Тестирањето на снајперската пушка од нова генерација „Угољок“ почнува наредната година

Слободан Ѓукиќ
На државните тестирања ќе бидат проверени параметрите на пушката како што се нејзиниот ефективен дострел, сигурноста и прецизноста на гаѓањето, како и ефикасноста на новите типови панцирна муниција на кои се работи интензивно.

Ова на новинарите на веб-порталот РГ им го соопшти информативната служба на Државната корпорација „Ростех“. Централниот научно-истражувачки институт за прецизна машиноградба пристапи кон комплетирање на опитните модели на ова оружје. Кога ќе бидат готови, ќе почне следната етапа – предсериските тестирања.

На државните тестирања ќе бидат проверени параметрите на пушката како што се нејзиниот ефективен дострел, сигурноста и прецизноста на гаѓањето, како и ефикасноста на новите типови панцирна муниција на кои се работи интензивно.

Претпоставките се дека новата пушка нема да користи само домашна муниција, туку ќе може да дејствува и со калибри карактеристични за НАТО: .308 Winchester (7,62х51 мм) и .338 Lapua Magnum (8,6х70 мм). Исто така, планирана е интеграција на најмодерни нишани кај снајперските пушки од новата генерација „Угољок“.

Станува збор за снајперско оружје кое по 50 години употреба конечно ќе ги замени застарените полуавтоматски пушки „Драгунов“ - СВД. Главната задача на основното снајперско оружје од новата генерација на руската армија ќе биде остварување високи стандарди на прецизност на растојанија над 800 метри, како и самата конструкциска едноставност, сигурност и издржливост на оружјето во услови на најсурова експлоатација.

На почетокот на наредната година се планира почеток на државните тестирања на новиот руски снајперски комплекс „Угољок“.

„Во моментов работиме на комплетирање на прототипските модели за прелиминарните тестирања. Карактеристика на овој снајперски комплекс е потпирањето врз примената на исклучиво домашни компоненти, муниција и нишани“, изјави за веб-порталот РИА „Новости“ Бекан Оздоев, директорот на производство на комплексите вооружување во рамките на државната корпорација „Ростех“.

Неодамна главниот конструктор на борбена опрема на ЦНИИточмаш (исто така дел од корпорацијата „Ростех“) Игор Некрасов изјави дека во рамките на работата над проектот „Угољок“ се планира производство на нов барутен прав и муниција со НАТО-стандард (.308 и .338 ), како и на нова пушка и нишани.

Главното снајперско оружје на руската армија веќе 50 години наназад е познатата полуавтоматска пушка „Драгунов“ - СВД. Дел од безбедносните сили користи и снајперска пушка Т-5000 „Точност“, додека останатите модели беа набавувани во релативно мали количини.

Според информациите што можат да се прочитаат во отворени извори, во рамките на опитно-конструкторската работа над снајперското оружје „Угољок“, се тестираат шест пушки со различни механизми: по две од ЦКИБ, две од ЦНИИточмаш и две од „Калашников“. Главната разлика на новиот комплекс во однос на снајперската пушка СВД ќе биде зголемениот ефективен дострел/прецизноста. Ако снајперската пушка „Драгунов“ беше предвидена за уништување цел со просечна човечка големина на далечина од 500-800 метри, новиот снајперски комплекс „Угољок“ ќе мора да ја изврши истата задача на растојанија преку 800 метри.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња