Колку републики и главни градови има во Русија?

Musa Salgereyev/TASS
Во составот на Руската Федерација има 85 региони, од кои 22 се републики. Тие имаа право на сопствен устав, државен јазик и главен град. Дали тоа значи дека во Русија постојат „држави во држава“?

Сите руски републики - заедно со градовите од федерално значење, областите, краевите, автономните окрузи и Еврејската автономна област - претставуваат рамноправни субјекти на Руската Федерација, како што е наведено во Уставот на земјата. Русија има 85 региони од различен тип.

Зборот „република“ во овој случај не подразбира државен суверенитет. Тоа е повеќе работа на историска традиција која настанала под влијание на националниот фактор. Современите републики на Русија често се наследнички на Автономните Советски Социјалистички Републики (АССР) и автономните области. А АССР беа форма на автономија за националните малцинства на територијата на СССР.

Советскиот Сојуз се состоеше од петнаесет Советски Социјалистички Републики (или едноставно федерални републики), од кои секоја имаше своја административно-територијална поделба. А во составот на некои федерални републики се наоѓаа и АССР.

Како настана овој систем?

Сеопфатната административно-територијална реорганизација на територијата на денешна Русија и нејзините соседи започна по револуцијата во 1917 година, кога народите на поранешната Руска империја се бореа за различни облици на национална автономија. Поголемите територии како што се Големото кнежевство Финска и Полското царство подоцна стекнаа независност од Русија. Помалите административно-територијални единици, регионите во кои компактно живееја одредени народи, добиваа автономија во земјата и стекнуваа право на мајчин јазик и сопствени органи на извршната власт. Во 1920-тите и 1930-тите границите и статусот на субјектите постојано се менуваа: окрузите се обединуваа, се претвораа во автономни области, а тие пак во автономни републики.

Во Русија (која во составот на Советскиот Сојуз беше наречена Руска Советска Федеративна Социјалистичка Република) во различно време имаше најмногу 19 автономни републики.

На пример, Туркестанската АССР, која заедно со Башкирската се смета за прва автономна република во РСФСР, постоеше само до 1924 година, а од неа настанаа две федерални републики: Узбекистанската и Туркменската. АССР на Германците на Поволжјето во 1941 година беше поделена помеѓу Саратовската и Сталинградската (денешна Волгоградска) област, Кримската АССР во 1945 година стана Кримска област, а потоа, во 1954 година, премина во состав на Украинската Социјалистичка Република. Во 1956 година, Карело-Финската Социјалистичка Република доби „понизок“ статус на Карелска АССР во состав на РСФСР. А некои АССР, напротив, добија „повисок“ статус како федерални републики, на пример, Казашката АССР (1936) и Киргиската АССР (1926).

Во 1961 година бројот на АССР запре на цифрата 16. Не се менуваше до 1990 година. Трансформацијата на АССР во руски републики се одвиваше паралелно со трансформацијата на РСФСР во Руска Федерација и стекнувањето независност на многу федерални републики во процесот на распаѓање на СССР.

А некои современи републики на Руската Федерација, како што се Адигеја, Алтај, Карачаево-Черкесија, Хакасија, Чеченија и Ингушетија, го добија овој статус токму во 1990-тите.

Како руските републики се разликуваат од другите региони?

Првиот човек на републиката официјално се нарекува „глава“ (челник или лидер, што на македонски, не баш точно, се преведува како претседател). Исклучок порано беше Татарстан, каде што на чело на републиката беше „президент“ (претседател). Но, на 12 јули 2022 година, со указ на претседателот на Русија „За промени во составот на Државниот Совет на Руската Федерација“, и називот на таа функција, исто така, е сменет во „глава“. Главниот град на Руската Република се нарекува главен град, додека кај другите субјекти на Руската Федерација главните градови се нарекуваат административни центри.

Во личните карти на жителите на некои републики – Татарстан, Башкортостан и Република Саха (Јакутија) – постојат национални додатоци на државниот јазик.

Заедно со рускиот, како државни јазици во републиките се признаваат јазиците на нивните народи. Некаде тоа е еден дополнителен јазик, додека во Дагестан ги има 13. Од друга страна, во Карелија државен статус има само рускиот јазик. Според законот, имено, во Руската Федерација, азбуките на државниот јазик на Руската Федерација (рускиот) и државните јазици на републиките се засноваат на графичка основа на кирилицата. Домородните народи на Карелија користат карелиски, веп и фински, јазици со латинско писмо, кои не можат да бидат државни (освен по евентуални измени во законот). Од друга страна, нивните јазици имаат официјален статус на територијата на Карелија и нејзините жители, како и претставниците на сите народи на Русија, имаат целосно право на користење и зачувување на своите мајчини јазици.

Сите руски републики имаат свои химни. Притоа официјалната верзија на химната на Дагестан нема текст, додека химната на Карелија се пее само на руски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња