Посетата на Оланд на Москва: напредок без коалиција

Владимир Путин и Францоа Оланд.

Владимир Путин и Францоа Оланд.

Ројтерс
Претседателот на Русија Владимир Путин и неговиот француски колега Франсоа Оланд се состанаа во Москва и ја разгледаа можноста за создавање широка коалиција во борбата против тероризмот во Сирија. Тие не успеаја да дојдат до договор за широка коалиција, но определени политичари во Русија сепак сметаат дека оваа средба претставува „голем напредок“.

Накратко

- Русија и Франција не успеаја да се договорат за формирање широка коалиција за борба против ИДИЛ

- Москва и Париз и понатаму имаат спротивставени ставови во однос на улогата на сирискиот претседател Башар ал Асад во решавањето на сириската криза.

- Путин и Оланд постигнаа договор за размена на разузнавачки податоци и за координација на дејствијата во Сирија поврзани со борбата против терористите.

- Русија и Франција треба со заеднички сили да ги определат сириските групи кои можат да бидат цел на бомбардирањата.

- Државната дума ги карактеризираше „конкретните договори“ помеѓу Путин и Оланд како „голем напредок“.

Посетата на Франсоа Оланд на Москва вечерта на 26 ноември 2015 година претставува завршница на дипломатската турнеја во која се впушти францускиот претседател по нападите на Париз од пред две недели. Пред средбата со Путин францускиот претседател за можностите за интензивирање на борбата против терористите од ИДИЛ разговараше со лидерите на САД, Велика Британија, Германија и на Италија.

Средбата на францускиот и рускиот претседател траеше неколку часа. Како што се очекуваше, излезе дека не може да стане збор за создавање единствена широка коалиција во борбата против ИДИЛ, која би ја сочинувале САД и Русија. На прес-конференцијата во Кремљ по средбата Владимир Путин изјави дека партнерите на Русија – а, на Блискиот Исток постои коалиција од неколку десетици земји на чело со САД – не се подготвени за ваква иницијатива. Овие зборови на Путин не наидоа на какво и да е спротивставување од страна на неговиот француски колега. Не постои согласност ниту во врска со клучното прашање на кое се темелат проблемите за заедничката коалиција. Станува збор за судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад. Оланд изјави дека во идната Сирија нема место за Ал Асад, а Путин нагласи дека судбината на сирискиот претседател е в о рацете на народот на Сирија.

Во што се состои напредокот?

Но, определени руски експерти сметаат дека и покрај несогласувањето постигнат е „голем напредок“. Како дел од напредокот, според претседателот на Комитетот за меѓународни прашања на Државната дума, е спогодбата помеѓу Русија и Франција за заедничко делување во Сирија против ИДИЛ . На средбата претседателите, како што изјави Оланд, се договориле за „интензивирање на размената на разузнавачките податоци и за концентрирање на нападите врз ИДИЛ и другите терористички групи“. Како што изјави рускиот лидер, неопходно е да се избегнат напади врз териториите каде се наоѓаат формациите кои и самите се подготвени да се борат против терористите. Пушков во програмата на телевизискиот канал „Росија 24“, интерпретирајќи го постигнатиот договор, рече дека „двете големи сили на современиот свет, двете членки на Советот за безбедност на ОН, најавиле почеток на заедничка, а не на одвоена борба против терористичката организација ИДИЛ“. Рускиот парламентарец смета дека големиот напредок се состои во самото оддалечување од „навестувањата и изјавите“ во правец на „конкретни мерки“.

Соработка со Русија

Останатите експерти се малку повнимателни, иако ја истакнуваат важноста на резултатот од оваа средба. Со договорот за координација помеѓу Франција и Русија во дејствувањата против ИДИЛ „е постигнато многу“, смета Дмитриј Данилов, шеф на одделот за европска безбедност на Институтот за Европа при Руската академија на науките. Согласноста помеѓу Париз и Москва ги упатува другите учесници во борбата против ИДИЛ кон „ној пат по кој може да се оди во воспоставувањето соработка со Русија“. Во услови на неможност на реализација на проектите од широката коалиција како алтернатива може да послужи соработката на определени земји во борбата против тероризмот. Во таков случај договорот помеѓу Оланд и Путин за координација на антитерористичките напори може да послужи како своевиден модел за другите држави-учеснички во американската коалиција.

Според мислењето на Евгениј Минченко, директор на Меѓународниот институт за политичка експертиза, важен е и самиот факт дека се започнати активни преговори за заедничко дејствување во Сирија. Претходно, потсетува експертот, САД и нивните сојузници активно ја критикуваа политиката на Москва во однос на Сирија. Сега Западот почнува да ги напушта таквите позиции.

Од друга страна, аналитичарите го свртуваат вниманието на тоа дека договорот помеѓу Париз и Москва сè уште има прелиминарен карактер и повикуваат да се почека и да се види како тој ќе биде реализиран во практична соработка. Според Павел Свјатенков, експерт од Институтот за национална стратегија, „засега спогодбата за размена на информации и за заемно делување не изгледа како нешто конкретно“.

Во контекст на руско-турската криза

Посетата на францускиот претседател исто така може да одигра позитивна улога во односите на Москва со евроатланската заедница. Франција, според Данилов, може да ја преземе улогата на своевиден „баланс“. Во контекст на новите односи со Москва во врска со сирискиот конфликт Париз може да влијае на ставовите на другите членки на НАТО и на ЕУ, смета експертот. И НАТО и ЕУ сега, макар и посредно, се вовлечени во конфликтот помеѓу РФ и Турција, настанат поради рускиот бомбардер Су-24 што турската авијација го собори на подрачјето на сириско-турската граница. Франција во овој контекст може да одигра позитивна, мировна улога.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.