Лажни преведувачки парови: фамилия – фамилија

Сергеј Јолкин.

Сергеј Јолкин.

Лажните преведувачки парови (или како што уште се нарекуваат лажните пријатели на преведувачот) се интересна тема не само за оние што се занимаваат со јазикот и со преводот, ами и за секој читател воопшто. „Руска реч на македонски“ почна да ги забележува најчестите лажни преведувачки парови во рускиот и во македонскиот јазик и за секој од нив ви раскажува одделно.

Во текот на историскиот развој на рускиот јазик зборот фамилия (фамилија) го има сменето своето значење. Во старорускиот јазик овој збор го има истото значење како и во македонскиот „група составена од родители и деца или од роднини што живеат или не живеат заедно“ [Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005]. Коренот на овој збор доаѓа од латинскиот јазик familia со значење „челад, домашни“. Во сите индоевропски јазици овој збор потоа влегува со истото значење кое и денес го има во македонскиот јазик.

Денес во рускиот јазик зборот фамилия (фамилија) пред сè означува „наследено семејно име кое се додава на личното име“, односно во македонскиот јазик тоа е презиме. Второто значење на овој збор во рускиот јазик е „род, роднина“, но се користи многу ретко, додека третото е застарено, архаично и соодветствува со македонскиот збор фамилија, иако денес многу ретко се користи и тоа само во пишани текстови и во висок стил.

Затоа за многумина кои започнуваат да го учат рускиот јазик овој збор претставува вистински проблем. Во едно интервју македонскиот поп-пејач Владо Јаневски раскажуваше за своето прво патување во Русија. При едно запознавање пејачот се претставил со своето име, а кога го запрашале „А как Ваша фамилия?“ („А, како се презивате?“), тој без двоумење одговорил „Добро се, сите се добри“. Тој не ни претпоставувал дека овој збор може да има сосема поинакво значење во рускиот јазик.

Овој пример го знаат многумина, па многу често се прават и шеги. Наставниците кои предаваат руски јазик секогаш им напомнуваат на своите ученици и студенти дека овој збор е лажен пријател на преведувачот и дека треба да обрнат особено внимание на него.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња