Кинески медиуми: Доаѓањето на руската „невидлива“ фрегата од класата 22350 е нова епоха во соработка

YouTube
На 23 април се одржа голема смотра на кинески бродови по повод јубилејната 70-годишнина од основањето на кинеската воена морнарица. Според мислењето на бројни експерти, Русија и Кина - овие две пријателски земји би можеле во блиска иднина со заеднички сили да развијат нова генерација невидливи ракетни фрегати.

Покрај проектот на ударниот разорувач „Лидер“ кој во овој момент сè уште се наоѓа во облик на макета, ракетните фрегати од класата 22350 претставуваат најголем руски современ воен брод, кој е направен со помош на „стелтна“ технологија. Покрај тоа, првиот човек на „Обединетата бродоградна корпорација“ Алексеј Рахманов пред две години изјави дека Русија планира врз база на фрегата од класата 22350 да развие уште поголем брод кој според својата вкупна димензија и техничко-тактички карактеристики ќе биде во рангот на разорувачи.

Рахманов исто така рече дека модернизираната ракетна фрегата од класата 22350 ќе биде градена според најсовремени стандарди кои ќе дадат нови можности кога станува збор за вкупната огнена моќ на бродот, но и ќе се зголеми нивото на неговата стелтност/невидливост. Бродовите со ваква способност во целост одговараат на концепцијата за развој на кинеската воена морнарица, така што двете држави можат да размислуваат и за идни заеднички развојни проекти.

„Адмирал на Флотата на Советскиот Сојуз Горшков“ е првата фрегата од класата 22350 која претставува воен брод кој дава сосема нови способности на руската воена морнарица. Нејзини очи се радарската станица опремена со фазирана антенска решетка од моделот „Фурке – Е/2С (Е/Ф)“ која има способност на оддалеченост од 300 километри истовремено да следи околу 400 воздушни и 50 површински цели на водата. Како пример, индискиот разорувач „Калкута“ е исто така опремен со радарска станица со фазирана антенска решетка од моделот EL/M-2248 MF-STAR, која во радиус од 200 километри може максимално да следи до 250 цели кои се наоѓаат во воздушниот простор и на површината на водата.

Вооружувањето на руската ракетна фрегата од класата 22350 се состои од 32 ракетни лансери во состав на ПВО од комплексот „Редут“ и 16 ракетни лансери од комплексот во состав на ударниот комплекс „Калибр-НК“.

Противвоздушниот систем „Редут“ може во своите багажници да носи ракети со голем дострел 48Н6 (бродска верзија на системот С-300ПМУ или на С-400), ракети 9М96Е со среден дострел 9М100 (бродска верзија на ракетата Р-77) или ракети со краток дострел 9М100 (бродска варијанта на ракетата Р-73). Лансерите за комплексот „Калибр-НК“ се вооружени со противбродски суперсонични ракети „Јахонт“, како и со противбродска варијанта на ракетата „Калибр“ која ќе има мошне поголем дострел. Покрај ракетите, на фрегатата се наоѓа и артилериско оружје АК-192 со калибар од 130 милиметри.

За разлика од руските фрегати од класата 22350, кинеската фрегата од класата 054А нема доволно добро развиена ПВО компонента на бродот. На него се наоѓа артилериско оружје со калибар од 76 милиметри, а за разлика од руската фрегата постојат големи разлики и во радарско-електронската опременост на бродот. Но, во споредба со разорувачите од класата 052Д и 055, кои во голем број единици се наоѓаат во кинеските поморски сили, фрегатата 052 А воопшто не е толку лошо вооружена. Но, тоа не е доволно во услови на модерна војна.

Излегува дека бродовите од класата 22350 опремени со далекустрелни радари и со современи ракетни борбени средства делумно ќе ги извршуваат задачите кои се специфични за разорувачите. Денес сè повеќе се оди на зголемување на универзалноста на современиот ракетен брод кој мора да извршува задачи кои, на пример, ја надминуваат рамката на стандардната ракетна фрегата. Таа мора да биде подеднакво способна ефикасно да делува против воздушните цели со широк спектар, но и да остварува далекустрелни удари по поморски, но и по копнени цели на непријателот. Токму за толку широк опсег задачи моментално е пофункционална концепцијата на руската ракетна фрегата од класата 22350.

Извесна е заедничката работа на развој на ракетна фрегата-разорувач со депласман од 8.000 тони

Значи, и Русија и Кина ги имаат освоено технологиите на современите стелтни ракетни фрегати кои според определени процени ќе ја сочинуваат „срцевината“ на поморските сили кои ќе бидат составени од површински бродови. Понатамошниот развој на ракетната технологија која ќе се одликува со усвојување нови проектили со хиперсонични карактеристики со рапиден напредок на радарско-електронскиот систем со елементи на „вештачка интелигенција“, сè повеќе ќе се фаворизираат малите и агилни концепти на површински пловила кои можат незабележливо да се „прикрадат“ и да остварат поразувачки удари врз непријателот на оддалеченост поголема од 1.000 километри.

Токму ова е една од клучните причини зошто Русите на одбележувањето на јубилејот на кинеската воена морнарица го испратија својот најквалитетен површински воен брод. Треба да се има предвид дека Русите веќе го разработија проектот на ракетна фрегата од класата 22350М. Според воените експерти, таа според своите димензии ќе биде значително поголема од своите претходници.

Се споменува дека нејзиниот вкупен депласман ќе изнесува цели 8.000 тони што ги надминува стандардите кои се поврзани за ваков вид бродови. Ова ќе отвори дополнителен простор за интеграција на најсовремената борбена техника и вооружување. Треба да се очекува дека бродовите ќе бидат вооружени со перспективни универзални крстосувачки ракети со хиперсонични карактеристики (ракети „Циркон“), како и со најновата модификација на ракетата „Калибр-М“ со двојно поголем дострел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња