Русија нема една, ами неколку вакцини за КОВИД-19! Во што е разликата и дали се безбедни?

AP
Во Русија е регистрирана првата вакцина за КОВИД-19 на светот, но таа не е единствената што во Русија има стасано до фазата на клинички испитувања. Освен тоа, се поставуваат многубројни прашања кога станува збор за нивната безбедност. Ќе одговориме на некои од нив.

Колку вакцини има Русија?

Во светот вкупно се работи на околу 150 вакцини за КОВИД-19, а според раководителот на Федералната инспекција во сферата на заштитата на правата на потрошувачите и доброто на човекот (Роспотребнадзор) Ана Попова, од нив 26 варијанти доаѓаат од Русија. Но, сите тие не се сосема различни видови вакцина. По правило, тоа се проекти на исти институти и меѓусебно се разликуваат само по некои нијанси.

Во Русија до фаза на клинички испитувања стасаа две вакцини. Тоа се „Спутник 5“ која е регистрирана како прва на светот и засега нерегистрираната сибирска вакцина „ЕпиВакКорона“

Институт „Гамалеја“

ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Што се знае за првата регистрирана вакцина за КОВИД-19

По што се разликуваат?

„ЕпиВакКорона“ настана во сибирскиот научен центар „Вектор“ кој е основан во 1974 година, пред сè како лабораторија за развој на биолошко оружје под параванот на цивилен институт. Подоцна овој институт стана место за дијагностицирање и за чување на најопасните вируси на планетава, од големи сипаници до ебола. Во суштина тоа е воен објект. Околу „Вектор“ се наоѓа ограда со бодликава жица висока два метри, на неговата територија се поставени противтенковски препреки, а на местото за набљудување се наоѓаат стражари со автоматски пушки. Токму на ова место направен е првиот тест за откривање коронавирус во Русија и направена е првата фотографија на новиот вирус под микроскоп.

Научен центар „Вектор“

„Вектор“ долго време држеше монопол на детектирањето на коронавирусот, па во оваа институција стасуваа тестовите од целата земја. Со толку импресивна емпириска база, „Вектор“ мошне брзо се вклучи во трката и направи неколку вакцини на различни платформи. „ЕпиВакКорона“ е вакцина на база на вирусни белковини и пептиди. Оваа варијанта подразбира дека овие белковини не се произведуваат во клетките на пациентот, ами се уфрлаат директно во организмот заедно со дополнителни поддржувачки супстанци на кои реагира имуниот систем.

„Спутник 5“ од институтот „Гамалеја“ функционира на поинаков начин. Оваа нешто помалку затворена установа до 2010 година беше под надлежност на Руската академија на науките, а денес е под Министерството за здравство. Нивната вакцина спаѓа во векторските. Тоа значи дека се користи вирус-носител (безопасен вирус), кој како такси го пренесува генот на коронавирусот во клетките. Започнува синтеза на белковини и имуниот систем се „запознава“ со болеста. Според истиот принцип институтот „Гамалеја“ претходно ја креираше вакцината против вирусот на ебола, а во последниве години работеше на вакцина за вирусот МЕРС (коронавирус од 2012 година).

Денес токму околу овие два института се вртат речиси сите државни и приватни спонзори, зашто се сметаше дека токму тие имаат најголеми шанси за успех.

Како течеа тестирањата?

„Спутник 5“ успешно ги мина првата и втората фаза (тие беа споени) на клинички испитувања, при што вакцината беше тестирана на глувци, на ‘рчковци, мајмуни, како и на 76 здрави и посебно одбрани припадници на војската. Секој од нив водеше „дневник на доброволец“ во кој ги бележеше дополнителните појави, како што се покачена температура, осип, црвенило на местото на убодот. Ништо сериозно не беше забележано.

Доброволец во главната воена клиника „Бурденко“

На 12 август започна третата фаза од испитувањата. Се смета дека таа е најдолга зашто на голем примерок можат да се откријат сите малкуверојатни нус-појави. Во неа ќе учествуваат над 2.000 луѓе од Русија, но и од Саудиска Арабија, Бразил, Мексико, Обединетите Арапски Емирати и од други земји. Оваа вакцина е регистрирана во Русија, но, обрнете внимание: „под ограничени услови“.

„ЕпиВакКорона“ засега малку заостанува. Првата и втората фаза од клиничките испитувања започнаа на 27 јули и засега не се завршени. Во нив учествуваат 300 доброволци од 18 до 60 години.

„Вектор“ соопшти дека сите доброволци имаат платено осигурување и добиваат парични средства во износ од 147 илјади рубли (2.000 американски долари), но мораат сите 23 дена да ги минат во стационар, без право на излез. „Можете да шетате само по територијата што му припаѓа на стационарот. Исхрана се обезбедува пет пати дневно“. Оние кои ја минаа строгата селекција (избрани се само сосема здрави кандидати) условите за сместување ги споредуваат со одморалиште, со една разлика што атмосферата во „Вектор“ е „како во вистински бункер“.

Што значи „регистрација под ограничени услови“? А, што ако се покаже дека оваа вакцина е лоша?

Тоа е нешто како привремена и забрзана регистрација. Таа е дозволена во услови на пандемија (во Русија оваа дозвола ја дава владата), кога нема време за заштита од помалкуверојатни ризици, за што би биле потребни огромни и долготрајни истражувања. Овој метод го користат и други истражувачи и контролни органи ширум светот. Обично создавањето и испитувањето на препаратите трае неколку години.

Творецот на „Спутник 5“ Денис Логунов во интервју за „Медуза“ објасни: „Токму сега регистрација под ограничени услови е потребна за во истражувањата да можат да учествуваат луѓе од ризичните групи, зашто ние не планираме со оваа вакцина да ги штитиме здравите луѓе“. По регистрацијата дозволена е вакцинација на лекари и на наставници.

Доколку на голем примерок не се покажат позитивни резултати, регистрацијата се прекинува, а исто така и производството. И дури ако се потврдат ефикасноста и безбедноста, вакцината добива трајна регистрација. Засега масовно производство е планирано за 2021 година, а привремената регистрација важи до 1 јануари 2021 година.

Дали регистрираната вакцина е единствена и никој друг не поседува таква?

„Спутник 5“ има три пандани на светот. Тоа се оксфордската вакцина, кинеската Кансино и вакцината на компанијата Џонсон и Џонсон. Сите тие работат на аденовирусна вакцина, само не со два, ами со еден вектор.

Руската вакцина се дава во две фази: најпрво еден вектор, а потоа вториот. На институтот „Гамалеја“ сметаат дека овој тип е побезбеден. „Ако давате само еден вектор, а тој не се размножува, треба да го вбризгате и вторпат. Истиот вектор не може да го давате, зашто имуниот одговор на него е во акутна фаза. А, човекот не реагира, што се случува кај постарите луѓе“, објаснува Логунов.

Институтот „Гамалеја“

„Гледаме многу критики поради тоа што Русија не објавува никакви податоци, а веќе е регистрирана вакцината и планира да ја продава“.

Навистина, во научната литература засега не се објавени детали за испитувањето на вакцината, како што тоа е вообичаено во целиот свет. Институтот „Гамалеја“ планира да ги објави кога резултатите ќе бидат дефинитивни, а не прелиминарни (имуна реакција, безбедност). И иако сè уште нема причина за загриженост, испитувањето на вакцината не е завршено.

Зошто на Русија воопшто ѝ е потребна друга вакцина, кога веќе постои една? И која од нив е подобра и побезбедна?

Стручњаците во Русија се убедени дека секоја земја треба да има неколку различни вакцини. Освен тоа, ризично е земјата да се потпре на еден препарат кој до крај не е испитан.

Меѓутоа, засега нити една од овие две вакцини, „Спутник 5“ и „ЕпиВакКорона“ нема предизвикано „никакви сериозни несакани реакции“. Експертите од Светската здравствена организација се сложуваат дека Русија има голема традиција во сферата на производство и на примена на вакцини.

И вакцината врз база на аденовирус и пептидната вакцина ги имаат сите шанси да ја докажат својата ефикасност. Векторските вакцини интензивно се користени во деведесеттите години од минатиот век и затоа институтот „Гамалеја“ од сите варијанти го има избрано токму овој тип, поради неговата сигурност. „Изведовме еден куп експерименти и веќе на почетокот беше јасно дека тоа е небо и земја“.

Додека пептидната вакцина, според Попова, позитивно се издвојува од останатите според тоа што во себе не носи биолошки агенс, па со самото тоа е „апсолутно нереактогина“ (не предизвикува реакции). „Оние што вакцината веќе ја примија немаат апсолутно никакви нус-појави. Нема дури ни случај на минимално црвенило на местото на боцнувањето. Кај сите температурата е сосема нормална“, вели таа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња