Русистиката во Македонија доживува преродба

Руски центар
Минатата недела од 27 до 29 септември Рускиот центар при УКИМ беше организатор на Меѓународната научна конференција „Рускиот јазик, литература и култура во Република Македонија: минато, сегашност и иднина“. Russia Beyond Македонија беше дел од овој настани и ви ги пренесува најважните моменти од него.

На конференцијата учество зедоа триесетина учесници од Македонија и од Русија. 

„Она што е мошне интересно за оваа наша прва конференција е што таа беше замислена да биде во помал формат, со цел да се сосредоточиме на најважните прашања од областа на ;и на компаративните и на контрастивните проучувања на рускиот и на македонскиот јазик. Она што остана како впечаток кај учесниците е дека токму ваквиот мал, како што самите го нарекоа камерен формат, овозможи по секоја секција на која имаше 7-8 излагања да се развие богата и плодна дискусија. Учесниците со внимание и со голем интерес ги следеа искажувањата на своите колеги, прифаќаа сугестии, добиваа нови знаења, односно дојде до целосна размена на искуства и до откривање на нови видици, што денес е вистинска реткост“, велат организаторите.

Меѓународната научна конференција „Рускиот јазик, литература и култура во Република Македонија: минато, сегашност и иднина“ беше организирана по повод 70-годишнината од изучувањето на рускиот јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Работни јазици на конференцијата беа рускиот и македонскиот, а излагањата беа распоредени во пленарна, лингвистичка, секција за литература и култура и секција за методика на наставата по руски јазик. 

На отворањето на учесниците им се обрати заменикот на дипломатската мисија на Руската Федерација во Република Македонија Константин Берсенев кој истакна дека УКИМ не само што станува авангарда на академското изучување на рускиот јазик во Македонија, туку и придонесува кај македонските државјани да се формира позитивна  претстава за Русија и да се осознае нејзината илјадагодишна култура што, како што рече, е многу битно за зацврстување на руско-македонските односи. Ова го потврди и заменик-министерот за култура на Република Македонија Владимир Лазовски кој рече дека Министерството се залага за натамошно негување и унапредување на, како што рече, нашата традиционално одлична културна соработка.

Пленарната секција беше окарактеризирана со исклучително интересни излагања. Академик Милан Ѓурчинов, кој е еден од најстарите и најеминентните истражувачи на руската литература во Република Македонија, зборуваше за руската книжевност и нејзините етички и естетски вредности, осврнувајќи се на погледите што тој ги имал за руската литература уште на почетокот од својата научна кариера, па сè до денес, истакнувајќи дека таа (руската книжевност) се наоѓа на врвот и дека тоа денес претставува неспорен факт. Во продолжение, професорот Мишел Павловски од Институтот за македонска литература (кој своето високо и постдипломско образование го има добиено на Рускиот институт за театарска уметност – ГИТИС) ги воведе присутните со наративна визуелизација во творештвото на Всеволод Емиљевич Мејерхољд и на еден несекојдневен начин успеа да ја прикаже величината и значењето на овој голем руски режисер за современиот театар. Последното излагање беше на д-р Емил Ниами од Рускиот центар при УКИМ во кое стана збор за руската лексикографија во 21 век. Во него тој ги запозна присутните за новините и за прогресот на руската лексикографија, подробно задржувајќи се на две исклучителни изданија: Толковниот речник на рускиот јазик од Јулија Шведова и Активниот речник на рускиот јазик под редакција на академик Ј.Д. Апресјан. 

На отворањето на Конференцијата се одржа и промоција на монографијата на професорката Нина ЧундеваРусизмите во македонскиот литературен јазик“. Книгата е всушност неиздадена докторска дисертација на професор Чундева која таа ја одбранила во далечната 1980 година под менторство на великанот на македонската научна мисла професорот Блаже Конески. 

„По нејзината одбрана, дисертацијата останува заборавена на полиците во библиотеките, а пристап до неа имаат само мал број лица кои се интересирале за оваа проблематика. Пред неколку години, кога професорката Чундева го одбележуваше својот 80-годишен јубилеј, неколкумина нејзини колеги се согласија дека оваа докторска дисертација треба да стане достапна до целокупната стручна и научна јавност, и дека со неа би можеле да се користат и студентите македонисти и русисти, како и сите оние кои се заинтересирани за македонската лексикологија. Едногласно беше донесен став дека е потребно дисертацијата што поскоро да биде отпечатена и да стане достапна за јавноста“, се вели во предговорот на книгата. 

Професор Красимира Илиевска, која беше еден од промотерите на ова издание, зборуваше за улогата и за значењето на делото за македонската лингвистика и за македонската наука воопшто. 

„Она по што е единствена оваа книга е фактот што авторката пред себе си поставила мошне обемна и сериозна задача за процесот на оформувањето на македонскиот литературен јазик и местото и улогата на рускиот јазик во тој процес. Авторката врши историско проучување на русизмите во македонскиот јазик, започнувајќи од деветнаесеттиот век, односно Јордан Хаџи Константинов – Џинот, па сè до педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години од дваесеттиот век. Во работата таа препрочитува колосален број литература од која врши ексцерпција на материјалот. Притоа, авторката се потпира на етимологијата на зборот, на каналите преку кои е прифатен во македонскиот јазик, неговото значење, кое во голем број случаи се разликува од значењето што соодветната лексема го има во рускиот јазик и ја разгледува контекстуалната функција на зборот кај соодветниот автор. Покрај ваквата анализа, професорката Нина Чундева дава голем теоретски придонес како кон позајмувањата и причините за нив, така и кон процесот на навлегување на русизмите во македонскиот јазик и нивната транслитерација“, беше подвлечено на промоцијата. 

Работата на конференцијата продолжи во следните два дена, на 28 и на 29 септември. Претпладневната сесија во четвртокот беше посветена на јазикот, а се презентираа реферати кои беа поставени како во синхрониски, така и во дијахрониски план. Попладневната сесија беше посветена на литературата и културата, каде покрај за современата руска литература, се зборуваше и за руската книжевна критика и за присуството на руските уметници во Република Македонија. Петокот беше посветен на секцијата за методика на кој од различни аспекти се разгледуваше изучувањето на рускиот јазик: проблемите, иновациите, современите тенденции, а исто така се разменуваа искуства и за начинот на предавање. Она што навистина радува е што во оваа секција поголем број од излагањата беа на млади специјалисти кои се подготвени да го пренесуваат рускиот јазик на студентите и на учениците.

По една ваква успешна конференција, организаторите ветија дека македонската научна јавност и следната година ќе има можност да се собере на една ваква манифестација, а сè со цел русистиката во Република Македонија да си го врати својот сјај кој го беше изгубила за времето на општествено-политичките промени во Европа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња