Русистиката му даде смисла на мојот живот

Фотографија од лична архива

Фотографија од лична архива

Нина Чундева е македонски русист, професор во пензија. Таа со години беше еден од предводниците на македонската русистика. Автор е на голем број научни трудови, а во исто време е и соавтор на последниот руско-македонски речник. Освен на научното поле, студентите ја паметат и како извонреден професор, педагог, но и голем пријател, човек кој е секогаш подготвен да помогне. „Руска реч“ ја посети професорката Чундева во нејзиниот дом и поразговара со неа за Русија, за рускиот јазик и за нејзиниот професионален ангажман.

Руска реч на македонски: Своевремено русистиката беше една од водечките на филолошкиот (тогашен филозофски) факултет во Скопје. Како изгледаше да се биде студент по руски јазик во тоа време? 

Нина Чундева: Да, славистиката (тоа беше официјалното име на нашата катедра) беше една од водечките на Филозофскиот факултет. Тоа беше времето непосредно по војната (1945). Да се студира руски јазик беше престижно. Голем број од современите поети и писатели во Македонија студирале токму на русистика. Но, во тоа време Катедрата не располагаше со современа учебна литература, наставниот кадар беше малоброен и недоволен за значителниот број студенти.

По завршувањето на студиите започнувате да работите како лектор по руски јазик. Какво е вашето искуство со студентите од тој период?

Како лектор по руски јазик започнав да работам во првата половина на шеесеттите години од минатиот век. Студенти имаше многу, учебници малку. За среќа од свои средства и со помош на тогашната амбасада на СССР во Белград овој проблем почна да се надминува. Позитивно влијание на учебниот процес имаше и тоа што од Москва почнаа да доаѓаат лектори, кои како родени рускојазични говорители беа од голема полза како за студентите, така и за нас, домашните лектори.

Можете ли да направите паралела во образовниот процес од моментот кога почнавте да работите на факултетот па сè до вашето пензионирање?

Нина Чундева. Фотографија од лична архива.

Во споредба со претходните години, во седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век Катедрата за руски јазик и литература доживеа забележителен подем. Се зголеми бројот на наставниците, се вработија млади асистенти, библиотеката се полнеше со нова уметничка литература од новите руски автори. Катедрата беше претплатена на речиси сите релевантни списанија од областа на лингвистиката и на повеќе литературни списанија, преку кои можеше да имаме претстава за сето ново што се појавуваше на руски јазик. Особено влијание имаше списанието „Нови мир“ под раководство на А. Твардовски. Списанието „Рускиот јазик во странство“ му беше десна рака на лекторатот. Во него се наоѓаше сè во врска со организацијата на наставата и за нејзиното осовременување. Катедрата располагаше со одлична јазична лабораторија во која се водеа вежби по изговор и интонација на рускиот јазик. 

Во тоа време дипломираните русисти имаа реални шанси да се вработат. Тоа за нив беше стимулативен фактор добро да го изучат јазикот и што е можно побргу да дипломираат. Меѓутоа, работите почнаа да се менуваат не во полза на русистиката. Во сите школи, не само во Македонија, туку и во сите југословенски републики, изучувањето на англискиот јазик почна да станува доминантно. Тоа се одрази и на другите странски јазици што се изучуваа во средните школи. Пред десетина години како задолжителен се воведе и втор странски јазик. Тоа малку го ублажи проблемот, но не го ликвидираше.

Каква улога имаше рускиот јазик во СФРЈ и колку тој беше присутен во образовниот процес во Македонија?

Улогата на рускиот јазик во СФРЈ, па и во Македонија, се менуваше во зависност од политичката констелација. Од улогата на странски јазик број еден, во годините по војната, па сè до речиси неговото укинување по некои стресни ситуации (како на пример, по таканареченото Информбиро). Потоа работите се нормализираа и рускиот јазик почна да има статус на еден од странските јазици што се изучуваат во школите и на факултетите. На нашата катедра студираа млади луѓе од Босна и Херцеговина, од Црна Гора, од Србија, особено од нејзиниот јужен дел. По распадот на СФРЈ тоа веќе го немаме.

Од осамостојувањето на Република Македонија се соочуваме со криза не само кај русистиката, туку и кај славистиката воопшто. Мислите ли дека е потребно да се остави времето да си го каже своето или потребна е некаква интервенција?

Кризата со славистиката и со русистиката не е резултат на осамостојувањето. Таа тлее од поодамна. Ако дипломата не ви дава шанса да се вработите, ќе ја барате на друго место. Се среќавам со наши поранешни добри студенти, кои одново се запишале на факултетот и тоа на групата за англиски јазик и литература, и сега предаваат во приватни школи (се разбира, англиски јазик). Не се потребни никакви интервенции, зашто нема да дадат видлив резултат. Еве, сега руски фирми почнуваат со работа во Македонија и, веројатно, ќе вработуваат русисти. Тоа би бил стимул за младите да го изучуваат рускиот јазик.

Која беше вашата научна преокупација? На кои полиња од науката за јазикот најмногу им посветивте внимание?

Најпопуларните руски речници, преведувачи и учебници
Кои јазични ресурси најчесто ги користат странците кога читаат или кога пишуваат на руски? Направивме анкета меѓу нашите читатели и направивме преглед на најпопуларните јазични помошници.

Мене ме привлекуваа фонетиката и фонологијата. Во врска со тоа беше и магистерската работа под наслов „Разложување на консонантските групи во македонскиот јазик и во рускиот јазик“. Докторската дисертација беше од областа на лексиката и од историјата на македонскиот јазик, нејзиниот наслов е „Русизмите во македонскиот јазик“. Инаку, не се определив за некоја посебна област од лингвистиката, пишував најчесто на компаративни теми (македонско-руски).

Вие сте еден од авторите на големиот руско-македонски речник. Колку една ваква обемна лексикографска работа претставуваше предизвик и постоеја ли проблеми со кои се соочивте за време на пишувањето на речникот?

Над речникот работевме тројца автори. Тој требаше да се печати во Москва. Првата година на работа се одвиваше во постојани консултации со редакцијата во Москва. Меѓутоа, и таму решија да го намалат одливот на средства, па така ние останавме и без издавач и без средства. Работата над речникот беше интелектуален предизвик, но додека да излезе од печат доживеавме тешки моменти. По многу кинење нерви (што имаше веројатно одраз и врз квалитетот на работата), речникот го издаде Филолошкиот факултет, за што сме му благодарни.

Во колкав обем е сега присутна Русија со својата литература, култура, па и целокупен општествен живот во вашата секидневност?

Сега сум подолго време во пензија. Без руската литература не знам какво би било моето секојдневие. Многу сум им благодарна на колегите и на пријателите што не ме забораваат и од Москва ми носат книги или ми ги позајмуваат своите. Катедрата доби голем број книги од „Фондот на Солженицин“, па и оттука земам книги. Како и да е, не останувам без книги. Тука е и руската телевизија, слушам вести, интересни ми се различни панел-дискусии и емисии посветени на историјата и слично.

Кога ќе погледнете отстрана, на што најмногу можете да кажете дека се гордеете во вашиот професионален ангажман?

Не би зборувала за гордоста, туку за среќата. Во еден момент од животот се сретнав со русистиката (филолошка област која се занимава со рускиот јазик и литература) и тоа стана средба за цел живот. Таа стана мојот raison d'être. Тоа му даде смисла на мојот живот и сè уште го осмислува. Тоа е навистина среќа. А, гордоста е ефемерна, релативна компонента на животот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња