Лажни преведувачки парови: ягода – јагода

Ена Налбантиќ
Лажните преведувачки парови (или како што уште се нарекуваат лажните пријатели на преведувачот) се интересна тема не само за оние што се занимаваат со јазикот и со преводот, ами и за секој читател воопшто. „Руска реч на македонски“ почна да ги забележува најчестите лажни преведувачки парови во рускиот и во македонскиот јазик и за секој од нив ви раскажува одделно.

За летните горештини ви подготвуваме еден „освежителен“ лажен преведувачки пар. Тој и не е толку лажен, колку што е лукав. Зборот јагода во македонскиот јазик означува „1. трилисно растение со бели цветови и црвени месести плодови прекриени со ситни семки (Fragaria). 2. плодот на ова растение“[Мурговски З. Речник на македонскиот јазик, Скопје, 2005]. Во рускиот јазик, пак, зборот ягода означува „мал сочен плод од грмушка, полугрмушка, џбун или тревенести растенија“ [Толковый словарь русского языка с включением сведений о происхождении слов, под редакции Н. Ю. Шведовой, Москва, 2007].

За етимологијата на зборот постојат различни мислења, но главно се сведува на фактот дека тој има словенско (старословенско, прасловенско) потекло. Она што е важно за разликување на овие два збора во рускиот и во македонскиот јазик е во тоа што лексемата ягода во рускиот јазик во македонскиот како преводен еквивалент ја има бобинка (почесто: бобинки). Македонскиот збор јагода, пак, соодветствува на рускиот клубника.

Она што е интересно е дека „македонската јагода“ претставува дел „руската јагода“, односно е еден вид бобинка. Тука најчесто станува збор за проблем во руската битова употреба. Русите во својот јазичен светоглед освен овощи (зеленчук) и фрукты (овошје), разликуваат и ягоды, иако според ботаниката и тие се дел од овошјето.

Во една полемика што ја имавме со неколку руски колеги-лингвисти се постави прашањето за тоа како на руски би ја превеле македонската реченица: Од сите овошја омилено ми е јагодата. По долго размислување дојдовме до заклучок дека за целосно разбирање на ваквата реченица најправилно би постапиле доколку би употребиле дополнување и би рекле: Из фруктов и ягод я больше всего люблю клубнику (Од овошје и бобинки најмногу сакам јагоди).

Пред две години присуствував на еден интересен разговор што се одвиваше на плажа. Имено, Македонци разговараа со еден Русин. И едните и другите слабо го владееја англискиот јазик, па секој зборуваше на својот мајчин. Започна разговор за сладолед при што некој од друштвото на руски рече дека омилен му е клубничный (од јагода), потоа долго го преведуваа зборот, па со помош на англискиот дојдоа до strawberry, кој Македонците го преведоа како јагода, на што Русинот се сложи, сметајќи дека тие мислат на бобинка воопшто. Секако, беше непријатно да се впуштам во објаснување, но затоа излезе една интересна лингвистичка приказна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња