Московска зимска бајка

Снегот комбиниран со светлината дава несекојдневна илузија на зимската Москва. Извор: Reuters.

Снегот комбиниран со светлината дава несекојдневна илузија на зимската Москва. Извор: Reuters.

Прочуените руски зими обично ги плашат туристите, но нема потреба од страв. Облечете се добро, искористете ги кафулињата, театрите и музеите за да се стоплите после прошетката и вистински ќе го запознаете духот на руската престолнина. Всушност, Москва е најпосетена кога врз градот ќе почне да паѓа снег.

Снегот кој штотуку падна го разубавува секој пејзаж, го прикрива секој неред, и ги омекнува острите црти на зградите. Мразот може да понуди разни задоволства: гледање во прекрасните шари на прозорците, лизгање, дури и едрење; од него се прават скулптури. А во Русија некои го кршат мразот на реките за да се искапат. 

Предели од бајките

Златните куполи на православните цркви, зимзелените дрвја, монументалните скулптури и дрвените куќички се дел од бајковитите слики на рускиот зимски пејзаж. Кога снегот ќе ги прекрие парковите во Кремљ и брегот на реката Москва, неговата магија исто така е присутна и на ѕвоното на Иван Велики и околните куполи на Вознесенскиот, Успенскиот и Архангелскиот храм.

Овие древни градби во срцето на градот, се симбол за Русија исто како и нејзината позната зима заедно прават хармонична комбинација.

Зимското лизгалиште и накитената божиќна елка пред бајковидно осветлената зграда на ГУМ на Црвениот Плоштад, додава уште повеќе магичен прав на овој поглед.

Во јужниот дел на градот во близина на метро-станицата „Туљска“ се наоѓа древниот Даниловски манастир чии ѕидови и виолетовата црква-капија се окружени од разнолико множество цркви, на кои снежната прекрива им стои како да е излеана само за нив.

Светлината од свеќите од соборниот храм „Светиот отец“ ги осветлува древните икони и фрески. Отспротива, опкружен со елки, се наоѓа храмот „Света тројца“ изграден во неокласичен стил по проектот на Осип Иванович Бове, познатиот архитект кој го изградил и Бољшој театар. Малата капела со златна купола подигната е во 1988 година, во чест на прославата 1000 години православие во Русија.

Бидејќи овој манастир е официјална резиденција на патријархот, го чуваат козачки стражари во чизми и со крзнени шубари на главите. 

Кој бара сосема поинаква зимска приказна може да оди во селскиот посед на Дедо Мраз во паркот Кузмињки, југоисточно од центарот на градот.

Оваа група стилизирани куќички добива посебен шарм навечер, кога паѓа снег.

Даниловски манастир. Фото: Ростислав Смолин.

Скијање, пливање и скулптури од мраз 

Не мора да одите надвор од Москва за да уживате во природа – совршено место е пространиот шумовит брег кој се протега од Горки Парк  па сè до долините на реката Сетуњ. Можете да ја разгледате низ стаклениот ѕид на метро-станицата „Воробјови Гори“ или панорамски од 22 кат на ексклузивното кафуле „Sky Lounge„ на Ленинската авенија. Сноубордерите и скијачите до врвот на падината се превезуваат со жичницата на Воробјови Гори. Постојат многубројни патеки за алпско скијање во одморалиштата како што е спортскиот парк „Волен“, но благите брановити букови шуми – чест дел од московскиот пејзаж – се многу поповолни за нордиско скијање.

Зиме, за време на викендите, ридовите и езерата во парк-шумата Покровско – Стрешнево, во близина на метро станицата „Војковска“ ги преплавуваат љубителите на санкањето, скијањето, воените игри и риболовот под мраз. Руските рибари обично седат врз замрзнатото езеро, а во борба против студот сојузник често им е само шишето вотка. Некои од нив не носат дури ни ракавици, бидејќи така можат подобро да почувствуваат кога рибата ќе почне да гризе.

Лизгалиштето на Црвениот плоштад и Чебурашка, еден од најомилените ликови од руските цртани филмови. Извор: РИА Новости.

Правењето големи отвори во мразот и пливањето во замрзнатите води е уште еден популарен екстремен спорт во Русија. „Моржи“ („Моржови“ – популарно име за луѓето кои уживаат во зимското капење), тврдат дека тоа е од повеќе причини добро за здравјето. Ако се искапете на 19 јануари, кога се слави Богојавление и кога водата се осветува, можете да доживеете и духовен благодат.

На островот Серебрјани бор се стигнува со автобус или со такси од метро-станицата „Полежаевска“ и исто така претставува место каде што во овој период од годината можете да видите капачи во замрзната вода.

Секако, можете и да им се придружите.

Островот Серебрјани бор е едно од најдобрите места за зимска забава во Москва. Името го добил по шумата од сребрените борови. Љубителите на нордиското скијање овде може да најдат сè што им е потребно – од бројни локали за изнајмување опрема, долги патеки низ шуми и дрвени куќички прегрнати од боровите. Кога реката ќе замрзне се претвора во патека за скијање или за прошетка. На самиот крај на островот се наоѓа кафуле со свилени перници како и отворено лизгалиште на брегот на реката.

Секоја зима, во рамките на Фестивалот на скулптури од мраз „Вјуговеј“, на неколку места во Москва се организираат изложби на отворено. Овогодишниот фестивал ќе се одржува од декември 2012 до март 2013 година, меѓу другото и во просторот на величествениот Серуски изложбен центар (ВДНХ), чии што златни статуи и споменици, посветени на истражувањето на космосот изгледаат прекрасно во снежниот амбиент. Професионалните скулптори од огромни парчиња мраз креираат сложени композиции и секоја година се одредува нова тема – патување во космос, светски знаменитости или бајки. Самата идеја за изработка на скулптура во мраз која денес претставува уметничка форма прифатена ширум светот, зачната е во 18 век во Русија за време на владеењето на императорката Ана. Во периодот на нејзиното владеење главниот архитект Петар Еропкин направил една палата од мраз. На пространиот Парк на Победата исто така се подигаат градби и скулптури од мраз, а секоја година за време на зимскиот фестивал, уметниците го украсуваат Плоштадот на Револуцијата со споменици од мраз.

Зимска пловидба по реката Москва, лизгање и хокеј на мраз

Хотел „Радисон Ројал“ (некогашна „Украина“) поседува флота од јахти – мразокршачи со што се овозможува крстарење во текот на целата година. Посетителите можат да ги набљудуваат познатите знаменитости на Москва преку стаклените ѕидови на бродот.

Зиме можете да се возите по реката Москва на јахта-кршач на мраз. Извор: Lori/Legion Media.

За љубителите на спортот во природа постои подобра забава од пловидбата по реката. Тоа е „snowkiting“ или едрење на снег. Изгледа како скијање на вода, но се одвива на мраз и притоа може да се достигне брзина од околу 100 км/ч. Големото проширување на реката Москва кај метро-станицата „Строгино“ прави тој дел на речниот тек да потсетува на езеро, што е вистинско место за љубителите на овој спорт. Штом доволно застуди, во Москва почнуваат едно по друго да никнуваат лизгалиштата. Од Патријаршискиот рибник, познат по липите и бронзените скулптури, до замрзнатите поплавени патеки на Горки Парк кои се оддалечени 3 километри - Москва е лизгачки рај.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња