смее да се против на волјата Божја“, дури и ако неговата сопруга почине.

И покрај сето тоа, Софија го сакала својот сопруг и му била безрезервно посветена, му помагала во сите работи (управувала со целиот имот во Јаснаја Пољана), ги одгледувала децата и го одржувала домаќинството. Неколку пати со своја рака го препишувала целиот „Војна и мир“.

Толстој сметал дека местото на жената е во семејството. Како пример може да послужи судбината на Наташа Ростова која ја нашла среќата во децата, а исто така и Кити Шчербацкаја во „Ана Каренина“ која се препородила кога станала мајка. Меѓу другото, сите знаеме што ѝ направи Толстој на Ана Каренина зашто го изневерила семејството и потонала во страстите, заборавајќи го својот син.

Отфрлање на сексот

Во текот на осумдесеттите години од 19 век Толстој доживува духовен пресврт и целосно ги менува своите погледи на светот. Сега сака целосно да се откаже од сето она што го има и од авторските права на своите литературни дела. Исто така го менува и ставот кон бракот. Претходно во неговите дела семејството било на прво место, а сега настапува целосно разочарување во бракот. Овие свои нови мисли писателот ги изнесува во делото „Крајцерова соната“.

Филмот „Крајцерова соната“ (1987), Софија Миљкина и Михаил Швејцер.

Во својата приказна тој зборува за презрената природа на човечките страсти, за тоа како човекот не може да се избори со похотата и со разорната сила на љубомората. Главниот јунак во младоста води раскалашен живот, исто како и писателот. Тврди дека жените се создадени само за да ги возбудуваат мажите. Во напад на љубомора ја убива својата невина жена.

Во тоа време Толстој не е само познат писател, ами е во некоја смисла и духовен водач. Читателите го „голтаат“ секое негово дело, и секое негово дело има огромно влијание. Поради тоа царската цензура ја забранува „Крајцерова соната“ по нејзиното објавување. Научникот Павел Басински, кој го проучува Толстој, пишува: „Откако ја прочитаа 'Крајцерова соната' младите луѓе го отфрлија бракот и раѓањето потомство, поаѓајќи од тоа дека семејството се темели на нечист полов инстинкт“.

Во овој период писателот не го доживува сексуалното задоволство како младешка лудорија, ами како сериозна зависност. „Блудник не е навредлив збор, ами состојба (мислам дека истото важи и за блудница), состојба на немир, љубопитност и потреба за нешто ново. Таквата состојба исчезнува кога човек поради задоволство не општи со една, ами со многу жени. Тој може да се воздржи, како и пијаницата. Но, пијаницата е пијаница, и блудникот е блудник – штом му попушти вниманието, тој доживува пад“, пишува Толстој во дневникот, а потоа признава: „Јас сум блудник“.

Додека работел на „Крајцерова соната“, Толстој добивал брошури од „шејкери“, американска верска организација која проповеда воздржување. Тогаш му напишал на својот пријател Владимир Чертков дека „шејкерите“ го зацврстиле неговиот став кон бракот. Сега тој не проповеда само морал и борба против блуд, ами и целосна чедност и отфрлање на телесните контакти.

На крајот од животот писателот навистина го отфрла бракот, односно ја напушта својата сопруга и сите домашни, а по десет дена умира на железничката станица во соседната губернија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња