Зад кулисите на олимпиското шоу

Сè на сè на проектот работеа 12.000 луѓе од 17 националности од сите континенти на планетава. Извор: Григориј Сисоев / РИА Новости

Сè на сè на проектот работеа 12.000 луѓе од 17 националности од сите континенти на планетава. Извор: Григориј Сисоев / РИА Новости

Свечената церемонија на отворањето на Олимпијадата, чии сведоци беа повеќе од три милијарди гледачи низ целиот свет, беше одржана на територијата на стадионот „Фишт“ во Олимпискиот парк на Сочи.

Сценариото на грандиозниот перформанс „Соништа за Русија“ до последниот ден беа држени во најстрога тајна. Сè на сè на проектот работеа 12.000 луѓе од 17 националности од сите континенти на планетава. „Руска реч на македонски“ побараа коментари од луѓето што го подготвуваа шоуто. 

Андреј Насоновски, извршен продуцент на церемонијата 

„За церемонијата се подготвувавме две години. Тоа е многу малку за еден настан кој е толку голем. Церемонијата беше беспрекорна од техничка гледна точка – уникатен систем на движење на сценографијата, 385 дигалки, полиња со должина од 2.5 километри – 40-илјадниот стадион стана огромен театар, на кој му нема рамен на светот“.

ЗОИ и нивните маскоти
Во историјата на зимските Олимписки игри имаше многу популарни и впечатливи маскоти. Останаа запаметени австрискиот снешко Олимпијамандл, канадските поларни мечиња Хајди и Хоуди, францускиот гном Межик, сараевскиот Волчко, јапонските утки Сноулет. Трите маскоти на Зимските олимписки игри во Сочи, снежниот леопард, белото мече и зајакот, се на пат да го заземат заслуженото место на списокот на најомилени маскоти на зимските олимписки игри.

Џејмс Ли, технички продуцент на церемонијата 

„Без оглед на бројните предизвици со кои се соочивме, техничкиот тим успеа да го постигне невозможното на церемонијата и да ја реализира визијата. Со најголемиот антенски систем за испорака и со најиновативните техники се покажа дека церемонијата на отворањето на Олимпијадата во Сочи е досега невидена“. 

Стадионот „Фишт“, кој својот назив го има добиено во чест на еден од врвовите на Кавкаскиот планински ‘рт, изненадува не само со своите размери, туку и со оригиналниот надворешен изглед – оддалеку ова здание со сина светлина навистина изгледа како да е планина од мраз. 40 илјади гледачи кои беа собрани тука станаа сведоци на мултимедијално шоу од огромни размери, чија основна задача беше да му раскаже на светот за Русија – за нејзината култура, традиции, за нејзините жители. 

Андреј Болотенко,  режисер, автор на сценариото 

„Сакавме да ја раскажеме историјата на нашата огромна земја онака како што никој досега тоа не го направил. Ние сакаме оние 3 милијарди жители да ја видат големината и разнообразноста на Русија со очите на дете – главната хероина на церемонијата, малото девојче Љубов. Девојчето стана извесен вид метафора за широката женска душа на Русија“. 

Патувајќи низ соништата на малата хероина, гледачите, заедно со Љубов, променија неколку географски региони, станаа сведоци на главните настани во историјата на Русија, се сретнаа со легендарни личности. Не можевме да поминеме без симболите кои традиционално асоцираат на нашата земја. Огромната светликава тројка под самата купола на стадионот; православниот храм кој е изграден „од целиот свет“; првите воени бродови на Петар Велики; основањето на Санкт Петербург и, секако, легендарниот руски балет. Појавувањето на скулптурата „Работник и колхозница“ – симбол на советската епоха – на трибините предизвика бурни емоции. Возот и огромните метални конструкции зборуваа за грандиозните технички достигнувања од тие години. Советската автомобилска индустрија, помодарите, Хрушчовото затоплување, песната од филмот „Москва не им верува на солзите“ – со еден збор, Русите имаа на што да се сетат и да почувствуваат носталгија. Но, колку странските гости ги сфатија овие „знаци на времето“? 

Марк, Канада 

„Најграндиозното во шоуто беше парниот воз. Целата оваа епизода – масовната сцена, светлото, музиката – мислам дека тоа е симбол на СССР. Мошне впечатливо“. 

Сесил, Швајцарија 

„Куполите на православните цркви се познати низ целиот свет, а кога прозвучи руската песна (песната „Кострома“ заб. ред.), веднаш сфатив дека навистина се наоѓаме во Русија! А, потоа сето тоа одлета в небо – апсолутно восхитување!“ 

Иван, Полска 

„Очекував дека ќе биде грандиозно, но толку восхитувачко шоу едноставно не можев да си замислам. Дури и ми е тешко да кажам што најмногу ми се допадна... Мислам дека тоа беше финалниот огномет. Инаку, со другарите планираме да ја посетиме и церемонијата на затворањето на Олимпијадата. Се надевам дека ќе видам уште пограндиозно шоу“. 

Деталите за церемонијата на затворањето на Олимпијадата остануваат тајна до 23 февруари.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња