Која снајперска пушка може да ја замени советската СВД?

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Тоа може да биде првата воена снајперска пушка на која војник среде вооружен судир за една минута може да ѝ ги промени калибарот и огнената моќ.

Руската армија одамна бара нова ефикасна пешадиска снајперска пушка со која ќе го замена застарениот модел СВД направен уште во текот на 60-тите години на минатиот век. Постојат голем број потенцијални кандидати за „новата снајперска ера“. Меѓу нив се снајперската пушка „Чукавин“ (СВЧ) на концернот „Калашников“, Орсис Т-5000, ДВЛ-10 на компанијата Lobaev Arms и полуавтоматската снајперска пушка СК-16, која неодамна се појави и значително се разликува од своите ривали.

Тоа е оружје со модуларна конструкција која овозможува промена на калибарот за време на вооружен конфликт. Пушката се прилагодува „спрема корисникот и во согласност со задачите“ непосредно на бојното поле. Војникот може брзо да ја замени цевката, па дури и да го промени калибарот, а со тоа и да ја зголеми борбената моќ во согласност со моменталните потреби.

Предности и маани

СК-16 има нишан поставен на челична шина „Пикатини“, која служи и за прицврстување на цевката и механизмот на затворачот. Слично решение е применето и кај моделот АКВ-521 (прочитајте за тоа во оваа статија на порталот Russia Beyond). За да се смени калибарот „во полски услови“, не е потребно повторно да се пука.

„Оваа функција овозможува во текот на борбата на самото место значително да се зголеми или намали борбената моќ на оружјето. Пушката може да има калибар .308 Win или надграден калибар .338 LM. Со тоа е овозможено да се зголеми (или намали) далечината на гаѓањето од 600 на 1800 метри. Така се добиени две пушки во една“, изјави за Russia Beyond Иван Крудрјашов, поранешен снајперист на спецназот.

На снајперистите во руската армија ќе им биде интересно што полуавтоматскиот модел СК-16 дејствува по автоматски принцип.

Кај ова оружје цевката е прицврстена само на нишанската шина, така што ниту предниот ракофат ниту гасниот механизам не влијаат врз неа за време на стрелбата. Кај моделот СК-16, собирачот на притисок за автоматско дејство доаѓа по системот за ослободување на барутните гасови и со самото тоа целосно се елиминира вибрацијата на цевката кога куршумот се движи низ неа.

Ракофатот не го следи носачот на затворачот за време на стрелбата, но во случај на заглавување на куршум, овозможува тој безбедно да се фиксира и исфрли.

Следната функција е отворот за исфрлање на чаурата и од десната и од левата страна со регулатор на правецот на исфрлање на чаурата. Со оваа функција е далеку полесно да се отвори оган од затворени простории како што се автомобили или прозорско окно. Оваа опција е особено скапоцена за левораките снајперисти.

Највпечатлива карактеристика на конструкцијата е враќањето на цевката и сандакот со ракофат. Тоа се применува широко кај артилериските орудија, како и кај олимписките пиштоли и пушки, но е исклучително ретко кога станува збор за воено стрелечко оружје.

Сите овие функции имаат за цел да го минимизираат поместувањето на цевката и нишанот по секој истрел. Идеална варијанта е кога снајперистот јасно го гледа резултатот од гаѓањето и може брзо да нанишани и да истрела. Крстот на нишанот не треба да се движи од целта по истрелот. Само таква тактика гарантира максимална ефикасност на стрелбата на автоматската пушка.

Дали ова ќе биде главната пушка на руските снајперисти?

Експертите се скептични во врска со шансите на моделот СК-16 да стане главна пешадиска снајперска пушка во наредниот период.

„Пешадиската снајперска пушка не треба да биде комплицирана. Таа треба да биде цврста, да поднесува прашина и вода, да биде едноставна за ракување и ефикасно да ги ликвидира непријателите на растојание од 500 метри. СК-16 е чувствително оружје. Бара правилно ракување. Со неа не може да се ракува непрофесионално“, рече Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“.

Според него, пушката СК-16 би можела да биде одличен додаток во арсеналот на единиците на спецназот, или ново омилено оружје на цивилите кои професионално се занимаваат со стрелаштво. Тој смета дека оваа пушка не е за слабо обучени војници.