Извор: Глеб Фјодоров
Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“ е еден од учесниците на Денот на роботехниката, кој се одржа од 21 до 23 ноември во Сочи, каде беше претставен порталот „Образование на руски“(http://pushkininstitute.ru/). Станува збор за интерактивни курсови по руски јазик со асистент – роботот Вања. Нашиот колега Глеб Фјодоров разговараше со ректорот на Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“ Маргарита Русецкаја за технологијата, за рускиот јазик и за тоа какви се можностите на странските државјани за бесплатно студирање во Русија.
Руска реч на македонски: Од каде тоа Институтот за руски јазик да учествува во Деновите на роботехника?
Маргарита Русецкаја: Мислам дека рускиот би требало да биде главен јазик на сите меѓународни случувања во Русија. Во Русија дојдоа деца од повеќе од 50 држави [во рамките на овој настан Русија за првпат беше домаќин на Светската олимпијада на роботи за ученици – заб. ред.]. Поголемиот дел од нив не знае ниту збор руски и затоа им даваме можност да го научат со помош на нашиот портал.
Покрај тоа, за нив се организираат и посебни предавања по руски јазик. Во слободно време додека трае нивниот престој во земјава ќе имаат потреба да комуницираат со локалното население, така што рускиот јазик може добро да им дојде. Ова е првиот практичен чекор. Некој само ќе мине покрај нас, ќе замине и ќе заборави на оваа можност, но кога барем еден дел, барем десет отсто од децата ќе го зачуваат интересот за рускиот јазик, тоа е добро.
РРМ: Ако добро ве сфатив, некои курсеви на порталот „Образование на руски“ се бесплатни и се отворени за сите?
М.Р.: Порталот им е достапен на сите оние што имаат Интернет. Достапен е во секоја смисла на зборот. Почетните курсеви А1 и А2 се бесплатни. Напредните нивоа, каде е потребно да се работи со вистински тутор се наплатуваат по цена на работен час на педагогот.
Освен тоа, на порталот постојат и модули за професионална поддршка на педагозите. Оваа обука е сосема бесплатна, а на курсот моментално има 2.500 професори од целиот свет. Ако сакаат диплома, тогаш ќе мораат да ја платат услугата.
„Институтите Пушкин“ ве канат Во десетици земји ширум светот ќе бидат отворени бесплатни школи за руски јазик. |
Она што може да се најде кај нас на порталот не е само збир од игри и задачи. Направивме производ кој ни овозможува да ја оцениме мотивацијата за образование на секој оној што доаѓа на порталот, па секому, зависно од резултатите на корисникот, ќе му предлагаме дополнителни задачи и извори за изучување руски јазик.
За да можеме да го оствариме сево ова, мораме да бидеме во чекор со последните достигнувања на програмирањето, лингвистиката, киберлингвистиката и невролингвистиката.
РРМ: Какви се тие технологии?
М.Р.: На пример, работиме на проект со компанијата ABBYY, која, меѓу другото, се занимава со вештачка синтеза на говорот врз основа на семантички пребарувачи. Нивниот софтвер овозможува автоматска процена на граматиката и правилноста на текстот, а оваа алатка ја користиме и на нашиот портал.
РРМ: Ни го претставивте и асистентот-предавач, роботот Вања. Тој е од француско производство, а за неговата програмска поддршка, која му овозможува да го генерира говорот и да „разговара“ со корисникот, се заслужни руските програмери од Чељабинск, а исто така и русистите. Како ги оценувате неговите можности?
М.Р.: Роботите, како што е Вања, многу добро можат да послужат како мотивирачки играчки за привлекување и за задржување на интересот кај децата од школска возраст. Вања нема голема задача во подучувањето руски јазик и затоа го нарекуваме асистент, а не наставник. Како асистент, тој помага при отстранувањето психолошки бариери во комуникацијата.
РРМ: Како им помагате на наставниците по руски јазик во странство?
М.Р.: Главната работа околу која им помагаме е стажирањето во Русија. Странските колеги се жалат дека им недостасува практика. Исто така и млади луѓе постојано велат дека им недостасува жива комуникација на руски јазик, нови зборови, фрази од руските филмови што навлегле во јазикот итн.
Освен тоа, им недостасуваат и правилата на современата деловна комуникација на руски јазик и искуство во јавен настап. До крајот на годинава повеќе од 10.000 наставници од повеќе од 25 земји, ќе се стекнат со дополнителни квалификации.
РРМ: Како можат студентите да дојдат до вас? Има ли место и за нив?
М.Р.: Како и досега, ја предлагаме програмата за дипломски студии „Руски јазик како странски“. Студентите мораат да имаат основно додипломско образование по руски јазик. Ако не го поседуваат, ќе послужат филолошките или лингвистичките познавања. Станува збор за двогодишна програма. Странските студенти имаат можност за бесплатно студирање во Русија, а изборот го врши Министерството за образование заедно со Россотрудничество.
За да се приклучат на програмата, студентите ги предаваат потребните документи во најблиската канцеларија на Россотрудничество. Документите не мора да бидат предадени лично, тие можат да бидат испратени по пошта. Студентот мора да назначи за кој универзитет е заинтересиран, а резултатите ќе бидат познати откако ќе биде разгледана пријавата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче