Космодромите на Русија: што по Бајконур?

Бајконур 1980 година. Извор: Photoshot / Vostockphoto

Бајконур 1980 година. Извор: Photoshot / Vostockphoto

Нашата репортерка го посети најголемиот космодром во светот Бајконур, кој на денешен ден навршува 60 години, како и на новиот космодром Восточни, за да погледне во минатото и да се замисли за иднината на Русија.

Бајконур е првиот и засега најголемиот космодром во светот. Имено оттука полетаа во вселената кучињата Белка и Стрелка, оттука стартуваше Јуриј Гагарин, првиот човек во Вселената. По распадот на СССР Бајконур се најде на територијата на друга земја – Казахстан. Русија продолжува да го користи комплексот, но како арендатор. Во 2004 година претседателите на двете земји потпишаа спогодба, со која се продолжи договорот за изнајмување до 2050 година. 

Сепак во 2007 година Русија реши да изгради свој космодром. Ново место за реализација на амбициозните планови треба да биде космодромот Восточни во Амурската област, на Далечниот Исток. Сите го очекуваат завршувањето на неговата изградба: чека Роскосмос, чекаат и оние кои половината од својот живот го дале за Бајконур – оние што оставиле сè, се преселиле и го започнале својот живот од нула. Тие чекаат со некаква тага и не знаат што ќе се случува со нив понатаму. 

Пустина среде оаза 

Пред да заминам во Бајконур бев на Восточни. Навечер полетуваме од Москва во Благовешченск. Не можам да заспијам и речиси цело време гледам низ прозорецот во облаците и во црвеното сонце. Летаме околу седум часа. 


Фотографија: Игор Агеенко / РИА Новости

Седнуваме во автомобили и патуваме низ трнливиот пат уште четири часа до Углегорск. По патот постојано претрчуваат те верверици со црвена боја, те сиви зајаци. Застануваме покрај стрмниот брег на реката Зеја. Ми застанува здивот од погледот пред мене. 

Следниот ден веднаш одиме на градилиштето Восточни. Дваесет минути по патот во песочна прав од која не се гледа апсолутно ништо. Градилиштето на кое што конечно стасавме според големината не заостанува зад моќноста на локалната природа. Градежниците, кои веќе се навикнати на инспекции, не обрнуваат на нас никакво внимание. „Што сте дошле да видите? – се чуди еден сед добродушен човек, кој нè пречека пред објектот. – Ограда, песок, кучиња...“ Сепак среде песокот веќе се наѕира местото за старт. Во населбата веќе растат и првите катови на идниот град Циолковски...

Легендите за Бајконур
Сите легендарни вселенски одисеи на Советскиот Сојуз започнуваат од една точка на планетава: од космодромот Бајконур и далечните степи на Казахстан. Местото од каде што полетаа првиот вештачки Земјин сателит, првиот апарат што ѝ се приближи на Месечината и првиот пилотиран орбитален вселенски брод, стана еден од симболите на почетокот на новата, космичка епоха. Околу легендарниот Бајконур, како и околу сè што е легендарно, се изродија различни приказни, и тоа такви што со сигурност не може да се одреди што во нив е легенда, а што е вистина.

Тука се гради нова космичка историја. Космодромот Восточни ќе ѝ овозможи на Русија независен пристап до вселенското пространство. Со тек на време тој треба да стане основен центар за научно-космички разработки, да создаде нови можности за развој на Далечниот Исток и да даде нов импулс во развојот на руската космичка индустрија. Сепак рокот за пуштање на космодромот во експлоатација се одолговлекува, а самиот процес, пак, е проследен со скандали, кои се поврзани со прекумерни трошења и со кражба на средства наменети за изградба. 

Оаза среде пустина 

До денот на очекуваниот летот во Бајконур морав да напишам толку писма и толку барања до сите инстанции, што сета радост поради претстојниот пат речиси да падна на нула: се усогласуваше секој чекор. За секој објект се правеше пропусница, а мојот телефон не можеше да се излади од јавувања. 

Летаме повеќе од три часа. Последниот час од летот сликата од прозорецот не се менува. Слетавме во степа. На аеродромот Крајни нè пречекува Татјана, вработена во службата за безбедност на космодромот. Поминуваме неколку контролни пункта. „Татјана, сфаќам дека во шеесеттите години од минатиот век морало сè да се проверува... Но, сега, веројатно, нема случаи на шпионажа?“, не издржувам јас по уште една проверка на документите. „Се лажете. Кај нас сè се случува...“ Откако виде како ги испакнав очите, Татјана замолкна и со тоа сфатив дека понатаму нема да следуваат никакви детали. 

На крајот финалниот кордон – влезот во градот. На портите има замислена камила. Само што го минавме контролниот пункт, налево и надесно почнаа да се гледаат зелени дрвја, како да почнала друга климатска зона. Градот со едната нога е останат во СССР: тоа се чувствува во сè – централен пазар, фирми, не постои кафуле што работи 24 часа... Половина град е облечен во иста специјална облека. Сите тие работат на космодромот. 

Тие беа први 

Во Бајконур сите луѓе раскажуваат приказни. За првите руски ракети, за легендарните конструктори и космонаути. Живи се оние што работеле со генијалниот советски конструктор Сергеј Корољов. Оние што се грижеле за нашите први лансирања. 


Јуриј Гагарин. Извор: ТАСС

Од космодромот Бајконур се направени половина од светските лансирања во вселената. Оттука е лансиран првиот вештачки сателит на Земјата. Оттука заминаа во космосот вселенските бродови од серијата Восток, Восход, Сојуз, орбиталните станици Саљут и Мир, системот за повеќекратно користење Енергија – Буран, меѓупланетарни космички апарати, научни и воени сателити. До денес космодромот Бајконур е лидер според бројот на лансирања во текот на една година. 

Сите три дена во Бајконур со мене беше Татјана. „Знаете, имам 43 години. И не знам што ќе биде понатаму. сè е тука, сиот живот е тука. Сфаќам дека таму (во Восточни – заб. авт.) нема да нè земе. Не знам што ќе биде со нас. Точно, велат дека до 2050 година од Бајконур нема во целост да се откажат...“, ме гледа прашално Татјана. Таа е подготвена да замине во Амурската област и да започне сè одново. Повторно. 

Над Бајконур небото е необично црно. И таму работат необични луѓе кои ги запалија ѕвездите на космичката историја на Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња