Брза храна во „Теремок“: боршч, руски палачинки и квас. На „Мекдоналдс“ потсетува само пластичниот прибор за јадење. Извор: Комерсант.
Доаѓам од еден свет во кој синоним за брза храна се гигантските синџири како „Мекдоналдс‘‘, „Тако бел‘‘ и „Бургер кинг‘‘. Во Москва нештата се поинакви, и тоа го велам од искуство, бидејќи сум активен потрошувач на овој специфичен вид храна.
Иако не можам да кажам многу за мегаполисите во Соединетите Американски Држави, на перифериите од градовите и во рурална Америка доминираат популарните синџири ресторани, кои подготвуваат брзи оброци достапни за сечиј џеб, аранжирани така што можете лесно да ги изедете во кола, дома или на работа. За разлика од ова, руската варијанта на брза храна подразбира стотици улични продавачи, подготвени да ги услужат изгладнетите минувачи. Покрај нив, постојат и мноштво киосци кои продаваат храна и пијалак „за носење‘‘.
Интересно е што рестораните како „Папа Џонс“ и „ Бургер кинг“,со цел да станат што поконкурентни во Москва, се развија во малку поелегантна, а со тоа и поскапа варијанта. Оброкот во „Мекдоналдс‘‘ може да чини и 10 американски долари, додека подготовката на оброк во поексклузивен американски ресторан за брза храна може да потрае и до 60 минути. Тоа не звучи баш како „брза храна‘‘. Во Москва не сакав да јадам во „Мекдоналдс‘‘, пред сѐ заради исцрпувачки долгото чекање. Но, затоа, уличните продавачи секогаш беа при рака со подготвен топол оброк, кој не само што е вкусен и згоден за носење, туку и многу евтин! (Мислам дека тукушто смислив нов рекламен слоган...)
Авторот на текстот ужива во својата омилена храна, подготвена „од срце‘‘.
Она што восхитува во врска со московската брза храна е неверојатната разновидност на јадења кој, ве уверувам, никогаш нема да ви здодее. Тоа важи за сите, од безимените киосци до рестораните со звучни имиња. „Крошка картошка‘‘, „Теремок‘‘ и „Стардогс‘‘ се само некои од имињата од рускиот свет на брза храна. „Стардогс‘‘ е резултат на рускиот пристап на идејата за американски „хот-дог‘‘. „Теремок‘‘ е специјализиран за руски палачинки (блини), додека во „Крошка картошка‘‘ може да се купи неизбежниот руски специјалитет – издлабен печен компир филува со прилози по желба!
Меѓутоа, без оглед на тоа што овие синџири имаат огромна понуда, нивната храна не може да се спореди по вкусот со онаа што можете да ја купите во безимените киосци на московските улици. Храната што ја прават тие е неверојатно вкусна и евтина: обично станува збор за комбинација од некаков вид тесто и овошје, месо, зелка или компир. Од шаурма (кавкаска верзија на гиро) до стотици видови пирошки, нешто сигурно ќе ве привлече да се поткрепите дури дојде времето за сериозен оброк. Нема да згрешите ни ако пробате сирники, ватрушки (нешто слично на данското печиво), шашлик (раженчиња) или ролатчиња со мелено месо.
Можностите се неограничени, но мене најмногу ме импресионира бројот на руските продавачи. На речиси секоја улица, покрај секоја автобуска постојка, на секоја метро станица, покрај секој станбен комплекс – тие се тука. Каде и да тргнете, доволна е една минута за да ве услужат, а вие продолжувате по својот пат со храна и пијалак во рака. Избор, цена, услуга – тоа се нарекува вистинска брза храна!
Сево ова го прави рускиот пазар за брза храна многу поинаков од оној во САД. Моето време е скапоцено, а Москва знае како да ми излезе во пресрет. Руската престолнина ја однесе победата кога станува збор за брзата храна!
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче