Во седумдесеттите години од минатиот век советските инженери се обидоа да утврдат која е максималната брзина на возот, ако му се додаде... млазен мотор. Проектот така и го нарекоа: „Брз вагон – лабораторија“. Идејата за тоа дека и возовите можат да „летаат“ им ги опседнуваше умовите на научниците во текот на целиот дваесетти век. Веднаш ќе ви откриеме: сѐ им тргна од рака. Тоа беше вагон кој „лета“ по шините со брзина од 250 километри на час. Сепак, не дојде до негово сериско производство. Зошто? И каква беше неговата конструкција?
Советските инженери за првпат пред сто години се обидоа да направат вагон да „лета“ по шините. Тоа беше кога Валеријан Абаковски, обичен возач од градот Тамбов (460 километри од Москва), ги убеди надлежните да го пуштат во Тамбовската железничка работилница и тука на почетокот на дваесеттите години самиот го конструираше аеровагонот. Тој, имено буквално за вагонот прицврсти пропелер и на него постави авионски мотор.
Вагонот на Абаковски можеше да постигне максинална брзина од 140 километри на час, што за тоа време беше незамисливо. До летото 1921 година проектот успешно мина над три илјади километри, беше признат како успешен и беше решено да се користи за брз превоз на особено значајни личности.
Утрото на 23 јули 1921 година Абаковски со делегацијата во која беа странски комунисти тргна во посета на советските рудари. Патувањето мина без проблеми, аеровагонот се движеше со брзина од 40 до 45 километри на час. Меѓутоа, на враќање, делегацијата реши возењето да се забрза. Постигнувајќи 85 километри на час, аеровагонот со сета брзина излета од шините и се „разлета на парчиња“. Од 22 лица во вагонот загинаа шестмина.
„Брзиот вагон-лабораторија“ беше втор советски обид да се направи брз воз. Беше од особено значење зашто во истиот период, во 1966 година, слични испитувања се вршеа во САД. Со проектот под шифрата М-497 и со назив „Black Beetle“ се занимаваше њујоршката централна железница. Тие постигнаа брзина на возот од 296 километри на час при тежина на возот од 51,3 тони.
Советскиот Сојуз одлучи да не заостанува зад Америка. Во текот на шеесеттите години од минатиот век Калининскиот завод за производство на вагони работеше на сопствена конструкција на брз воз на база на електричниот ЕР22. Нему му беа додадени два мотори АИ-25. Овие мотори инаку се применуваа на тогаш најновиот авион Јак-40.
За да се намали отпорот на воздухот, на вагонот беа поставени преден и заден спојлер. Исто така во голема мера беа унапредени кочниците, со оглед на тоа што требаше да издржат огромен притисок. Тестирањата се правеа во аеродинамичка цевка, поради што беа направени 15 различни макети на вагонот.
Вагонот беше завршен на 20 октомври 1970 година. Беше тежок 59 тони, од кои 6 тони беа резерва на керозин. За само 10-15 секунди постигнуваше брзина од 50 километри на час, а неговата максимална брзина беше 249 километри на час. Сепак, од него не беше направен првиот брз воз во СССР.
Постоеја неколку причини за тоа. Како прво, за брз воз беше неопходно значајно да се унапредат железничките пруги. За да се избегне разлетување ситен камен кој ги покриваше пругите, требаше истиот целосно да се замени со бетон.
Како второ, беше потребна промена на терминалот. Железничките станици мораа да се преместат на значителна оддалеченост од станбените квартови поради високото ниво на бучава.
Тогаш беше одлучено дека поради новите пруги и новите станици проектот е економски неисплатлив, иако не е неупотреблив. Програмата за „Брз вагон-лабораторија“ беше затворен во 1975 година, со оценка дека во целост ги има остварено своите цели. Вагонот на млазен погон беше значаен извор на информации за однесувањето на композиции при големи брзини.
Набргу овие резултати беа искористени за создавање брзи патнички возови „Руска тројка“. Кога станува збор за самиот „Брз вагон-лабораторија“, тој беше напуштен и оставен да зарѓа на станицата Дорошиха во Твер.
На него повторно се сетија дури во 2008 година. Предниот дел од вагонот со млазен мотор беше отсечен, обоен и поставен како спомен-плоча во чест на 110-годишнината од основањето на Тверскиот (некогашен Калинински) завод за производство на вагони.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче