Жените на писателите: заедно во љубовта, творештвото и смртта

Софија Толстој го препишала целиот текст од романот „Војна и мир“ седум пати. Извор: РИА Новости

Софија Толстој го препишала целиот текст од романот „Војна и мир“ седум пати. Извор: РИА Новости

Зад големите руски писатели стоеле нивните сопруги, кои често им помагале на различни начини – како секретарки, агенти или преведувачи. Токму љубовта кон своите исклучителни мажи им помагала на Софија Толстој, Ана Достоевска и на Вера Набокова да останат среќни и во најтешките животни искушенија.

„Се надевам дека луѓето ќе бидат благи во својот суд за онаа која можеби била премногу слаба да биде сопруга на гениј и на вистински голем човек“Софија Толстој 

Бракот на Софија Берс и грофот Лев Толстој траел 48 години и му помогнал на писателот да ги создаде ремек-делата „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. Се венчале кога Толстој решил да се откаже од своите младешки навики. Истакнатиот писател, бранител на опколениот Севастопољ, ги сакал алкохолот, коцката и жените. Сево ова ѝ го признал на Софија со ветување “Нема да бидам со ниту една жена од нашето село, можеби само во ретки пригоди, која нема да ја барам, но нема ниту да ја спречувам“. Навистина духовито!  

„Срцето ми беше исполнето со сожалување кон Достоевски, кој преживеа вистински пекол во егзил. Мечтаев само да му помогнам на човекот чии романи ги сакав толку многу.“

Ана Достоевска

Софија била изненадена од немаштијата што ја нашла на имотот на Толстој во Јаснаја Пољана. Грофот немал постелнина, а садовите биле стари и оштетени. Освен улогата на сопруга и на мајка, Софија ја презела и обврската да ја води економијата на целиот селски имот. Сепак, многу се радувала што може да му помогне на својот сакан сопруг во творечката работа.  

Таа не била само домаќинка, ами за својот маж работела и како секретарка и како агент, па дури и ги препишувала неговите ракописи. Седум пати го препишала целиот „Војна и мир“, а освен тоа се занимавала со промоција на романите на Толстој, за што еднаш дури и побарала совет од вдовицата на Достоевски. „Никогаш порано немам почувствувано таква интелектуална и морална сила, слобода и способност за творење“, пишувал Толстој во среќните времиња од својот брачен живот. 

Најтешкиот период од бракот дошол кога Толстој пред крајот на својот живот започнал да развива сопствено филозофско учење. Сè уште на својата сопруга ѝ пишувал долги писма исполнети со љубов, иако веќе го отфрлал системот на вредности на семејниот живот и на сопствеништвото. „Не знам каде ни се раздвоија патиштата, но немав сила да го следам неговото учење“, пишува Софија. На крајот, во депресивна состојба, Толстој заминал од својот имот. Софија го нашла на една мала железничка станица каде лежел и набргу починал. Решеноста да го заврши објавувањето на собраните дела на Толстој ѝ помогнала на Софија да се избори со болката. „Се надевам дека луѓето ќе бидат благи во својот суд за онаа која можеби била премногу слаба да биде сопруга на гениј и на вистински голем човек“, напишала таа.

Ана Достоевска


Ана Достоевска има напишано две биографски книги за својот маж – „Дневникот на Ана Достоевска“ (1867) и „Спомените на Ана Достоевска“ Извор: РИА Новости.

Само по еден месец од првата средба, Достоевски ја побарал за жена 20-годишната Ана Сниткина, која работела како негова стенографка. Тоа бил напорен месец, зашто тој морал да го исполни договорот со издавачот, па Ана му помогнала за 25 дена да го заврши романот „Коцкар“ и така да ги задржи правата на сите свои дела, кои инаку би му припаднеле на неговиот алчен издавач. „Срцето ми беше исполнето со сожалување кон Достоевски, кој преживеа вистински пекол во егзил. Мечтаев само да му помогнам на човекот чии романи ги сакав толку многу“, пишува Ана во своите мемоари. Во неа 45-годишниот писател, веќе лишен од сите животни илузии, ја пронашол жената која му била целосно посветена нему и на неговата работа. 

„Се надевам дека луѓето ќе бидат благи во својот суд за онаа која можеби била премногу слаба да биде сопруга на гениј и на вистински голем човек.“

Софија Толстој

Како и многу негови ликови и Достоевски бил страстен коцкар. Откако се оженил, морал со семејството да избега од Русија, зашто заемодавците го барале за долгови. Но, и во Европа продолжил да се коцка, па повремено во залог морал да ги дава дури и фустаните и накитот на својата сопруга. Ана сметала дека неговата коцкарска страст е болест, а не страст. Во една пригода му ги дала последните пари што ги имале, иако во тоа време добиле ќерка. Искреноста на оваа постапка го разоружила Достоевски – сфатил дека Ана како личност е „посилна и подлабока одошто мислел“. Парите ги прокоцкал, но на својата сопруга ѝ ветил две работи: никогаш повеќе нема да се коцка и ќе ја направи среќна жена. Обете ветувања ги исполнил. 

Достоевски своите најзначајни романи ги напишал со помош на Ана, неговата сродна душа, која му помагала работејќи како секретарка. Кога ќе ѝ диктирал текст, не можела да остане рамнодушна кон судбините на литературните ликови, па понекогаш дури и плачела. За време на последните години од животот на писателот на крајот успеале да се изборат со финансиските проблеми, а најзаслужна за тоа била Ана која го презела водењето на семејниот буџет. Неговата смрт не ја угасила љубовта што ја чувствувала кон Достоевски. Во целост се посветила на објавување на неговите дела и на одржување на музејот на писателот. Никогаш не се премажила, зборувајќи со иронија: „За кого би можела да се омажам по Достоевски? Можеби за Толстој?“ 

Вера Набокова


По смртта на Набоков, Вера седела по шест часа дневно на машината за пишување и ги преведувала неговите романи. Извор: Getty Images / Fotobank.

Вера Слоним во 1925 година во Берлин се омажила за Владимир Набоков, писател кој ветувал и чија поезија уште тогаш била високо ценета. Ќерката на еврејски адвокат и синот на познат руски политичар пребегале од СССР, најпрво во Германија, а потоа во Франција и во САД. Нивниот брак бил толку складен, што тоа ги иритирало роднините на Набоков – тој само на Вера ѝ верувал во целост, така што таа им пишувала на издавачите и одговарала во негово име. Дури и дневниците ги воделе во иста тетратка. 

Ерофеев и Памук добитници на наградата „Табернакул“
Вчеравечер на сцената на новиот објект на Македонскиот народен театар беше врачена литературната награда „Табернакул“, која од минатата година почна да се доделува и ветува дека ќе стане традиционална. Годинашни лауреати се рускиот писател, есеист и критичар Виктор Владимирович Ерофеев и турскиот нобеловец Орхан Памук. „Руска реч на македонски“ го проследи овој мошне важен настан за македонската култура.

Набокови во јавност секогаш се појавувале заедно. За време на предавањата за руската книжевност кои Владимир ги држел на универзитетот Корнел, Вера секогаш седела покрај својот маж. Биле нераздвојни до таа мера, што почнале да се шират гласови дека Вера носи пиштол во чантата, односно дека има улога на телохранител на својот сопруг. Пријателите зборувале дека Вера пишува наместо него, зашто таа секогаш седела покрај машината за пишување додека Набоков никогаш не пишувал на маса. Работел во бањата, во кревет, на задното седиште од автомобилот. „Автомобилот во Америка е единственото мирно место каде нема провев“, изјавил Набоков. Вера била и негов возач, често го возела длабоко во шумата и го оставала таму да пишува во самотија. 

„Без сопругата не би напишал ниту една книга“, велел Набоков. Факт е дека „Лолита“ можеби никогаш и не би била објавена да ја немало Вера која од кантата за отпадоци често ги вадела фрлените ракописи. И двајцата страсно го сакале шахот и ентомологијата. Кога биле на одмор во Италија, Набоков случајно видел пеперуга од редок вид. Според зборовите на очевидците, тој не потрчал по пеперугата, туку побрзал да ја викне својата сопруга за да може да го гледа додека го фаќа овој драгоцен инсект. 

Во писмата до пријателите Вера се жалела дека е многу тешко да го наговори Владимир да направи пауза во работата. Но, по неговата смрт и таа го правела истото – во осумдесеттата година од својот живот и по шест часа на ден седела покрај машината за пишување, преведувајќи ги неговите романи и редактирајќи ги преводите. Додека Владимир предавал на Корнел секако дека не носела пиштол. Постојано била со него зашто Владимир само нејзе можел слободно да ѝ зборува за руската литература. Нејзиното присуство на слушателите им давало можност да бидат сведоци на извонредните предавања на писателот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња