10 дела на руската класична музика кои задолжително треба да ги знаете

Кира Лисицка (Photo: Александр Макаров/Sputnik; Legion Media)
Веројатно претходно сте ги слушнале сите овие класични мелодии, бидејќи се премногу добро познати. Но, сега точно ќе знаете дека се компонирани од руски композитори.

1. Михаил Глинка – „Патриотска песна“ (1833)

Глинка се смета за татко на руската школа на класичната музика. За него се вели дека е „музички Пушкин“. Негови најпознати дела се оперите „Руслан и Људмила“ и „Животот за царот“ („Иван Сусанин“). „Патриотска песна“ е квинтесенција на креативната потрага на Глинка по израз кој го евоцира рускиот карактер. Композицијата била замислена како прва државна химна на Русија, но во царско време не била прифатена. Но, затоа токму оваа мелодија, со нови зборови, служеше како химна на Русија од 1990 до 2000 година.

2. Петар Чајковски – „Танцот на малите лебеди“ од балетот „Лебедово езеро“ (1876)

Тешко е да се издвои само едно дело на Чајковски. Неговата музика е толку добро позната и препознатлива што не ѝ треба дополнително претставување. Балетот „Лебедово езеро“ стана дел од светското културно наследство и се изведува низ целиот свет. Но, една мелодија од сагата за Одета и нејзиното подмолно алтер-его Одилија ќе биде непогрешливо препознаена од секое дете во Русија. Секако, станува збор за „Танцот на малите лебеди“.

3. Петар Чајковски – „Руска игра“ од балетот „Оревокршачка“ (1892)

„Оревокршачка“ е исто така балет на Чајковски познат ширум светот. Во Русија е вистински симбол на новогодишните и божиќните празници. Многу мелодии од овој балет се многу препознатливи, а особено жустрата „Руска игра“ од дивертиментото, кога пред хероината Мари и Принцот танцуваат шпанска, арапска, кинеска и руска кукла во знак на благодарност за спасувањето на Кралот на глувците.

4. Петар Чајковски. Концерт бр. 1 за пијано и оркестар (1875)

Чајковски планирал ова дело да го изведува виртуозниот пијанист Николај Рубинштајн, но тој одеднаш ја одбил понудата. На премиерата на концертот главната партија ја извел Ханс фон Билов со Бостонскиот симфониски оркестар. По фантастичниот успех, и самиот Рубинштајн се предомислил и неколку пати свирел на концертот. Ова е една од најпрепознатливите симфониски мелодии. Згора на тоа, таа беше интонирана наместо националната химна кога руските спортисти стоеја на подиумот на Олимпијадата 2020 година во Токио и 2022 година во Пекинг. Прочитајте повеќе за тоа овде.

5. Александар Бородин – „Одлетај на крилата на ветрот“ од операта „Кнез Игор“ (1890)

Операта „Кнез Игор“ е заснована на староруското „Слово за походот Игорев“. Меѓу симфониските дела најмногу зрачи со руски дух и атмосфера. Тука е и моќниот народен хор, тука се и народните инструменти, и продорните арии-плачења во руски манир.

Кнезот Игор тргнува во поход против Половците (Куманите). Голем фрагмент од балетот го сочинуваат „Половецките игри“ во таборот на канот кој ја окупирал руската земја. Хор од затворенички ја пее потресната песна „Одлетај на крилата на ветрот“, една од најпознатите руски мелодии.

6. Николај Римски-Корсаков – „Бумбаров лет“ од операта „Сказна за царот Салтан“ (1899)

Римски-Корсаков компонирал 15 опери и во многу од нив ги интерпретирал народниот фолклор и руската култура. Една од таквите е „Сказна за цар Салтан“, базирана на истоименото дело на Александар Пушкин, во која се случуваат многу магии и, меѓу другото, кнезот Гидон ја запознава прекрасната принцеза Лебед. Една од најпознатите мелодии на операта е виртуозниот оркестарски интерлудиј „Бумбаровиот лет“. Тоа е музичката придружба на сцената во која Гвидон се претвора во бумбар за тајно да одлета кај својот татко.

7. Сергеј Прокофјев – „Танцот на витезите“ од балетот „Ромео и Јулија“ (1935)

Овој балет е најпопуларното дело на Прокофјев и воедно една од најпопуларните претстави на ХХ век. Премиерата се одржа во 1940 година на сцената на Мариинскиот театар во Ленинград. Најпознатата мелодија во балетот е „Танцот на витезите“. Сигурно сте ја слушнале претходно (искористена е, на пример, во песната на Роби Вилијамс „Party Like a Russian“).

8. Дмитриј Шостакович – Седма („Ленинградска“) симфонија (1941)

Дмитриј Шостакович е еден од најпопуларните композитори на ХХ век. Своевремено беше номиниран за „Оскар“ за адаптација на музиката на Модест Мусоргски за екранизацијата на операта „Хованшчина“. Меѓутоа, самиот Шостакович не беше добро прифатен во СССР. Неговата музика се сметаше за „конфузна“ и комплицирана. Почетокот на Втората светска војна го затекна композиторот во Ленинград, каде што предаваше на конзерваториумот. Тој доброволно се пријави да оди на фронтот, но беше оставен да им предава музика на студентите. Симфонијата почна да ја компонира за време на опсадата, со звуците на германските авионски напади, а ја заврши за време на евакуацијата. Седмата симфонија има четири дела, посветени на Ленин, Октомвриската револуција и Ленинград. Премиерно беше изведена веќе во 1942 година во Ленинград.

9. Арам Хачатурјан– „Игра со сабји“ од балетот „Гајане“ (1942)

Советскиот композитор Хачатурјан ја доби Сталиновата награда за балетот „Гајане“ во кој ја портретира својата родна Ерменија и локалниот колорит, како и советската власт и колхозите. „Игра со сабји“ е мелодија која се изведува додека трае сцената на свадбата на главните ликови на самиот крај од балетот. Оваа мелодија стана светски хит. Ги освојуваше првите места на музичките хит-паради и можеше да се слушне од сите џубокси во САД во изведба на американски оркестри. За оваа мелодија е поврзана и интересна легенда. Наводно, Салвадор Дали го поканил Хачатурјан на гости додека тој бил во посета на Шпанија. Композиторот неколку часа го чекал ексцентричниот сликар во холот на неговата куќа, за Дали во еден момент да истрча целосно гол и на многу гласната мелодија на „Игра со сабји“ да танцува пред авторот, а потоа да се повлече.

10. Горгиј Свиридов – Свита „Време, напред!“ (1965)

Оваа композиција е посветена на изградбата на првите објекти на Магнитогорскиот металуршки комбинат во СССР, но со текот на времето стана вистински саундтрак на советската ера. Бодрата мелодија со ѕвонливи перкусии одлично ги доловува прогресот, индустријализацијата и енергијата на новата земја. Свитата стана позната на секој граѓанин на Русија кога беше избрана да биде насловна шпица на главната информативна ТВ-програма „Време“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња