Путин продолжува да се дистанцира од Асад

Претседателот на Русија, Владимир В. Путин во петокот прати уште еден сигнал дека Москва полека се дистанцира од режимот во Сирија.

Ваквата порака Путин ја пренесе од заедничката прес-конференција во Брисел, каде се водеа разговори за енергијата и трговијата помеѓу ЕУ и Русија и чиј исход главно беше јалов.

Зборувајќи за состојбата во Сирија, Путин рече дека главна цел на Русија е да се избегне хаосот и дека граѓанската војна може да се реши единствено преку разговори помеѓу двете страни. Но притоа и додаде: „ние не сме бранители на сегашниот режим во Сирија, Москва сака демократска власт во Сирија која ќе ја изразува волјата на народот.“

Европа и самата е поделена за состојбата во Сирија, иако барем дипломатската поддршка беше за опозицијата на Башар Асад. Русија пак, заедно со Кина, од почетокот на судирите цврсто стоеше на страна на режимот на Асад, ставајќи вето на резолуциите за Сирија во Советот за безбедност на ОН.

Во последно време сè повеќе официјални лица, сè почесто говорат дека руската официјална политика го омекнува ставот. Сличен став, Путин искажа и на неодамнешната голема прес-конференција, одржана пред бројни странски и домашни новинари во четвртокот во Русија.

Во меѓувреме во Сирија продолжуваат борбите. Жестоки борби се водат во провинцијата Хама, каде бунтовниците силно ги напаѓаат владините позиции. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња