Олимписки викенд: Злато во шорт-трек и скелетон, хокејски разочарувања, „космички медали“

Највисоката награда руската репрезентација во шорт-трек на Олимписките игри ја добива за првпат. Извор: Владимир Пресња / РИА Новости

Највисоката награда руската репрезентација во шорт-трек на Олимписките игри ја добива за првпат. Извор: Владимир Пресња / РИА Новости

За време на викендов репрезентацијата на Русија успеа да извојува два златни медала: Виктор Ан се покажа во шорт-трек, а Александар Третјаков во скелетон. Хокејската репрезентација засега не ги радува натпреварувачите со своите резултати: поразот од Американците и тешката победа над репрезентацијата на Словачка оставаат место за прашалници.

„Космички медали“ 

Во саботата спортистите на Олимпијадата ги очекуваше мало изненадување. Составот на медалите кои беа предвидени за врачување на скијачите и на лизгачите, беше дополнет со необичен додаток – остатоци од чељабинскиот метеорит, зашто имено во сабота, на 15 февруари се навршува една година од паѓањето на овој космички гостин. Сè на сè за Олимпијадата се направени 50 вакви медали. Спортистите ќе добијат само десет, а останатите ќе бидат изложени во музеј и понатаму можат да се најдат во приватни колекции. 

Шорт-трек 

Во саботата Русија одеднаш го зеде и златото и среброто во шорт-трек на 1.000 метри. Највисоката награда руската репрезентација во оваа дисциплина на Олимписките игри ја добива за првпат. Својата победа во трката ја одржа легендата Виктор Ан. Во финалето натурализираниот Кореец покажа резултат од 1.25,33. Втор на финишот дојде Владимир Григорјев. Бронзата му припадна на Холанѓанецот Шинки Кнегту. Третиот руски учесник Семјон Елистаров финишираше шести. 

Очекувавме повеќе
14 февруари не им донесе на Русите големи успеси: бронза за националната репрезентација извојува скелетонистката Елена Никитина. Сепак, квалификациските натпреварувања во другите видови спорт им дава надеж на Русите за олимписки успеси во следните денови.

За Виктор Ан, кој сега е веќе сопственик на 4 олимписки златни медали, оваа награда е особена, вели тој. 

„Поминаа осум години откако го освоив своето прво олимписко злато. Денес бев многу нервозен, однатре чувствував толку многу емоции, што беше тешко сето тоа да се држи во себе. Сè уште не можам да поверувам дека победив. Да бидам искрен, денес голем впечаток ми остави поддршката на публиката. Како аплаудираа навивачите – тоа беше едноставно неверојатно!“, ни ги кажа своите впечатоци Виктор Ан. 

Скелетон 

За Русите златен стана и скелетонот. Победата во оваа дисциплина ја извојува спортистот од Краснојарск Александар Третјаков. Олимпиското сребро му припадна на Мартинс Дукурс од Латвија. Американецот Метју Антуан го освои бронзениот медал. Другите претставници на репрезентацијата на Русија според крајните резултати влегоа во десетката лидери: Сергеј Чудинов беше петти, Никита Трегубов шести. 

Хокеј 

Олимпискиот викенд во Сочи не беше едноставен за руските хокеари. Во саботниот меч против репрезентацијата на САД Русите во неколку серии направија грешки. Основното време на мечот заврши со нерешен резултат од 2:2. На мразот од дворецот „Бољшој“ блескаше капитенот на националната репрезентација Павел Дацјук; тој ги заби двата пака во голот на американскиот голман Квик. Во третиот период рускиот одбранбен играч Фјодор Тјутин заби уште еден пак во голот на репрезентацијата на САД, но судијата не го пресмета овој поен зашто неколку моменти пред ударот голот беше поместен. Петминутната пауза не можеше да натежне на некој од тасовите на вагата. Херој во играта стана Ти Џеј Оши, кој му заби четири пака на голманот на руската репрезентација Сергеј Бобровски. 

По мечот главниот тренер на репрезентацијата на Русија во Хокеј Зинетула Биљалетдинов како и претходно останува смирен и уверен. „Ние направивме заклучоци уште од минатиот меч. Многу недоработени нешта ги исправивме. Дејствувавме поуверено, посигурно. Во целост играта ми се допадна. Засега, секако, ни „куца“ акцијата во мнозинството. Особено боли кога во репрезентацијата има такви добри мајстори, но ќе продолжиме да работиме. Доколку постои импулс, ќе дојдат и резултатите“. 

Во неделата репрезентацијата на Русија играше со репрезентацијата на Словачка. Националната репрезентација, која потроши големи сили во мечот со САД, не успеа да прикаже игра убава за очи. Основното време од мечот заврши со нерешен резултат. Од руските хокеари може да се издвои само голманот Семјон Варламов, кој одби голем број удари за време на мечот.. Словаците не можеа да го „отпечатат“ голот на руската репрезентација. Русите, пак, своите напади ги искористија многу подобро: се истакнаа Александар Радулов и Иљја Коваљчук. Резултатот од мечот со Словаците не ѝ дозволи на репрезентацијата директно да влезе во четвртина финалето: за да се влезе во најдобрата осумка Русите ќе треба да се борат со Норвежаните.

Марија Комисарова се повреди 

Руската натпреварувачка Марија Комисарова на 15 февруари за време на тренингот на олимписката траса во крос се здоби со тешка повреда – фрактура на ‘рбетот со изместување. Неопходната операција за поставување метален имплант на спортистката ѝ беше направена во Сочи. Операцијата траеше 6.5 часа. Сега Марија Комисарова се наоѓа во една од клиниките на Минхен, каде беше пренесена со специјален лет, известуваат од прес-службата на Олимпискиот комитет. Во Германија спортистката ќе го помине своето лекување. Некаде по две недели на Марија ќе ѝ биде направена втора, рехабилитациска, операција. 

Штафетни трки на скии 

Единствениот медал во неделата за руската репрезентација ја донесоа скијачите. Среброто машката штафета ја зеде рускиот квартет Дмитриј Јапаров, Александар Бесмертних, Александар Легков и Максим Вилегжанин. Златниот медал го освоија шведските спортисти, кои уверено лидираа за време на сите етапи, додека бронзата им припадна на француските спортисти.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња